Бројот на инфекции со морбили зголемен за 300 проценти
16 април 2019Во првиот квартал на 2019 година се регистрирани 112.000 случаи на заболени од морбили, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Тоа се 300 проценти повеќе заболени отколку во истиот период претходната година, наведува СЗО.
Овие податоци сѐ уште се нецелосни, но „може да се препознае развојот на ситуацијата“, оцени оваа организација, која е под капата на Обединетите нации. Покрај дополнителните информации кои сѐ уште се очекуваат, постојат и случаи на заболени кои не се јавиле на лекар, па не се ниту регистрирани. Податоците за заболени доаѓаат од над 170 земји во светот, односно од седум земји повеќе отколку во првиот квартал на 2018 година.
Особено голем пораст на заболени од мали сипаници има во Демократска Република Конго, Етиопија, Судан, Мјанмар, Филипини, Тајланд, Грузија, Казахстан и Украина. Повеќе од 95% од смртните случаи се регистрирани во сиромашни земји со лоша здравствена инфраструктура. Меѓу починатите има голем број деца.
Наместо вакцинирање - дезинформирање
СЗО си постави за цел до 2020 година да ги искорени морбилите во најмалку пет од вкупно шест региони во светот. Тоа што во моментов болеста бележи обратен тренд, според СЗО, се должи меѓу другото на ниската стапка на вакцинирани лица. Кампањите со обучени тимови и исправни вакцини се и натаму тешко спроведливи во периферните региони и онаму каде што се во тек конфликти. Освен тоа, во некои земји се намалува и довербата во имунизацијата. СЗО се жали дека наместо да се водат кампањи за вакцинирање, населението е подложено на целно дезинформирање.
Како последица на заболување со морбили во 2017 година починаа 110.000 луѓе ширум светот.
Повеќе:
Само деца вакцинирани од морбили можат во градинка и училиште
Популизмот ги храни сипаниците
Кампањите против вакцините го земаат данокот
Македонските здравствени власти денеска донесоа одлука за прогласување епидемија на морбили на територијата на цела држава. Според официјалните податоци, вкупниот број на заразени во земјата е 961, од кои 682 од Скопје.
Во Германија во изминатите години бројките на заболени се движеа помеѓу неколку стотини и неколку илјади. Во 2018 година од морбили заболеле 514 лица, соопшти институтот „Роберт Кох“ (РКИ). Уделот на лица кои имаат добиено две дози вакцини против морбили, согласно препораките на РКИ, со години е константен и изнесува 93%. Покраината Бранденбург предлага воведување задолжително вакцинирање, со што се согласуваат уште неколку германски покраини. Доколку се воведе задолжителна вакцинација, таа би важела на територијата на цела држава.