Ватикан со историска промена поради коронавирусот
7 март 2020Папата Франциско наредните два јавни благослови ќе ги упати преку видео- порака за да се спречи собирање на верниците како мерка на претпазливост против ширењето на коронавирусот.
Како што денеска објави Ватикан, папата традиционалниот неделен благослов нема да го упати од прозорот на плоштадот Свети Петар во Ватикан, како што инаку е вообичаено, туку тој ќе биде снимен во Апостолската палата и ќе се емитува како лајв-стрим преку повеќе канали.
Мерките имаат за цел да се избегне ризикот од ширење на вирусот меѓу групи луѓе за време на безбедносните проверки на верниците на влезот на плоштадот Свети Петар. И генералната аудиенција во среда треба да се одржи на ист начин. Како што објави Ватикан, папата утринските молитвни ќе ги служи во гостинската куќа Света Марта до 15 март, без учество на верниците.
Повеќе:
-Ќе стигне ли вакцината против коронавирусот навреме?
-Дали е коронавирусот многу подолго заразен?
-Коронавирусот „се крие“ и во тоалети и спални соби
Со тоа Ватикан ги следи упатствата на италијанската влада, која забрани собири на кои учесниците не можат да го одржат одредено минимално растојание од еден метар. Италија е една од најпогодените земји од новиот коронавирус со преку 4600 заразени луѓе и близу 200 починати. И Ватикан вчера го потврди првиот случај на коронавирус.
Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни уште во четвртокот објави дека се планирани дополнителни мерки за заштита од натамошно ширење на вирусот. Откако Апостолската библиотека и неколку архиви објавија во петокот дека ќе бидат затворени следната недела, изменетата пладневна молитва во недела и генералната аудиенција во среда се дополнителни мерки. Базиликата „Свети Петар“ и музеите на Ватикан сè уште се отворени; но како и насекаде во Рим, бројот на посетители драстично се намали.