Верските слободи во Македонија главно се почитуваат
21 мај 2013Во извештајот на Стејт департментот за изминатата година одбележано е петкратното убиство на Македонци на Велипеток кај Смиљковско Езеро, а наведени се и нападите врз цркви во Струга и Тетово по карневалот во Вевчани. Од случаите на попречување на слободата на вероисповед, извештајот ги наведува тешкотиите со кои некои верски групи се соочуваат при официјалното регистрирање пред судот во Скопје. Наведено е дека во текот на 2012 година судот одобрил само една нова верска група, сунитската организација Ехли Сунет Вел Џема, со што вкупниот број регистрирани верски заедници изнесува 30. Воедно се посочува и на соопштението од Комисијата за односи со верските заедници дека нема други поднесени апликации.
За поднесокот на Бектешката заедница на Македонија дека не може да дојде во посед на Теќето во Тетово, кое е окупирано од страна на Исламската верска заедница, се посочува оти се чека на одлука во Врховниот суд. Наведено е дека бектешите пријавуваат и закани упатени од другите исламски заедници, кои не ги признаваат бектешите како одделна група.
Извештајот се осврнува и на непризнавањето на Македонската православна црква од страна на Српската православна црква, и проблемите во односите со Охридската архиепископија призната од страна на српската црква, како и судењето на нејзиниот водач Јован Вранишковски.
Од регионот, сериозни критики во извештајот на Стејт департментот се упатени на адреса на Грција, која се обвинува за промовирање на Грчката православна црква како де факто официјална религија, напади врз Турците и имигрантите – муслимани, забрани за градење џамии и враќање на антисемитизмот, особено откако пратеник на неонацистичката група Златна зора читаше од антисемитската книга Протоколите на старците на Цион среде грчкиот Парламент.
Извештајот бележи дискриминација и насилство во земјите, од етаблираните демократии до крајните диктатури. Владите низ светот и понатаму апсат, притвораат, мачат и дури убиваат луѓе поради нивните верски ставови. Во многу места, владите не ги заштитуваат малцинствата од социјална дискриминација и насилство. Извештајот ги идентификува глобалните проблеми на дискриминација и насилство против верските групи, вклучително бахаите, будистите, хиндусите, евреите, христијаните, муслиманите и сиките.
Еден загрижувачки тренд во овој извештај е потенцијалниот раст на анти- семитизмот, изјави државниот секретар на САД Џон Кери при претставувањето на Извештајот вчера во Вашингтон.